Неодамна излезе од печат книгата есеи на албанскиот писател Ариан Лека, „Во потрага по изгубената кошула“, во издание на „Перун артис“ од Битола. Една од најубавите есеистички книги воопшто напишани за транзитивниот период на Албанија и за тоа како тој се прекршува преку духовниот живот на албанските писатели. Обогатена со автобиографски фрагменти на самиот автор тоа е книга што расте како што расте неговата тематска мотивираност, а и на неговиот ангажман, а ангажираните писатели во Европа се оние што ја протресуваат совеста на старата дама, која сè повеќе наликува на хипокритична проститутка. Ариан Лека не пропушта на навлезе во горчливите рецидиви на несфатеноста и компарирајќи ја класиката чија детерминираност во денешните денови само нè одвраќа од надежта за успех, тој многу цврсто предупредува на предвесникот на новата ера – дигитализацијата, која постанува инструмент за преформулирање на човековиот интелектуален простор со голема доза лажно идентитетство.
Неговата поврзаност со книгата уште од најраните години од детството го оформија неговиот ангажман и неговиот критички аспект: „Од сите кошули кои ми се појавија, одбрав. Конечно. Една. Иако воопшто не личи со споменатите кошули овде, таа кошула, секако, останува засолниште и покрив. Дали е соодветната? Не. Ново разочарување. Иако одговара со кожата, таа нуди толку што може да понуди една кошула кога е од хартија, која, како некогаш бабиците, може да ми ја искинат со презир во очите. Животот личи како премин низ лавиринт од настани, кои добиваат значење само ако се објаснуваат со исполнувањето на некоја цел. Некој продолжува да му верува на естетскиот слух на Пруст и се става во потрага по изгубеното време“.
Времето е секогаш на страната на писателот и тоа тече низ него како крвоток. „Во потрага по изгубената кошула“ е потрага по идентитетскиот простор на писателот каде и да бил тој. Токму затоа оваа книга има универзална вредност и ја читаме како пророштво, како претсказание, или можеби како патоказ како да се преброди темниот простор од нашите животи.
Книгата е во превод на Јордана Шемко Георгиевска.