„Македоника литера“ неодамна ја објави новелата „Кутриот Дионис“ од романскиот класичен писател Михај Еминеску, во превод од романски јазик на Ирина Кроткова.
„Кутриот Дионис“ од жанровски аспект претставува комбинација од фантазија, историска фантазија, филозофска фикција, филозофска лирика, сатира. Ова прозно дело, класифицирано од науката за литературата како роман, новела или роман бајка, е либерална интерпретација на современата германска филозофија и на антички мотиви, третирајќи теми како патување низ времето и реинкарнација низ објективот на посткантовскиот идеализам. Централниот лик, фантастичен научник, се движи низ времето и низ просторот, меѓу својот мизерен дом, своето претходно постоење како монах во Молдавија од 15 век и своето постоење на повисоко ниво како небесен Зороастер.
„Кутриот Дионис“ на Михај Еминеску е едно од првите фантастични дела во романската литература, првпат објавено во 1872 година, и е едно од најкарактеристичните фантастични дела во романската литература и еден од последните романтични текстови на еминентниот и највлијателен романски поет. Надвор од својот филозофски речник, приказната е интертекстуална почит на Еминеску спрема основоположниците на германскиот романтизам (Е.Т.А. Хофман, Новалис) и модерната француска литература (Теофил Готје). Романската научничка Зое Думитреску-Бушуленга ја опишува „големата новела“ на Еминеску како „едно од најубавите и најпосебните дела на европскиот романтизам“. Луиза Валмарин, италијански филолог, делото на Еминеску го нарекува „единствената филозофска новела создадена од романскиот романтизам“. Меѓу научниците што ја сметаат приказната првенствено за роман, Еуген Ловинеску го опиша и Дионис како еден од првите и најважните протагонисти на жанрот, каков што се развил во Романија. Историчарот и критичар Николае Јорга го сметал делото само за „нечитливо, доколку не би била убавината на секој пасус“.
Михај Еминеску (родено име Михаил Еминовичи; 1850–1889) е романски писател – романтичарски поет, романописец и новинар, кој се смета и се слави за највлијателен и најпознат романски поет, како и прв современ поет во романската литература. Неговите дела имале силно влијание врз романската култура. Николае Јорга, романски историчар, го смета Еминеску за татко на современиот романски јазик, кој влијаел врз романскиот јазик на ист начин како што Шекспир директно влијаел врз англискиот јазик. Еминеску бил прогласен за романски национален поет, не затоа што пишувал во ерата на националната преродба, туку затоа што бил признаен како автор од најголемо значење од страна на Романците од сите покраини. Тој дури и денес се смета за национален поет на Романија, Молдавија, како и на Романците што живеат во украинскиот дел на регионот Буковина. Негови најзначајни дела се поетските книги „Луцифер“, „Ода во античка метрика“, „Страст“, „Имам уште една желба“, „На ѕвездата“ и „Посланија“. Тој во своите песни често користел метафизички, митолошки и историски теми, односно различна тематика – од природа до љубов, од омраза до социјална критика. Поезијата на Еминеску е преведена на повеќе од 60 јазици. Најголемиот дел од неговиот творечки опус е поетски, објавил три прозни книги, меѓу кои е и новелата „Кутриот Дионис“.
































