- (Кон претставата „Сина сенка“ од Брајан Рејнолдс, во режија на Тамара Стојаноска, а во продукција на независниот театар „Златен елец“. Главни улоги: Кристијан Танчевски, Бобан Алексоски, Сара Спиркоска, Мина Јелупиќ Јериниќ, Ане Блажовски, Кристијан Петковски, Стефан Арсиќ)
Сите ние имаме своја должност во судбинските текови на нашето битисување. Она што го иницира недоразбирањето е нашето сфаќање за одлучноста и способноста да се поврземе со другите и да станеме релевантна единка во општеството и во одредена социјална структура. Пиесата на Брајан Рејнолдс, „Сина сенка“, се занимава токму со човечкиот капацитет да го разбере својот долг кон општеството и својот ангажман пред сè кон цивилизацијата што самиот ја креира. Навлегувајќи во неколку општествени структури и појави, овој текст има длабока филозофска сонда, сјајна феноменолошка студија на човечкиот дух и специфична онтолошка присутност. Овде ми се наметнува една сентенца на големиот германски драматичар и поет Јохан Волфганг Гете, која гласи: „Начинот на кој ги гледаш луѓето е начинот на кој се однесуваш со нив, а начинот на кој се однесуваш со нив е она што тие стануваат“. Во оваа пиеса низ медиумската мрежа и мафијашката доминација се отвора голем егзистенцијален проблем: проблемот на опстојувањето на човекот низ фармаколошките соединетости. Колку и да изгледа сето ова наслоено со значења, овие три струи креираат театарски чин, кој одушевува не само со режисерската елоквентност туку и со актерската енергија. Оваа драмска фуга на Брајан Рејнолдс низ призмата на режисерската концепција на Тамара Стојаноска се случува во мракот на црната кутија каде што се обидуваат да преживеат сите оние што ги зафатила бурата на човечката недореченост. Стојаноска контекстуализира една исклучително динамична сценска изведба каде што сите животни ситуации и сите карактери се во едно чистилиште, обидувајќи се да го оправдаат својот животен позив, да не станат жртва на медиумската искривоколченост, но и на интимните несреќи. Филозофски детерминиран, овој концепт сјае со својата компактност, со својата извонредна позиционираност во недефиниран простор, кој можеме да го замислиме и како телевизиско студио, но и како дневна соба, крчма во која се сретнуваат мафијашките босови, ресторан, а и чист, празен простор, кој е место за осамата на Џои Мацони, за неговото лудило и суицидност. Оваа талентирана режисерка на многу чуден начин го доближува драмскиот текст до публиката иако дејствието стриктно се случува во Америка. Џои Мацони е повремено дел од публиката, сите рекламни пасажи постануваат дел од публиката, а публиката станува дел од дејствието препознавајќи ја тажната и сурова емигрантска судбина. Низ тој триаголник, уште на самото влегување, публиката се замешува со актерите чија вознемиреност е само очигледен напор да го исправат патот кон логиката и смиреноста, а тоа вмешување е само почеток на една многу продуктивна и социјално многу силно детерминирана интерактивност. Жестока докрај, до последниот миг, нејзината режисерска поставеност е вивисекција на современото лудило под влијание на медиумите и цивилизациските недоразбирања и небрежности.
