Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија беше претставена првата книга на бугарски јазик „Небесна пантомима“ од реномираниот македонски поет, есеист и професор Зоран Анчевски. Во присуство на авторот, за книжевните квалитети на книгата говореа: Зоран Пејковски, директор на Македонскиот КИЦ во Софија, Санде Стојчевски, македонски поет и есеист, Весна Ацевска, македонска поетеса, Роман Кисјов, приредувач и преведувач на книгата, и Мартин Христов, управител на бугарската издавачка куќа „Ерго“.
Книгата „Небесна пантомима“, во превод на Роман Кисјов, е првата книга на македонскиот поет Зоран Анчевски во Бугарија, кој досега беше непознат за бугарските читатели. Неговата поезија се покажа како „бела дамка“ во познавањето на современата македонска литература (во случајот – поезија), бидејќи Анчевски е извонреден поет, тој е авторитетно име во својата татковина, но и на меѓународен план. Книгата го претставува најдоброто од неговата поезија. Композициски таа е разделена на седум поетско-тематски циклуси и содржи вкупно 80 песни од различни години, периоди и етапи на неговиот поетски опус, избрани од три негови книги, издадени во Македонија (едната е со избрани песни, а другите две – од последните години). Изданието е потпомогнато од меѓународната книжевна мрежа „Традуки“.
– Примерот на Анчевски, согледан во рамките на развојот на македонската поезија во последните неколку децении, е приказна за обидот да се излезе од традицијата, но и за судбинската условеност да се остане во нејзините граници, кои, притоа, постојано се шират – вели Влада Урошевиќ за книгата.
Според Венко Андоновски, врз примерот на Зоран Анчевски нашата поезија покажува дека […] во поетот на нашата доба проговориле повеќе типови говори и дека семиотичкиот полиглотизам сѐ повеќе станува негов raison d’etre (фр. – смисла на постоењето).