Рецензија
- (Кон претставата „Братија“ по драматургија на Пјерсанда ди Матео и Ромео Кастелучи, во режија на Ромео Кастелучи, во продукција на Театарот од Стразбур, фестивалот „Темпорада Алта“ и други копродуценти. Улогите ги играат: Валтер Делакеза, Лука Нава, Серџо Скарлатела и др.)
Ромео Кастелучи е театарски маг, кој својата прагматика ја артикулира преку симболистички констелации, чија значенска структура дијагностицира социјални и политички аномалии правејќи уметничко дело што дејствува прво како порака, а потоа како начин на мислење. Долгогодишен индивидуален уметник, Кастелучи во својата уметничка театрографија има над триесет театарски дела во кои успешно ги вклучува и другите уметности како што е сликарството, вајарството итн. Негиран, но и многу наградуван, овој театарски уметник отвори и други димензии на театарската уметност, која во неговата театрографија познава голем политички и социјален ангажман.
„Братија“ е последната негова театарска претстава што не е подолга од еден час и во која главните актерски чинители се непрофесионалци, додека само тројца се професионални актери. Сочинета од слики, „Братија“ говори за полициската бруталност користејќи слики и настани со библиска содржина, но и референци кон книжевни дела и драмски текстови мотивирани од апсурдот. Главните актери, облечени во американски полициски униформи, ја оформуваат глобалната слика на целата претстава асоцирајќи на настани тематизирани од полициската бруталност низ очите на дете, кое на крајот се стопува во таа униформирана темнина. Овде ми се наметнува една мисла на двојниот пулицеровец Колсон Вајтхед, кој целото свое книжевно дело го посветил на бруталноста на полицијата и генерално, на односот на власта кон обоеното население: „Излегува дека ако пишувате за полициско насилство и злосторства, ако чекате еден месец, тоа ќе се случи повторно, па… Тоа е Америка“. Кастелучи во оваа претстава говори токму за тој циклус на неказнето насилство, на потиснување и нерешавање случаи поврзани со скриената бруталност. Она што фасцинира во оваа претстава, покрај силната импактност на сликите формирани од полициските единици и нивниот терор врз обичниот човек, е референтноста на Кастелучи на личности од книжевноста и филмот како што се Семјуел Бекет и Бастер Китон. Имено, салутирањето на командантот на полициската единица на големата фотографија на Семјуел Бекет и потсетувањето на дејствието на претставата на иронискиот краток филм на Бастер Китон, „Полицајци!“, каде што тој на еден многу циничен начин го разнебитува начинот на владеење на полицијата во тогашна Америка преку страдањето на главниот лик, кој приклучувајќи ѝ се на полициската парада случајно префрлува бомба кон неа дочекувајќи ја од покривот на една зграда, се главните двигатели на целата драматургија. Претставата на Кастелучи нема комичен карактер, но говори со една елегантна иронизација, особено во сцените на проблематизирањето на скриеноста на бруталноста на системот во Америка низ акциите на полицијата. Кастелучи конечно во оваа претстава ја проблематизира и колективната свест, но и релацијата индивидуа–систем. И секако, тоа колку насилството полека незабележливо станува дел од законодавството.
Секако, Семјуел Бекет во некои од своите драми говори за апсурдноста на владејачкиот апарат, повторно низ ирониските сцени што во оваа претстава Кастелучи ги визуализира низ ритуали, кои како да се инспирирани од Бекетовата драматургија.
„Братија“ е претстава за човековиот внатрешен страв и за неговото претопување во дел од системската машинерија. Екстензивноста на сцените од библиските мотиви, па сè до денешната скриена реалност нè потсетува на тоа дека можеби речиси ништо и да не се променило, дека човекот или се крие самиот или некој го крие зад законот, кој никогаш не е негов и за него. Во таа насока, многу е актуелна една сентенца на големиот Лав Толстој, која вели: „За да се уништи владиното насилство, потребно е само едно нешто: луѓето треба да разберат дека чувството на патриотизам, кое само го поддржува тој инструмент на насилство, е грубо, штетно, срамно и лошо чувство и, пред сè, е неморално“. Кастелучи во оваа претстава предупредува дека конечно, одовде започнува инструментализацијата на злото и изолацијата, која, како што вели човековото искуство, е заумна одмазда кон имагинарниот „друг“. „Братија“ има актерски многу јасни пропорции и референци: се движи од човечката наивност и субмисивност кон природата, па сè до рационалноста при прикривањето на злото, кое човекот успева да го формулира во начин на владеење и припадност. Секако, тука е и уште една димензија, а тоа е лагата, која во насилството станува параван, а можеби и засолниште, но како што вели Александар Солженицин: „Насилството може да се прикрие само со лага, а лагата може да се одржи само со насилство“, сентенца чија егзактност Кастелучи и ја контекстуализира низ целата претстава.
Дијалозите на Пјерсанда ди Матео, кои се многу сиромашни, токму како и дијалозите на Бекет, се движат во рамките на нејзината драматуршка поставеност, која не само што е јасна туку е и значенски многу длабока, додека визуелната страна на претставата се движи во темните бои на униформите и контрастно бело оцртаната невиност на старецот и детето, како и на голото тело на „човекот“, костими на Кјара Вентурини, совршено вклопени во едноставната сценографија на Бенедета Брилја каде што доминираат скулптурите низ решенијата на студиото „Пластикарт“, сцена што повеќе препознава празна црна кутија и сценски реквизити.
Една од најдлабоките доминантни во „Братија“ е музичката илустрација на Скот Гибонс, која со себе го носи тој тежок и горчлив вкус на неправдата, музика што навистина плени и одушевува.
На крајот, една од најсигнификантните сцени во претставата е изгубувањето на детето во толпата униформирани лица, која веќе нема никаква строгост и дисциплина со себе, сцена што на еден многу суреалистичен начин зборува за дезориентирањето на моќта, состојба со која, за жал, се соочува сегашното американско општество, но и многу други на европскиот запад. Хана Арент за тоа вели: „Моќта и насилството се спротивности; каде што едното владее апсолутно, другото е отсутно. Насилството се појавува таму каде што моќта е во опасност, но оставена на својот тек, таа завршува со исчезнување на моќта“.
Кастелучи зборува со немуштиот јазик на хуманоста. Се чини затоа во оваа претстава има многу малку текст, исто како што и во горчливиот апсурд на стариот добар Сем има малку зборови, но многу значења. Во својата пиеса „Катастрофа“, посветена на тоталитаризмот и на политичкото затворање на Вацлав Хавел, споменува синтагма „ноќна облека“, која е солуција за соблекувањето на А од страна на Д. Во тие ноќни криења и темни движења, Бекет ја насетил репресијата на новото време и како и на Кастелучи не му требало многу зборови за да го артикулира цинизмот на човековиот распад. „Братија“ е токму тоа, бесловесен реквием за можниот човеков распад во политичкиот и општествен мрак.
Сашо Огненовски
































