„Македоника литера“ деновиве ја објави книгата „Либерализмот во Македонија: 1966-1974“ (второ дополнето и проширено издание) од Невен Радически. Пресметките на македонската политичка сцена кон крајот на 1960-тите и во почетокот на 1970-тите години претставувалe дел од политичките пресметки во југословенската федерација и биле рефлексија на сè поизразените национални, економски и политички разлики меѓу републиките и покраините.
– Второто, дополнето и проширено издание на „Либерализмот во Македонија (1966-1974)“ е резултат на моите натамошни проучувања поврзани со оваа тема и, воопшто, со овој период од нашето историско минато. Во трудот се користени објавени и необјавени извори, стручна литература, мемоари и публицистика, кои поради една или друга причина не беа достапни кога работев на првото издание на оваа монографија. Во трудот, со оглед на тоа што станува збор за настани што се повеќе или помалку непосредно поврзани со политичките и општествените процеси што се одвивале во СР Македонија, како и со темата што е предмет на истражување, во III глава се внесени и две нови поглавја посветени на студентските активности на Скопскиот универзитет во 1968 година, односно на демонстрациите на Албанците во Македонија во текот на истата година. Притоа, направени се и извесни измени и приспособувања, кои најчесто сѐ од технички карактер – вели авторот.
Невен Радически (1979 г., Скопје) дипломирал на Институтот за историја на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Од 2011 година е вработен во Институтот за национална историја во Скопје. Се занимава со проучување на историјата на македонскиот народ и на современата македонска држава по Втората светска војна. Негов потесен научен интерес претставуваат општествено-политичките, културните и економските состојби во Македонија и во југословенската федерација (1944–1991).