Во пресрет на одбележувањето на 30-годишнината на дипломатските односи меѓу Македонија и Албанија излезе од печат книгата на Салим Кадри Керими: „Аспекти на југословенско и македонско-албанските односи и соработка (1945 – 1991 – 2000)“
На 24 декември 2023 година се навршуваат 30 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Република Македонија и Република Албанија. Во пресрет на овој значаен јубилеј, деновиве од печат излезе книгата на историчарот и кариерен дипломат во пензија Салим Кадри Керими, под наслов: „Аспекти на југословенско и македонско-албанските односи и соработка (1945-1991-2000)“. Овој труд претставува мемоарско-документаристички приказ на поважни настани во односите и соработката на Југославија, односно Македонија со Албанија, во периодот од 1945 до 1991, односно 2000 година, при што главен акцент е ставен на одделни аспекти на македонско-албанските односи и соработка, како и за поважните настани и состојби во Република Албанија, во 90-тите години на минатиот век. Овој труд всушност е плод на сеќавањата и белешките на самиот автор, како и на одделни податоци што се содржани во разни документи што се чуваат во Архивата на МНР и на Државниот архив на Република Македонија, во Дипломатско-историскиот архив на Министерството за Европа и за надворешни работи на Република Албанија, како и на одделни сознанија и информации што се содржани во релевантната литература на домашни и странски автори и во македонскиот и албанскиот печат. Со други зборови, како што е наведено и во предговорот на оваа книга, овој труд претставува збир на одделни информации, белешки и сеќавања за настани што се случувале во Белград, Скопје, Приштина и во Тирана, чиј сведок на дел од нив, во разни својства, бил и самиот автор на овој труд.
Книгата е поделена во осум засебни глави. На самиот крај на овој труд, во форма на два засебни прилога, на околу 80 страници, се третирани одделни аспекти на потеклото, положбата и статусот на припадниците на Албанците во Македонија, односно на Македонците во Албанија, без претензии за посеопфатно анализирање на третираните и други прашања, проблеми и предизвици со кои, во минатото и сега, се соочувале/соочуваат припадниците на овие две етнички заедници.
Инаку, во осумте глави на овој труд, особено внимание е посветено на следните прашања: албанско-југословенските односи, во периодот меѓу двете светски војни; поважните аспекти на југословенско-албанските односи и соработка, во периодот по Втората светска војна и сè до десолуцијата на СФР Југославија; одделни аспекти на учеството на НР/СР Македонија во југословенско-албанските односи и соработка, во периодот по Втората светска војна и сè до десолуцијата на СФР Југославија; оцените на одделни албански и странски автори за четворицата највлијателни личности на диктаторскиот режим во НР/НСР Албанија – Енвер Хоџа, Неџмие Хоџа, Мехмет Шеху и Рамиз Алиа, како и за личноста на првиот албански „демократ“ – Сали Бериша; поважните аспекти на случувањата во Албанија, на почетокот на 90-тите години на 20 век, со што започна дефинитивното рушење на диктаторскиот режим во Албанија и отворањето на оваа земја кон светот, вклучувајќи и кон Република Македонија; почетокот на новата ера во македонско-албанските односи и соработка; албанските оцени во врска со албанско-македонските односи и соработка во 1990/1991 година; ставот на албанските највисоки раководители во врска со отворањето на Претставништвото на Република Македонија во Тирана; одлуката на Министерскиот совет на Република Албанија во врска со отворањето на ДКП во Скопје; изјавите на највисоките раководители на Република Албанија во врска со признавањето на Република Македонија; приемот на вицепремиерот Беќир Жута кај претседателот Сали Бериша; признавањето на Република Македонија од страна на Република Албанија и воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји; дилемите на некои албански раководители во врска со употребата на уставното име на Република Македонија при признавањето и воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји; официјалните контакти меѓу Република Македонија и Република Албанија во периодот меѓу 1991 и 2000 година; дел од прашањата што беа актуелни во односите и соработката меѓу двете земји во 90-тите години на минатиот век; одделни аспекти на надворешната политика на Република Албанија и некои поважни настани што во оваа соседна земја се случија во периодот од 1992 до 2000 година, вклучувајќи ги и трагичните настани во Албанија во првата половина на 1997 година и др. И сосема на крајот на овој труд се изнесени заклучните согледувања и оцени на авторот во врска со југословенско и македонско-албанските односи и соработка, во периодот од 1945 до 1991, односно до 2000 година.

