Министерот за култура и туризам Зоран Љутков ја реализира својата работна посета на општината Струмица, при што најави важни капитални проекти што Министерството ќе ги реализира во следниот период. По завршената средба со локалните власти и културните институции, министерот истакна дека во изминатите месеци е вложен значителен труд во развојот на стратегија за заштита на културното наследство, за да се утврдат приоритети за работа низ цела Македонија.
– Денеска со големо задоволство ги најавувам четирите капитални проекти што ќе започнат годинава во Струмица. Овие проекти не само што ќе ја подобрат инфраструктурата туку и ќе придонесат за зајакнување на нашето културно наследство и подобрување на животот на граѓаните – изјави Љутков.
Првиот проект е конзервација, реставрација и санација на црквата „Свети Кирил и Методиј“. Проектот, кој ќе биде реализиран во соработка со Заводот и музеј Струмица, е од исклучителна важност за локалната заедница. За него ќе бидат обезбедени 15 милиони денари, а распишувањето на јавната набавка ќе започне месецов.
Потоа ќе се работи на довршување на Стариот струмички театар. Овој проект сега повторно е во фокусот на Министерството. За целосната реализација на овој објект се одвоени над 196.000.000 денари.
Меѓу проектите е и поставување покривна конструкција на термалното лекувалиште Бања Банско. Со поддршка од Европската Унија, проектот е веќе одобрен, а за него се предвидени над 25.000.000 денари. Во рамките на проектот ќе биде поставен инфопункт за туристи.
Последен е проектот за конзервација и санација на покривот на манастирот „Св. Леонтиј“ во Водоча. За реализација на проектот, кој е од суштинско значење за историјата на Струмица, ќе бидат одвоени 1.200.000 денари.
Министерот Љутков истакна дека во рамките на посетата остварил работна средба со Драган Маџиров, директорот на центарот за култура „Антон Панов“, при што размениле информации за тековните активности и идните програми.
– Очекувам богата културна програма и зголемување на активностите во Струмица, што ќе доведе до значителен напредок во културниот живот на оваа општина – додаде Љутков.
Со овие проекти Министерството за култура и туризам верува дека ќе се направат значајни чекори кон развојот на културното наследство и подобрувањето на животот на граѓаните во Струмица.