Во Културно-информативниот центар во Скопје, денеска, во 12 часот, здружението на граѓани „Македонида“ ќе ја промовира веб-страницата „Инвентар на средновековни цркви во Скопскиот Регион“. Промотори се д-р Панче Велков, проф. д-р Елизабета Димитрова, м-р Владимир Таневски и Гордана Велков.
Проектот „Инвентар на средновековни цркви во Скопскиот Регион“ е продолжение на проектот „Регистар на средновековни цркви во Охрид и Охридско“, кој беше завршен во 2024 година. Целите на проектот во Скопје се да се популаризира и презентира средновековното културно наследство пред пошироката публика, но сепак овој проект има и едукативна вредност, т.е. преку него јавноста може да научи повеќе за средновековните цркви и манастири во Скопскиот Регион. Хронолошки, црквите датираат од XII до средината на XVI век, опфатени се 16 цркви. Проектот се одвиваше во две фази. Првата фаза беше обезбедување и анализа на постојната литература поврзана со црквите,
при што се увиде дека за дел од црквите недостасуваат истражувања. Втората фаза вклучуваше теренски активности, пишување на текстовите и изработка на самата веб-страница.
Проектот е реализиран со помош на Министерството за култура и туризам на Македонија, Македонската православна црква–Охридска архиепископија – Скопска православна епархија и компанијата „Вендор“, која ја изработи веб-страницата.
– Се надеваме дека во иднина овој проект ќе продолжи, ќе се преведе на странски јазици и ќе се прошири на сите региони и епархии на МПЦ-ОА – истакнуваат творците на проектот.