Осврт кон книгата „Вообразби: лирски етиди за некој друг свет“ на поетот Бранко Цветкоски, книгоиздателство „Макавеј“, Скопје 2025 г.
Рецензија
Во впечатливото кинематографско сочинение на режисерот Вуди Ален, насловено „Полноќ во Париз“, ликот на Гертруда Штајн ќе ја изговори следнава полнозначна реченица: „Работата на уметникот не е да подлегне на очајот, туку да најде противотров за празнината на постоењето“. Бранко Цветкоски е еден од најпрочуените и најплодотворни македонски поети, уметник од светски глас во упатените поетски кругови, мислител без кого не е можно да се состави мапата на современото македонско јазично творештво. Богатиот опит од животот, самобитниот поетски призив и длабоката наобразба на Бранко Цветкоски ни се откриваат одново, овој пат во еден исцело нов сјај во неговото најново поетско остварување, книгата „Вообразби“. Речено со густ, збиен, јадровит израз, „Вообразби“ на поетот Бранко Цветкоски претставува поезија – противотров за празнината на постоењето.
Оттука, како што во освртот кон „Вообразби“ блескаво ќе забележи Лидија Капушевска-Дракулевска „времето и смртта се сметаат за две доминантни антрополошки одредници во поезијата на Бранко Цветкоски. Овој поет, како што ќе каже самиот, преку зборовите и магијата на нивните споеви сака да му се противстави на устројството на светот“, но, исто така, и ќе додаде дека „поетот е оној што има моќ да патува со поетската реч наместо со компас – назад и напред во времето, постојано преминувајќи го прагот на животот и смртта“.
Поезијата на Бранко Цветкоски го изискува подвигот на познанието, неговите стихови ги осветлуваат скриените и невидливи агли, изненадуваат и истовремено исполнуваат со прашања и со нови преносни значења на зборовите. И јазикот на Бранко Цветкоски, како што истакнува Матеја Матевски, ги допира „меѓите на една скоро херметичка недосегливост“, проникнувајќи го со светлината за која се потребни извежбани сетила да биде согледана и откриена во значењето, кое поетот ѝ го дава:
„Ја заложив мечтата на сите предци И останав без судбина Но научив трајно својот јазик да го вткаам Во ракописот на светлината“.
Од реченово е јасно дека за да се соочи на еден творечки начин со собитијата што го опкружуваат, поетот Бранко Цветкоски го прави подвигот да го види тоа што не се гледа и храбро да им го пренесе на другите. Во контекст на горенаведените стихови ќе го пренесеме ставот на Ингмар Бергман, кој недвосмислено вели: „Едно е сигурно, опкружени сме со случувања, кои не можеме да ги доловиме со сетилата, но кои постојано влијаат врз нас. Само Поетите, Музичарите и Светителите ни нудат огледала на Непоимливото. Тие виделе, знаеле, разбрале“.
Поетот Бранко Цветкоски во неговата книга „Вообразби“ нуди огледала на непоимливото и тоа, согласно на Иван Гранитски, изразувајќи се, како што веќе е посочено, не само со уметничкото премавнување на еднозначноста на зборовите и аскетското владеење на асоцијативните знаци туку и со оддалечувањето од поетските клишеа и калапи.
Оттука, Душко Наневски умешно ќе забележи дека поезијата на Бранко Цветкоски претставува едно „свртување кон нови истражувања на патиштата на зборот… што се огледува во дистанца од познатото и трагање по нови, необични споеви на зборовите“ и додава дека во стиховите на Бранко Цветкоски има „едно негување на Зборот: не да биде нападен, со вербална плима, туку низ геслото ’срицај со строгост’, да се остави Зборот самиот да ја еманира својата сила“. Тоа го забележува и Јован Котески, кој со еден гномичен израз ќе истакне дека во поезијата на Бранко Цветкоски „низ строг ритам буи и се пресоздава сознанието за вредностите на светот“.
Во една пригода го предочив ставот што се потврдува со книгата „Вообразби“ на поетот Бранко Цветкоски. Имено, тој, со неговото творештво покажува дека поезијата не е секојдневие! Поезијата почнува со одрекување на секојдневието, што воопшто не значи бегство од стварноста туку го означува одбегнувањето на прозаичноста на постоењето. Секојдневието треба да помине низ поезијата за да постане стварност! Токму реченово, со еден густ, јадровит поетски исказ го предочува и поетот Бранко Цветкоски кога вели: „Поезијата не е замена за нашиот замислен живот, таа е негов одек низ времето“.
Епископ Давид (Нинов)