Во рамките на „Кадар-на“ (Her Frame), денеска во киносалата на „Вардар филм“ во Скопје, со почеток во 14 часот, ќе се одржат проекции на регионални кратки филмови, дел од нив во режија на учеснички на програмата. По проекциите, планирано е да се одржи сесија „Кју енд еј“ со авторките на филмовите.
Филмовите што ќе може да се погледнат се: „Сенките на месечината“ (2025) – во режија на Тина Величковиќ, „Река“ (2024) – во режија на Угљеша Ранисављевиќ, продуцентка е Милена Бркиќ, „Кутии“ (2023) – во режија на Ангела Димеска, „Интермецо“ (2021) – во режија на Вишња Сретеновиќ и „Северен Пол“ (2021) – во режија на Марија Апчевска.
Проектот „Кадар-на“ (Her Frame) го спроведува ИФФК „Браќа Манаки“ заедно со Филмскиот фестивал во Нови Сад, во организација на Културниот центар на Нови Сад од Србија, со цел да инспирира нова генерација жени во креативните индустрии и да придонесе за родовата рамноправност на Западен Балкан, како поддршка на иницијативата за надминување на родовата нерамноправност во филмскиот сектор. За таа цел беше отворен повик за менторска програма за млади филмски работнички што сакаат да се усовршат. По приемот на многубројните пријави од целиот Западен Балкан, избрани беа 16 млади филмски режисерки и медиумски уметници во подем да учествуваат во програмата „Кадар-на“.
Во текот на програмата, учесничките работат со водечки професионалки од филмската индустрија преку онлајн работилници, мастеркласови и индивидуално менторство. Покрај тоа, присуствуваа и на конференциите што се одржуваа како дел од филмските фестивали во Нови Сад и во Битола во текот на септември. Во последната фаза, избраните учеснички ги претставија своите проекти пред менторите, па врз основа на овие презентации беа избрани четири финалистки на програмата „Кадар-на“, кои продолжија да ги развиваат своите проекти преку индивидуални, менторски работилници.
Четирите финалистки се: Ивона Ѓорѓиовска Кузманоска со менторката Сања Поштиќ (Сценарио за анимирани филмови), Тина Величковиќ со менторката Драгана Тешиќ (Продукција и дистрибуција), Ангела Димеска со менторката Дина Дума (Режија) и Вишња Сретеновиќ со менторката Бојана Андриќ (Кинематографија).
Проектот „Кадар-на“ ќе заврши во Нови Сад во средината на ноември, со презентација на четирите проекти пред поширока јавност.
Проектот е поддржан од Британскиот совет во рамките на иницијативата „Култура и креативност за Западен Балкан“ (ЦЦ4ВБс), финансирана од Европската Унија. Програмата има цел да го поттикне регионалниот дијалог преку зајакнување на културните и креативните сектори за да се оствари поголемо социоекономско влијание.


































