Во зората на 9 август 1962 година, откако претходната вечер го слушал својот омилен композитор Шопен и го напишал последниот стих на поемата „Скршена гранка“, починал германско-швајцарскиот книжевник Херман Хесе. Така наведува Франсис Амалфи во „Лексиконот на книжевноста“. Шеесет години подоцна се сеќаваме на големиот автор.
Херман Хесе е роден на 2 јули 1877 година. Родителите му биле строги протестантски мисионери, кои го испратиле во црковно училиште од каде што избегал. Работел како часовничар и браварски помошник, а почнал да студира и теологија, но уште од раната младост близок му бил и светот на книжевноста. Во 1911 година патувал низ Индија, а за време на Првата светска војна работел во Црвениот крст. Имал демократски убедувања и често пишувал пацифистички написи, поради што по завршувањето на војната, во 1919 година, оди во Швајцарија и две години подоцна станува швајцарски државјанин.
До крајот на животот останува во оваа држава, а умира во Монтањоли, Тицино, каде што угостува голем број интелектуалци во прогонство, како Томас Ман и Бертолт Брехт. Го запознал и Карл Густав Јунг, со кого се впушта во неколку психоанализи. Иако живеел во Швајцарија, Хесе претежно објавувал во Германија, а во 1946 година ја добива Нобеловата награда за литература.
Различен од современиците
На почетокот на создавањето на многубројните дела, Хесе бил под влијание на Фридрих Холдерлин, а потоа пишувал следејќи го учењето на Достоевски, Ниче и Фројд. Објавувал лирика во духот на германскиот романтизам, со потенцирање на копнежот за светот на детството. Како што се наведува во дигиталното издание на Хрватската енциклопедија: „Чувството на неусогласеност со околината и отуѓеноста од современиците ја обележува и неговата проза, со која постигна успех во јавноста како мајстор на неоромантизмот, а истовремено со психолошки продлабочен израз. Романите му се тематски и жанровски разнолики, некои се инспирирани од психоанализата и индиската филозофија и митологија, а во сите е присутна потрагата по смислата на животот“.
Воените ужаси, повоената духовна збрка и тешките лични грижи го поттикнуваат авторовото изолирање во самотија, за што сведочи во расказите и романите „Демијан“ (1919), „Клингсоровото последно лето“ (1920) и „Сидарта“ (1922). И во подоцнежниот период од творештвото Хесе настојувал да ги помири умот и нагонот, светот на доживувањата и светот на вредностите, простувајќи се од „стариот светол свет“. Настојувајќи да се ослободи од духовното бреме на минатото, тој ги отфрла предрасудите и табуата, а по новите кризи на уметничката совест, смислата ја бара во спознајните експерименти и искуства на далекоисточната духовност. Потпирајќи се на Фројд, Ниче и Достоевски, Хесе бара излез од личниот хаос и подвоеност во романот „Степскиот волк“ од 1927 година. Се смета дека ова дело е врв на неговото творештво, а станува збор за своевиден психоаналитички дневник и за интимна исповед.
„Степскиот волк“ – критика на модерната цивилизација
„Степскиот волк“ е романизирана критика на модерната цивилизација. Освен со прашањата на идентитетот и индивидуализмот, романот се занимава и со критика на малограѓанштината и на општествените тенденции од повоениот период. Делото на почетокот наиде на незаинтересираност и одбивање. Во САД, во одделни сојузни држави, книгата била забранета во училишните книжарници, поради опишување „сексуални перверзии“ и употреба на дрога. Романот стекнал голема популарност во 1960-тите и 1970-тите години меѓу припадниците на хипи-движењето, кои во Хесе пронашле духовен водач.
Сепак, се смета дека негово главно дело е „Игра на стаклените мониста“ (1943), каде што се соединуваат науката, духовноста и уметноста. Станува збор за своевидна утопија со нагласена критика на современата цивилизација. Дејството на романот се случува во замислената земја Касталија, некаде во Европа, во 23 век. Тоа е држава опкружена со една голема земја, каде што има постојани борби за власт, многу политика и секс, додека Касталија го симболизира интелектуалниот свет. Романот содржи филозофски елементи и прашања, како на пример што е знаење, што е убавина, што е вистина? „Игра на стаклените мониста“ е поврзана и со будистичката филозофија и со источните духовни практики.
„Сидарта“ е инспирирана од будизмот
Хесе нашол инспирација за книгата „Сидарта“ во периодот на настанокот на будизмот. Иако Индија е негова инспирација и иако неговото дело е своевидна ода на оваа земја, „Сидарта“ не е само приказна за Индија туку и приказна за човекот. Историски, Сидарта бил син на браман, припадник на највисоката каста. Целото негово детство и младост биле подготовка за преземањето на улогата на неговиот татко, кој, пак, ја наследил од својот татко, и така редум во минатото. Но Сидарта не е сигурен дали сака да го следи патот на своите предци. Ова е роман за растењето и трагањето по сопствениот идентитет, за судирот на генерациите и односот меѓу татковците и синовите. Делото истовремено говори за пријателството што траело со години и кое, всушност, никогаш не е прекинато, наспроти сите разидувања на мислењата и ставовите. На крајот, тоа е роман и за односите меѓу мажите и жените. Книгата ги преточува духовните размислувања со психоанализата и со филозофијата.
Хесе е автор и на патописи, есеи, но бил и сликар и илустратор на сопствените дела. Други поважни книги му се: „Петер Камензинд“, „Од Индија“, „Враќањето на Заратрустра“, „Поглед во хаосот“, „Нарцис и Златоуст“, „Патување на Исток“, „На трагата на сонот“. Самиот Херман Хесе во една пригода изјавил: „Секогаш сум на страната на угнетените, на обвинетите, на страната на гладните, а не на ситите“.