Фото: Пиксабеј

Насловот дојде со последната песна „Забел“, што значеше уште еден придонес кон афирмирање на веќе подзаборавени зборови во македонскиот јазик. Збирката влезе во печат

Идеја за отпечатување на стихозбирката „Забел“

Некаде пролетта во 1998 година случајно во кафеаната „Јоле“ во Скопје се среќавам со одамнешен пријател со кого заедно пишувавме во култниот весник „Млад борец“. По срдечната средба, бидејќи не сме се виделе околу десет години, неизбежно беше прашањето каде се наоѓам во овој изминат период. Одговорот беше во моето Крушево, на што соговорникот зачудено ме праша: „Па добро човеку од таму сите бегаат, што правиш таму? Или можеби таму си бидејќи мора да има некој што ќе ја изгаси последната светилка!?“ На тоа јас малку навредено му одговарам дека напротив јас се вратив таму за да призапалам уште некоја светилка, а не да изгасам. По ова тој почна да ми аргументира дека секако во главниот град поголеми се можностите да се објавува литература, а еве, истакна гордо тој, „ти беше надежен поет во осумдесеттите години со освоени многубројни награди, а последната збирка ја имаш објавено во 1988 година. Значи цели десет години ништо не си објавил. Ти си речиси мртов во поетска смисла“. Некако тука го прекинавме разговорот, се префрливме на темата околу неговиот весник и можностите за негова дистрибуција и во Крушево.

***

Заминувајќи од Скопје цело време ми одѕвонуваа неговите зборови: „Ти веќе речиси си мртов во поетска смисла“. Да, навистина во периодот на барање егзистенција објавувањето збирка поезија и не ми беше некој приоритет. Веднаш штом се вратив почнав да пребарувам во нотесите, тетратките, други тефтерчиња, па најдов и неколку записи на салфетки и други парчиња хартија. Кога ги пребројав имаше повеќе од стотина. Да, си реков, па овде има материјал не за една ами и за повеќе збирки. Седнувам да направам еден избор на песни што ќе соодветствуваат во една збирка. Процесот тргна. Изборот падна на четириесетина песни. Така пречукувајќи ги песните на машина за пишување, еден ден кај мене доаѓа Никола Францот, кој прашувајќи што правам, почна да се смее. Па, вели, добро во кој век сме уште да пишуваш на машина. Дај ми ги песните јас ќе ти ги средам на компјутер, а и корица ќе ти осмислам. Важи, велам, и некако со голема радост се впуштам во самиот процес на оформување на збирката. По некој ден, пак случајно, се сретнувам со Христо Мулар, секретар во НКС „Десет дена Крушевска Република“. Неизбежно прашање: „До каде се подготовките за манифестацијата?“ Ми вели дека сѐ е во ред, ќе има богата програма, ама има една ставка за издавачка дејност, но во моментот нема идеја што да се издаде. На тоа како од пушка му одговарам дека подготвувам нова збирка поезија и дека за брзо време ќе биде подготвена за печат. Одлично, вели тој, ете што ќе промовираме оваа година. Значи и издавачот е обезбеден. Во моите размисли се роди уште една нова идеја. Кон збирката да биде приклучен и поговор што секако би значело дека веќе не сум мртов во поезијата. Првиот што ми падна на ум беше почитуваниот мој пријател и колега Венко Андоновски. Му се јавувам и му го испраќам ракописот. По неколку дена по факс ми испраќа текст од шест страници што го насловил „Тивок и важен поет“. Со тоа збирката е комплетирана. Насловот дојде со последната песна „Забел“, што значеше уште еден придонес кон афирмирање на веќе подзаборавени зборови во македонскиот јазик. Збирката влезе во печат.

