Животниот пат на Томо Владимирски е уверлив доказ дека соколот не е само јунак птица, која пие вода на Вардарот. Од мали нозе му пристапува на соколарството, а за време на студиите во Белград е избран за началник на Управата на Соколското друштво од Белград, член е на Управниот одбор за изградба на соколски дом и за организирање на првиот соколски слет…

По повод 120 години од раѓањето на еден од основоположниците на македонскиот модернизам

Тукушто започната вистинската зима, 1937-та во Прага. Во градот се тркалаат остатоци од новогодишните празнувања. Пивските кригли ги продолжуваат празнувањата. Во градскиот метеж на Старо Место и Мала Страна е и нашинецот Томо Владимирски. Тој е тука веќе втора година: ем на ликовна специјализација кај прашкиот угледен професор Јаков Обровски во Уметничката академија, ем да го почувствува „шмекот“ на тукашната живејачка, да талка по улиците по кои талкале Муха, Кафка, Хашек… Да го слуша и наслуша жуборот на В’лтава, најубаво опеаната река во опусот на Сметана, да се насладува на музиката од делата на Моцарт, Дворжак. Се разбира, одвреме-навреме да го почувствува и магнетот на носталгијата, на првото зачекорување во светот на сликарството и првите поуки од зографот Димитар Андонов Папрадишки.
Новогодишните празници во Прага брзо минуваат, оддалеку се насетуваат злокобните ветришта од соседна Германија, а Владимирски трескавично ја подготвува својата прва изложба во Прага. Местото на одржување – познато на сите што прочекориле во Малостранска: домот на Тирш, угледниот иницијатор и предводник на прашкото соколарство – Михиова палата на Ујезд, тукуречи на неколку доскоци до В’лтава.
Соколарството не било волонтерско ,,убивање на времето“, постоела вистинска организација со идеологија, со соколска воспитна методика, со стручни кадри, соколска просвета и стручен печат. Затоа и станало масовно движење на другите словенски територии, па и во западноевропските земји и во САД. Основната жица сепак била – панславистичка. Соколани имало и во Македонија: Скопје, Битола, Куманово, Штип… Некои од тие зданија сега се театри, а само некои, особено во Чешка, станале пивници, места на мерење на издржливоста на пивопијците. Најзначајна соколска манифестација биле слетовите, кои ја зголемувале масовноста на движењето. Сесловенските соколски слетови традиционално се одржувале во Прага, често во деновите на големите црковни празници.
Животниот пат на Томо Владимирски е уверлив доказ дека соколот не е само јунак птица, која пие вода на Вардарот. Од мали нозе му пристапува на соколарството, а за време на студиите во Белград е избран за началник на Управата на Соколското друштво од Белград, член е на Управниот одбор за изградба на соколски дом и за организирање на првиот соколски слет…
Првпат престојува во Прага во 1932 година, кога учествува во изградбата на југословенскиот соколски павилјон на големиот сесловенски слет одржан во чест на стогодишнината од раѓањето на апостолот на соколарството, д-р Мирослав Тирш. Така што доаѓањето на сликарска специјализација во Прага за Владимирски било нешто сосема обично, но и сосема прилично. Не е баш шега ако се каже дека во Прага тој приложил двоен доказ за себе и за својот народ дека знае и да лета и да слика.
Прашкото деби на Томо Владимирски било повеќе од успешно. Неговите дела биле примени со големи симпатии од одбраната публика и критика, а ако се суди и по оној другиот критериум – откупот на сликите, Владимирски поминал одлично. Вреди да остане запишано дека платното ,,Мотив од Велес“ е откупено од Кралската галерија во Прага.


Не е познато дека Владимирски и во Прага се занимавал со соколарство. Попрво ќе биде дека тој „занает“ веќе го испекол во Белград и дека во Прага целосно им се посветил на тајните на сликарството, за што сведочи неговиот подоцнежен ликовен опус на еден од основоположниците на современото македонско сликарство – и како сликар, и како сценограф, и како педагог. Особен е неговиот придонес во областа на сценографијата, каде што постигнал извонредни остварувања.
Неговата основоположничка улога во модерното македонско сликарство особено доаѓа до израз во театарскиот живот на Скопје – пред и по Втората светска војна. За тоа сведочи и фактот дека Томо Владимирски целиот работен век го поминал во Македонскиот народен театар, подготвувајќи сценографски решенија за многу драмски, оперски и балетски претстави. Жуборот на Вардар и Радика, неговите трајни преокупации, преку неговите дела е присутен во многу музејски и приватни збирки во Македонија и во светот.
Ах, да: традицијата на соколарството во Чешка уште се негува. Македонија треба секогаш да има на ум дека нејзиниот сокол Томо Владимирски се вивнал во височините на сликарската уметност и од бреговите на В’лтава. Една ретроспективна изложба на Владимирски секако би претставувала висок лет на македонската ликовна уметност и култура воопшто.

Ристо Лазаров