Двотомната студија „Христијанството во црногорскиот духовен и културно-историски идентитет“ на професорот Илија Велев, која „Матица црногорска“ ја објави кон крајот на минатата година, е промовирана во националната библиотека „Ѓурѓе Црнојевиќ“ во Цетиње. За книгата зборуваа историчарот Божидар Шекуларац, политикологот Радован Радоњиќ, претседателот на „Матица црногорска“, Иван Јововиќ, и генералниот секретар на издавачката куќа Иван Ивановиќ, кој ја преведе студијата на црногорски јазик.
– Ова капитално издание на „Матица црногорска“ вклучува интердисциплинарни истражувања за автохтоната генеза и етнографската еманципација на црногорскиот духовен и културно-историски идентитет. Истражувањето во историски континуитет го следи развојот на христијанството низ сите цивилизациски надградби и глобални процеси во епохите, почнувајќи од античката илиродуклијанска субјективност и завршувајќи со црногорскиот национален колективитет на почетокот на 20 век. Изданието фрла светлина врз малку познати и непознати процеси и периоди и истакнува неколку истражувачки одговори на досега нерешени прашања во црногорската наука – соопштија од „Матица црногорска“.
Првиот том има поднаслов „Од појавата на христијанската религија, цивилизација и култура до падот на династијата Војислављевиќ во 1189 година“ (содржи шест поглавја), а вториот е насловен „На раскрсницата на христијанскиот Запад и Исток од почетокот на 13 век до самракот на државата Црна Гора во 1920 година“. Покрај петте поглавја, содржи и список на референци и биобиблиографија на авторот.
Илија Велев (1959) е универзитетски професор, истражувач и литературен творец, редовен професор и научен советник во Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопјe. Автор е на околу 500 научни книги, студии и дела од областите на средновековните студии, византиските студии, палеославистичките студии, историографијата, културолошките студии и науката за литературата. Највисокото признание за научни достигнувања во Република Македонија „Гоце Делчев“ го доби во 2006 година за монографското научно дело „Византиско-македонски литературни врски“ (Скопје, 2005). По повеќе од три децении научноистражувачка работа во областа на кирилометодиевските студии, ја објави „Историја на мaкедонската литература“, том 1, „Средновековна литература“ (Скопје, 2014), за што ја доби наградата на градот Скопјe „13 Ноември“. Велев се потврдува и како автор на ретка комплетна монографија за пансловенските просветители Свети Кирил и Методиј, која беше објавена во 2016 година како комеморативно издание на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопјe. В.Д.