Книгоиздателството „Панили“ ја објави поетската книга „Орфејска година“ од истакнатиот поет, раскажувач, романсиер, сценарист и книжевен преведувач Јован Стрезовски. Во песните од оваа нова поетска книга, Стрезовски, со продлабочен и концизен израз, проникнува во тајните пори на животот. Низ филозофски реминисценции пее за опстојувањето, исчезнувањето и обновувањето, особено нагласувајќи ги дилемите за животниот круг во кој ништо не е конечно.
– Стиховите на Јован Стрезовски произлегуваат од долгата кристализација на поетскиот израз и облик и на суштествен начин ги спојуваат пеењето и мислењето.
Тоа згуснато јадро доаѓа од големото поетско искуство на авторот. Неговиот пев е метафоричен и јадровит, со длабоко промислен исказ и со лирска плавност – истакнува рецензентот на книгата, поетот и книжевен критичар Раде Силјан.
Според Силјан, потрагата по човечката вистина и желбата да се остави трага зад себе ѝ даваат целовитост на поетската книга „Орфејска градина“.
– Поетот е исповедник, растревожен лиричар, пее за душата, за љубовта и за смртта, за сонот и за јавето. Неговата песна е неделива од природата, од велебилјето, од синевината на езерото. Таа е оттргната од народниот бит, од животот, од скриената смисла на секојдневните процеси, расположби и немири, нагласено е во првиот критички одглас за книгата.
„Орфејска градина“ на Стрезовски е достапна за читателите во книжарниците на „Матица македонска“, како и преку е-книжарницата.