Во неговото ателје, буквално под душекот каде што до последниот ден твореше, успеав да пронајдам дела од повеќе циклуси што досега
не беа јавно изложувани и се непознати за јавноста, за што сведочат и повеќето непотпишани цртежи. Тоа ми беше главната водилка кон реализација на оваа изложба, изјавува Роберт Урошевиќ

„Треба да се љуби уметноста во себе, а не себе во уметноста“ е постхумна ретроспективна изложба на академскиот сликар Предраг Урошевиќ-Пепи, која е поставена во галеријата на МКЦ. Идејата за поставката е да се изложат некои негови досега неприкажани и за јавноста непознати дела.
– Изложбата на Пепи е ретроспективна и содржи дела од повеќе циклуси од неговото творештво, од почетните негови творечки денови со за него препознатливиот циклус „Линија и простор“, преку циклусите „Ин-аут“, „Цртање на животот“, „Геопоетика“, па сѐ до „Енергија во молив“. Во неговото ателје, буквално под душекот каде што до последниот ден твореше, успеав да пронајдам дела од повеќе циклуси што досега не беа јавно изложувани и се непознати за јавноста, за што сведочат и повеќето непотпишани цртежи. Тоа ми беше главната водилка кон реализација на оваа изложба. Собраните дела се различни по техниката и времето на создавање, за што стручната јавност можеби ќе наиде на забелешки, но целта беше пошироката јавност да ги види и да се запознае на нив – истакнува Роберт Урошевиќ.
Изложбата во МКЦ предизвика позитивно ехо и пријатни вибрации.
– Изложбата се закити со многу позитивни реакции, пред сѐ, за делата и идејата да се потсетиме на него и неговиот сликарски пат. На отворањето на изложбата, на едно место по подолго време се собраа многу блиски луѓе, уметници, пријатели и љубители на творештвото на Пепи. Едно сентиментално потсетување, пред сѐ, на личноста на Пепи, а оние што го знаеја се присетија и со насмевка зборуваа за дружбите со него. Како што ми напомена еден негов пријател, кога ќе го видел Пепи, гледал Ангел, Душа, Добрина. А навистина, таков беше – споделува Роберт Урошевиќ.
Познавачите на сликарството на Пепи ги карактеризираат неговите дела како репрезент на неговата внатрешна состојба, полни со енергетски набој, креативен немир, длабоко трогателни. Беше голем противник на граѓанската кич-култура и неприкосновен борец против таа појава во уметноста, дополнува Роберт.

– Како што напоменав во повеќе наврати, главна водилка во неговото творештво беше „треба да ја љубиш уметноста во себе, а не себе во уметноста“, истата таа симболично ја отсликува неговата идеја да се сака она внатрешното, талентот за сликарство, свирењето на пијано, пеењето и истото тоа да се сподели со јавноста, а не да се издигне над нив. Веројатно, следејќи ја таа идеја во понатамошниот живот и во неговото творење многу тешко се вклопуваше во секојдневното клише на животот – посочува Урошевиќ.
Уметноста на Предраг Урошевиќ остави неизбришлив белег врз македонското творештво.
– Се надевам дека творештвото на Предраг Урошевиќ е поттик за идните генерации, да се следат внатрешните пориви, креативноста и личното видување на сопствената стварност. Неговата приказна нема среќен крај, но остави длабока трага кон оние што го познаваа – дополнува Роберт Урошевиќ.
Изложбата во МКЦ ќе биде отворена до четврток.


Предраг Урошевиќ-Пепи

Предраг Урошевиќ-Пепи е академски сликар од Скопје. Во 1987 година дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство со сценографија, во класата на професор Родољуб Анастасов. Од 1987 година бил постојан член на ДЛУМ.
– Беше автор што тешко, а веројатно и воопшто не се вклопуваше во институционалните рамки на еден успешен уметник, кои беа наметнати во тоа време. Приказната за Пепи е приказна за уметник што тешко се препознава, а уште потешко се признава неговата посебност. Беше автор свртен кон себе и кон малите минливи работи. Неговата приказна нема среќен крај, туку е приказна на талентиран уметник што не успеа да ги оствари сопствените творечки можности во полна мера, затоа што беше заглавен во нашата провинциска кал – вели Роберт Урошевиќ.
Урошевиќ реализирал 19 самостојни изложби во земјава и во странство. Учествувал на повеќе групни изложби, како и во работата на неколку ликовни колонии. Во текот на 1991/92 има изведено интервенции во простор, во „Кул-парк“ пред Културно-информативниот центар во Скопје. Во 1993 година, по повод 30 години од земјотресот во Скопје, на перонскиот ѕид на Старата железничка станица во Скопје, изработил мурал заедно со Тања Балаќ и со Мирослав Масин. Значајни циклуси од неговото творештво се: „Линија и простор“, „In-Out“, „Геопоетика“, „Цртање на животот“, „Енергија во молив“. Во областа на графичкиот дизајн има изготвено 13 книги (од издавачката продукција на куќите „Комунист“ и „Млад борец“), како и 13 каталози за ликовни изложби.
Почнувајќи од 1997 година работел и во графичката техника, при што за обележување се интересот и успехот што ги постигнал со трите изложби на монотипии, од циклусот „Геопоетика“, одржани во Скопје, Белград и во Куманово. Од 2000 до 2002 бил член на Уметничкиот совет на ДЛУМ. Бил ликовен педагог во клубот при домот на културата „Кочо Рацин“, во период 2001-2002, како и куратор на првата групна изложба на ликовниот клуб, одржана во јули 2002 година.