Ѓоре Ѓелев, автор и уметник
На доста традиционални уметности и културни карактеристики, кои низ времето се запоставени или заборавени кај нас, треба да им се даде шанса повторно да заживеат и со тоа да ја одржат културната вредност на македонскиот народ, вели Ѓелев
Уметникот Ѓоре Ѓелев во Ликовниот салон во Велес неодамна ги изложи неговите дела изработени со кинеска калиграфија. Тој се претстави со 30 дела пишувани во различни стилови, кои содржат мудрости од Конфуциј и древната кинеска поезија. Преку четирите богатства на калиграфијата: четката, мастилото, хартијата и каменот за растворање на мастилото, Ѓелев нѐ враќа илјадници години назад во стара Кина.
Ѓоре Ѓелев е роден во Велес, а живее во Скопје. Тој е голем вљубеник во природата. Ѓелев е дипломиран инженер по системски софтвер и работи во индустријата за развој на софтвер. Ги сака пишаниот збор и уметноста. Во слободно време пишува поезија, планинари, слика и вежба кинеска калиграфија. Автор е на стихозбирката „Лиричност од Шекспирова“.
Што Ве поттикна да создадете изложба инспирирана од уникатна и древна уметност како кинеската калиграфија?
– Мојата љубов и потребата постојано да бидам во допир со уметноста ми раѓаат желба за изразување преку pазни креативни форми. Кинеската калиграфија како древна уметност ме импресионираше при самото запознавање со неа. Пред околу пет години дознав дека на институтот „Конфуциј“ се даваат часови по кинеска калиграфија и решив да почнам со нејзино практикување. Оваа уметност е нешто малку познато, несекојдневно кај нас. Преку изложбата сакав да ја претставам нејзината убавина пред љубителите на уметноста во Велес. Најголем поттик и поддршка за реализирање на оваа изложба добив од мојата професорка по кинеска калиграфија Лиу И од институтот „Конфуциј“, која имав среќа да ја запознаам на часовите по кинеска калиграфија. Професорката Лиу е магистерка по кинеска калиграфија и вешта уметница.
Со што Ве фасцинира Вас како уметник кинеската калиграфија?
– Преку четирите богатства на калиграфијата: четката, мастилото, хартијата и каменот за растворање на мастилото, може да се вратиме илјадници години во стара Кина и да допреме до мудростите и стиховите на древните мислители и поети. Посебно чувствена вредност се добива преку доживување на визуелното и мисловното во еден момент, соединување на естетиката на статичноста на знаците и естетиката во движењето на четката на калиграфот, отсликувајќи ја динамиката на природното. Ритамот на пишување на знаците, сосредоточеноста на мислите и присутноста во моментот на раѓање на делото ја јакнат духовноста на самиот калиграф. Двата најбитни моменти во оваа уметност се: првиот при држење на четката во раката, а другиот е допирот на погледот на набљудувачот на црното мастило на суан-хартијата.
Како ги опишувате Вашите дела?
– Изложбата се состои од повеќе од 30 дела напишани на хартија во голем формат. Овој грст калиграфски творби се создадени со разни видови скрипти: службена (чиновничка) скрипта, мала печатна скрипта, полукурзивна (трчачка), како и курзивна (тревна) скрипта. Последната најмногу е ослободена од правила и му дава голема слобода на калиграфот да ја изрази својата уметничка дарба. Сепак, секоја од нив е автентична и го отсликува времето на династиите Чин, Хан, Танг, периоди во кои тие биле создадени. Иако секоја од нив потекнува од пред илјадници години, сите се практикуваат денес. Вакви дела може да се сретнат закачени во многу домови во Кина, каплети со желби за среќа за Кинеската нова година, натписи на продавници, најави за настани и натпревари. При самото отворање на изложбата, делата беа добро прифатени од посетителите. Ми беше големо задоволство да видам голем број пријатели, роднини, поети, уметници, новинари, преставници од културните институции и други љубители на уметноста од Велес. Посебна чест ми претставуваше присуството на кинескиот амбасадор во Македонија, почитуваниот Џанг Ѕуо.
Како се создаваа делата, колку време работевте на нив?
– Некои дела се создаваа спонтано, некои во процесот на изучување на техниките и разните видови писма, некои пак беа изработени специјално за изложбата. Самото време на изработка не е предолго, како што е долг периодот што треба да помине за вештината и способноста за креативно изразување на калиграфот да достигнат соодветно ниво. Се вели дека се потребни две години калиграфот да препишува познати дела од големите мајстори на калиграфијата за да ги изостри своите вештини, па потоа може да пишува самостојно и да си оформи сопствен стил на пишување. Затоа можам да кажам дека оваа изложба е подготвувана повеќе од пет години, иако самиот процес на пишувања на делата е многу пократок и може да се мери во минути или часови за едно дело.
Каков светоглед сакате да ѝ отворите на публиката?
– Преку изучувањето на другите култури, може да се осознаат нови вредностите на сопствената култура. Може да се каже дека тоа е главната порака на оваа изложба, универзалноста и безвременоста на мислите преку изреките од познатите мислители Конфуциј и Лао Це. Во делата се испишани древни кинески мудрости, поговорки и цитати од овие познати мислители, како и стихови од древните прочуени поети од времето на династијата Танг, Ли Баи, Џанг Ѕјо Лин, Вуанг Веи и Су Ши од династијата Сонг. Мислите се актуелни во денешно време и со себе им носат безвременска големина на нивните автори. Како на пример: „кога ќе видите некој што е подобар од вас, учете од него“, „луѓето што се оптимисти за сè, можат да живеат долг и здрав живот“, „ако сакате да видите поголем пејзаж, треба да се искачите на повисок врв“. Или пак присутноста во моментот и соединувањето со природното: „Читањето ќе те доведе во земјата на чистината, затворањето на вратата во собата за учење е како зачекорување во длабока планина“; „Дождовни капки на бамбусот, ветрот во боровите иглички, класична музика. Пареа од чај, сенка од месечината, звук на читањето“ или пак „Искачувањето на планината прави да се чувствувате задоволно; гледањето на водата прави да се чувствувате длабоко“.
Каков белег сакате да оставите со Вашата изложба, какво наследство за македонската уметност, публика?
– Сакам да посочам дека на доста традиционални уметности и културни карактеристика, кои низ времето се запоставени или заборавени кај нас, треба да им се даде шанса повторно да заживеат и со тоа да ја одржат културната вредност на македонскиот народ. Од друга страна, изложба по кинеска калиграфија е сведок на заемното учење меѓу двете култури. И Македонија и Кина имаат уникатни и шаренолика култури и нудат можности за културно надградување. Исто така, сакам оваа изложба да биде поттик за другите автори, уметници да создадат повеќе и подобро од моето остварување и со тоа да се прошири опсегот на уметничко изразување во нашето општество.