Фото: од архивата на ЦИП

Истражувања на Врбјанска Чука

По десетти пат се врши археолошка кампања на локалитетот Врбјанска Чука, која е резултат на континуираната соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата и Заводот и музеј – Прилеп. Целта на мултидисциплинaрното истражување, во кое се вклучени и голем број европски институции, е темелно разбирање на неолитската населба на локалитетот и нејзиното подоцнежно функционирање во антиката и средниот век.
Проучувањата се насочени кон прецизно дефинирање на една од масивните неолитски градби детектирани при геофизичкото скенирање и преку ископувањето во северниот дел на археолошката сонда.
– Овој неолитски објект импресионира со своите димензии, но исто така и со архитектонските обележја и материјалната култура откриена во него. Имено, станува збор за комплексна градба што има долготрајно користење, потврдено преку повеќето обновувања во рамките на нејзиниот габарит. Во неа се присутни неколку глинени структури (сандаци), извонредно зачуван компактен под, како и неколку сада сликани со импресивни орнаменти карактеристични за Пелагонија.

Интересно е што дел од овие садови имаат сликање досега единствено познато во Источна Македонија и дополнително ги потврдува комуникацијата и трговијата меѓу овие два региона во неолитот. Покрај садовите, во рамките на овој објект, но и во неговата околина, откриени се и голем број остатоци од фигурини, антропоморфни модели на куќи, жртвеници, камени секири, кремени алатки, кугли за праќа итн. – велат од Центарот за истражување на предисторијата.
Паралелно со археолошките ископувања, се вршат и археоботанички анализи со стручњаци од Германскиот археолошки институт и Универзитетот во Белград, а во теренската работа учествуваат и студенти од Универзитетот во Базел, Универзитетот „Гоце Делчев“ и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. На овој начин се потврдува интересот на странските институции, но и на младите студенти, за континуирани мултидисциплинарни истражувања и едукации, кои непрестајно се одвиваат во изминатите десетина години. Како резултат на оваа плодна децениска соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата, Заводот и музеј – Прилеп и голем број европски универзитети, во септември ќе се реализира јубилејна изложба во Заводот и музеј – Прилеп, на која ќе се претстават досегашните сознанија за археолошкиот локалитет Врбјанска Чука.
Исто така, и оваа година теренските истражувања на Врбјанска Чука традиционално се завршуваат со концерт на тумбата. Оваа година ќе настапи џез-составот „Некст ту сајленс“, кој за првпат ќе изведе дел од својот репертоар во анплагд-издание. Концертот е дел од континуираната соработка меѓу Прилепскиот џез-викенд, Центарот за истражување на предисторијата и Заводот и музеј – Прилеп, кој, пак, овозможува поинаква перспектива на овој археолошки локалитет.
Овој настан придонесува за поголемо акцентирање на предисториското културно наследство, но и за афирмирање на локaлитетот како можна туристичка одредница, која ќе ги истакне културните потенцијали на Врбјанска Чука и Пелагонија. Ка.М.