На овој сјаен режисерски концепт се приклучува и актерската игра на петте одлични актери и актерки, чии ликови се совршено прецизно исцртани. Овде би го издвоиле ликот на Џои Мацони во интерпретација на Кристијан Танчевски, кој наивноста на ликот ја метаболизира низ неговата неодлучност и внатрешен немир, градејќи комплексен лик, кој обидувајќи се да биде херој станува несреќен антихерој низ чија животна историја се испреплетуваат и другите ликови од пиесата. Тука ќе го споменеме и Бобан Алексоски, кој својот Френки Мацони го одигрува мошне сигурно, вајајќи лик на опасен припадник на подземјето, кој од друга страна, во своите актерски дамари крие и една многу ригидно гротескна комика, која импонира. Кога сме веќе кон прецизното исцртување на ликовите, мораме да го спомнеме и Ане Блажовски, чија одлична креација на Тито Русо, сурова и индолентна појава, ја дополнува со дијаметрално различниот лик на сопственикот на грчкиот ресторан Димитрис, два различни карактера, кои овој особено талентиран актер успева да ги диверзифицира, но и да ги детализира докрај, до последната мимика и движење. Претставата ја разубавуваат и женските ликови: Сара Спиркоска како Лиа Бруно, но и како ликот на водителката на шоуто Сузи Рајт, нè воведува во светот на лажната екстравагантност, на празната блескавост, актерка што има широк талент и која со овие карактери нè потсетува на тоа дека лажниот свет е само дел од нашето живеење и актерка што фарсичниот контекст на својот лик го издигнува до совршенство; Мина Јелушиќ Јериниќ како Марија Мацони, несреќната млада мајка, која ужасната од состојбата на Џои Мацони се обидува да се снајде во светот на жестоката суровост, актерска бравура што одушевува со својата емотивна гама, со сјајното исцизелирање и детализирање на кутрата несреќничка. Во другите улоги настапуваат Кристијан Петковски и Стефан Арсов.
„Сина сенка“ е претстава што импонира и со својата визуелност. Во мракот на црната кутија, нејзината мултифункционалност преку сценографското решение на самата режисерка, нè потсетува на времето што со себе не носи географска позиционираност, на универзалноста на проблемот, на небрежноста и недореченоста, како и на невиноста на жртвите од хуманата дисторзија. Нејзината сценографија, која е изградена од реквизити и сценски детали, нè потсетува на убавината на едноставноста, која ја истакнува слоевитоста не само на драмскиот текст туку и на режисерската концепција. Секако, тука би ја спомнале и функционалната костимографија, која Тамара Стојановска одлично ја усогласува во консултација со актерите и актерките и нивното чувство во прегратките на дејството.
Музичката илустрација на оваа претстава е работена според оригиналната музика на Мајкл Хукер, вообличена низ аранжманите на Лука Тошев, композитор чија динамичност, возбуда и артикулација импонираат и инспирираат, музички простор што со својата динамика ни покажа дека нејзиниот јазик е како актер во самата претстава, музика што е за секој респект.
Големиот француски филозоф Рене Декарт вели: „Но бидејќи, кога се справуваме со она што треба да го направиме, не можеме секогаш да одвоиме време за толку скрупулозно испитување, мора да признаеме дека човечкиот живот е честопати склон кон грешки во врска со одредени работи и дека треба да ја признаеме кршливоста на нашата природа“. И се чини дека, покрај другите теми и определености, драмскиот текст на Брајан Рејнолдс говори и за човечката фрагилност и неможност да се приспособи на светот, кој повремено го најавува својот распад. „Сина сенка“ се занимава со небрежноста како егзистенцијалистички вокабулар искривоколчувајќи го човечкиот, а со тоа и основната способност за комуникација. Социјалниот момент е од круцијално значење, па така, галиматијасот на светот и неговите сè потурбулентни движења може да ни донесат само изненадувања без објаснувања, но не знаеме колку ние како поданици на судбината сме свесни за сето тоа. Независната театарска трупа „Златен елец“ секогаш се занимавала со проекти што отворале големи прашања и му пренесувале многу значајни пораки на човекот. Човекот, креирајќи ја својата судбина, ја формира цивилизациската определеност, која, за жал, во поновата историја е погубна и сè помаглива. „Сината сенка“ предупредува, осудува, отелотворува, но најмногу од сѐ од нас бара да го задржиме светот онаков каков што го замислиле некои подобри од нас, за да остане на некои уште подобри од нив, кои ги очекуваме да дојдат, сега или подоцна.
Рецензија на Сашо Огненовски

































