Збирката раскази „Атакама“ од црногорскиот автор Никола Николиќ излезе во издание на „Арс ламина“, а од црногорски јазик ја преведе Дејан Василевски. Тоа е збирка од петнаесет покуси и подолги раскази, длабоко нурнати во современите појави и проблеми на црногорското, но и на поширокото општество на нашето време. Николиќ директно и крајно отворено ги осветлува темнините за кои обично се молчи. Тој пишува за самоубиство, за прерани болести, за сложени семејни и љубовни врски, но и за тоталитаризмот и за судирот на различните култури. Иако се вика „Атакама“, како чилеанската пустина – едно од најсушните места на светот, збирката на Николиќ бескомпромисно го опфаќа црногорското милје, метафорично потпирајќи се на пустините и сушите во сите нас, на нашите лични, помалку или повеќе скришни „атаками“.
– Атакама е симбол за две крајни ситуации во кои можат да се најдат луѓето. Расказот „Атакама“, по кој е именувана и збирката, го напишав меѓу првите. Настана откако го погледнав документарното ремек-дело на чилеанскиот филмаџија Патрицио Гузман „Носталгија за светлината“, во кое се прикажуваат допирот и комуникацијата на две крајности, две потраги – едната по нови форми на живот, а другата барање на остатоците од жртвите на диктатурата, расеани во пустината. Во расказот се обидов да ја отсликам националната трагедија над која, сепак, се издигнува надежта: жените бараат коски, остатоците од нивните сакани, во сенка на огромните телескопи на астрономите, кои се во потрага по нов живот. Едните бараат доказ (знак) за смртта, а другите за живот. Во мојата приказна се обидов да ги спојам двете крајности, па, така, астрономот ѝ помага на една жена да го пронајде мртвото тело на својот син – вели авторот Николиќ
Николиќ (1989) истакна дека поезијата е најсовршена форма за изразување, но преферира да пишува кратки и долги прозни дела. Иако досега има објавено три романи: „Јазол“ (2011), „Меандра“ (2014) и „Сирени за тревога“ (2019), сепак вели дека расказите му се подрага форма за пишување. Покрај „Атакама“ (во Црна Гора објавен во 2016 година), ја има објавено и збирката „Исечете ги високите дрвја“ (2023). Коавтор е на книгата „2020“ (дневнички записи), со уште петмина автори од бившојугословенските земјите, објавена во Загреб, Белград и во Скопје. Добитник е на наградата „Бихорска Венера“ за краток расказ. Расказите му се преведувани на албански, англиски, италијански, германски и на македонски јазик. Збирката раскази „Атакама“ е преведена и на италијански јазик (2023).