***

Додека се печати збирката, веќе привршува и месецот јули. Се наближува манифестацијата и почнуваме да размислуваме каква промоција да направиме. Со Христо Мулар разгледуваме неколку варијанти. Мене ми се допаѓа идејата поводот за промовирање на „Забел“ да се искористи како еден мултимедијален перформанс што ќе ги обединува сите крушевчани што дале свој придонес во културата. Започнуваме да ги ставаме на список. Од областа на сликарството дознаваме дека неколкумина аматерски се занимавале со овој вид уметност. Ги запознавам со идејата и сите прифатија да изложат дел од своето творештво. Започнавме со Петар Начески, Матеја Хаџи Лега, Владимир Митаноски и Лидија Андреска. Во контекстот на изложување ги приклучивме и резбарот Ѓоргија Кискоски и уметничките фотографии на Јорго Преш. Христо ми посочува дека во тој период свој настап ќе имаат и пијанистката Јасминка Чакар и флејтистот Никола Атанасов. Отвораме можност да бидат гости и на промоцијата. Освен нив, ги анализираме и сите други што се занимаваат со музика. Се разбира настапот на Христо и неговата гитара се задолжителни. Во средното музичко училиште во тој момент учеа и две крушевски деца, Виктор Илиески – тромбон и Тоше Проески – соло-пеење. Останува да исконтактираме со нив дали ќе прифатат. По некој ден и од двајцата добиваме потврда дека со големо задоволство ќе настапат. Во близината на чаршијата се наоѓа и куќата на познатиот композитор Таки Хрисик. Некако дознаваме дека неговиот внук од ќерка Димитар свири солидно на клавир. Ја среќавам Данче, ќерката на Хрисик, ми потврдува и со задоволство прифаќа. Приближно бројот на учесниците е комплетиран. Останува да се најдат промотор и артисти што ќе ги говорат стиховите. Се слушам со Венко. За жал, Венко не бил во можност да дојде бидејќи веќе бил на годишен одмор некаде во Грција. Ете проблем. Така замислен се движам низ чаршијата и завршувам во слаткарницата каде што редовно го пијам моето утринско кафе, а ова лето речиси секој ден со почитуваниот судија, публицист, општественик и поет Ставре Џиков. Низ разговорот неизбежно се потегна прашањето за промоцијата и за промоторот. Кога му кажувам дека, за жал, Венко не е во можност да дојде и дека сега е проблем за промотор, Џиков се насмеа, и ми вели:, Ја прочитав поезијата, многу ми се допаѓа и јас ќе ти ја промовирам. Но има и уште нешто, се слушнав со актерката Валентина Божиновска и таа ми кажа дека во периодот на манифестацијата таа и актерот Томе Витанов биле ангажирани да ги водат манифестациите и дека особено Валентина инсистира таа да ги чита стиховите бидејќи уште како студентка ги говорела стиховите од твојата прва стихозбирка „Уште нешто“. Конечно олеснување. Сите коцки се наредени. Сѐ што е потребно е договорено. Несомнено има веројатност дека ќе имаме богат настан.

Фото: Пиксабеј

***

Доаѓа 6 август. Ден кога во 1903 беше прогласен познатиот Крушевски манифест. За вечерта е најавена промоција на стихозбирката „Забел“ од Никола Јованоски, промотор е Ставре Џиков, стихови ќе говорат Валентина Божиновска и Томе Витанов. Така стои на плакатот од програмата на „Десет дена Крушевска Република“. Почетокот е во 20 часот, во Музејот на НОВ. Нестрпливо го очекуваме почетокот. Во меѓувреме на неколку паноа се изложија делата на крушевските сликари и резбари, како и уметничките фотографии на Јорго Преш. Од печатницата ги доставуваат испечатените збирки. Во музејот оставаме 500 примероци и со Христо се договараме да ги поделиме бесплатно. Доаѓа вечерта. Целиот музеј се исполнува до последно место. Многумина немаат можност да стигнат до столче. Голем дел од нив стојат дури и во фоајето на музејот. Внатре станува задушливо. Христо го најавува настанот со потенцирање дека со многу нешта оваа вечер е посветена на крушевските уметници. Ставре Џиков ја започнува својата реч со зборовите: „За многу години Илинден, мои мили Крушевчани“. Дава свое толкување на песните од збирката „Забел“ со цитирање делови од поговорот на Венко Андоновски. Илустрациите на песните говорени со прекрасната артистичка изведба на актерите Валентина Божиновска и Томе Витанов му даваат уште поголема длабочина на поетскиот израз. Почнуваат и настапите на музичкиот дел. Јасминка Чакар и Никола Атанасов изведуваат две композиции за пијано и флејта. Малиот Димитар Бошковски со изведба на пијано, Христо Мулар со неговата гитара само ја подгрева атмосферата, доаѓа редот на Виктор Илиески, кој со својот тромбон звучи прекрасно во акустичната сала на музејот. Врв на музичкиот дел е вокалот на Тоше Проески, кој се извини оти поради обврзаност со договор не смее да пее од своите песни, но неговата изведба на познатата „O sole mio“ направи хистерија во публиката. На крајот јас им се заблагодарувам на сите присутни, на сите што учествуваа во оваа прекрасна вечер, ги повикувам присутните да ги погледнат изложените дела на крушевските сликари и резбари и ги почестувам со насловната песна „Забел“. Нашата програма заврши, но публиката не сака да си оди, доаѓаат со примероци од книгата за потпис од авторот и сите со забележително среќни лица ни се обраќаат со барање да има што повеќе вакви настани со крушевски шмек. Кога конечно успеа да се стиши атмосферата, од Христо Мулар дознавам дека сите 500 примероци се разделени, што значи дека и толку публика имало на таа наша крушевска вечер.

Пишува: Никола Јованоски