Во врска со југословенско-албанските односи, од 1943 до јуни 1948 година, според оцената на авторот Салим Кадри Керими, тие биле „братски“, а темелите за тоа биле поставени за време на борбата против заедничкиот непријател, во текот на Втората светска војна. Ваквата оцена ја споделуваат и повеќе автори од двете страни.
Според оцените на авторот на овој труд, во периодот по прекинот на односите (во јуни 1948 година) и сè до десолуцијата на СФР Југославија, нивото на односите и соработката меѓу Југославија и Албанија зависеше пред сѐ од „расположението“ и потребите на Енвер Хоџа.
Оцена на С.К. Керими е дека во т.н. југословенски период, НР/ СР Македонија, пред сè поради нејзиното граничење со Албанија, како и поради албанското население во Македонија и на припадниците на МНМ во Албанија, заедно со САП Косово и СР Црна Гора, беа најголемите партиципиенти во југословенско-албанската соработка, во областа на економијата, водостопанството, сообраќајот, науката, културата, образованието, спортот и други области. Според некои оцени, во тој период, СР Македонија учествуваше со околу 20 отсто од вкупната југословенско-албанска стоковна размена.
Со официјалната посета на делегацијата на Владата на СР Македонија, предводена од премиерот Никола Кљусев (26 јуни 1991 год.), Македонија на тогашните албански раководители и на меѓународната јавност им ја упати недвосмислената порака дека е заинтересирана и подготвена да воспостави пријателски односи и сестрана соработка со соседна Албанија, на рамноправни основи.
По оваа посета и особено по осамостојувањето на Република Македонија, меѓу двете земји започна мошне интензивна комуникација, на билатерален, регионален и меѓународен план, која резултира со признавање на Република Македонија од страна на Албанија, и со воспоставување дипломатски односи меѓу двете земји, на ниво на амбасади. И покрај разликите по одделни прашања од меѓусебните односи, што беа присутни во 90-тите години на минатиот век, во тој период двете земји развиваа мошне интензивна политичка комуникација и плодна соработка во разни области од заемен интерес, заклучува Керими.
Инаку, содржините и настаните што се опишани во книгата се третирани тематски и хронолошки, додека изнесените оцени претставуваат согледувања на авторот, односно истите тие не треба да се толкуваат/сфатат како официјални гледишта/ставови на која и да е институција на Република Македонија, односно на Република Албанија.
Овој труд содржи 703 фусноти, индекс на имињата, список на користените извори и литература, списоци на фотографиите, табелите и кратенките, како и биографски и библиографски податоци за авторот на овој труд. Книгата што е пред нас, за читателите претставува прв труд на македонски јазик во врска со одделните аспекти на односите и соработката на Југославија и Македонија со Албанија во наведениот период. Оцените што се изнесени во неа, меѓу другото, се очекува да побудат интерес за натамошни истражувања во врска со односите и соработката меѓу Југославија и особено меѓу Македонија и Албанија, во различни периоди од историското минато и сегашност. Секоја евентуална оправдана критика, во врска со изнесените оцени и тези или, пак, изнесувањето различни оцени во врска со третираните прашања во овој труд, ќе бидат добредојдени и од голема полза, под услов тие да се конструктивни и издржани.

Салим Кадри Керими е историчар, кариерен дипломат во пензија – истражувач. Тој е роден на 21 март 1950 година, во селото Горна Бела Црква, Општина Ресен, НР Македонија. Основно образование стекнал во родниот крај, средно во гимназиите „Нико Нестор“ во Струга и „Здравко Чочковски“ во Дебар, додека високо образование на Филозофскиот факултет, група историја, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во Скопје. Првите две години од неговата кариера работел како професор по историја во ОУ „Борис Кидрич“, во населбата Сарај – Скопје, а преостанатите околу 35 години (1 јануари 1979 – 21 март 2014) од кариерата ги поминал во Републичкиот секретаријат за меѓународни односи, односно Министерството за надворешни работи на Република Македонија. Во периодот, пак, меѓу 1993 и 2011 година, во три наврати, во својство на советник, односно министер советник, работно бил ангажиран во ДКП на Република Македонија во Тирана – Република Албанија, Анкара – Република Турција и Копенхаген – Кралство Данска, кога истовремено, подолг период, ја вршел и должноста шеф на ДКП на Република Македонија во Анкара и Копенхаген.
К.Р.