Деновиве, во вториот годинашен број, реномираното мултикултурно списание „Ламед“ со седиште во Израел, објави расказ на нашиот писател Томислав Османли. Станува збор за електронско списание што почна да се издава во 2008 година, чиј главен уредник е истакнатиот белградски автор Иван Л. Ниниќ, кој одамна веќе живее и работи во градот Нетанија, во Израел. Списанието излегува двојазично; месечно на српски јазик, а со четири броја годишно и на англиски јазик.
Објавената проза на македонскиот писател е дел од неговата широко афирмирана прозна збирка јудео-балкански раскази и новели насловена „Светилка за Ханука“. Таа за првпат е публикувана во 2008 година, па и самата е современик на списанието во кое сега, по внимателен избор на уредникот, деновиве е објавена новелата „Рабинот и искуството на жртвувањето“. Новелата го следи внатрешното дијахрониско доживување на еден фиктивен лик, рабин на Монастирлитската или Битолската синагога од Њујорк, при неговиот лет од тој американски мегалополис до Ерусалим и претставуваа соочување на еден образуван духовник свртен кон книгите, со самото искуство на животот што го следи и низ животот, а изненадувачки ќе го дочека и на неговата крајна патувачка дестинација. „Рабинот и искуството на жртвувањето“ е новела полна со историски податоци за смената на бурните времиња и во сефардска Битола и во библиската историја на Ерусалим, знаменитите имиња на учените духовници од македонскиот град, автори на теолошки расправи и толкувања на светите книги, но и на прашањата што жестоко ги наметнува самиот живот. Во неа суптилно се подвлекува разликата меѓу благородните учења на доктрините и фактите на самата тревожна, интимна, но и политичка реалност.
Прозите од оваа прозна книга на Османли се преведени на голем број јазици и во повеќе средини, од Америка и Полска, до Србија, Хрватска, Белгија, Грција и Аргентина.