Томислав Османли и Никола Маџиров ја претставуваат македонската литература во грчката антологија „Балкан“
Од 26 до 28 септември, во Грција ќе се одржи важна културна и книжевно-теоретска средба, прв конгрес на интелектуалци, насловена „Меѓубалкански литературни среќавања“ со поднаслов „Разбирајќи го Балканот низ литературата“, настан во чиј пресрет е објавена и антологијата „Б а л к а н – современа книжевна антологија“ (издание на „Маистрос“, Атина, 09.2025). Антологијата, која има 456 страници, е составена од Еви Вулгараки-Писина, Ангелос Калогеропулос и од Димитрис Склирис. Станува збор за уште една, за недолго време објавена јазично комплетна книжевна антологија што опфаќа преводи на грчки, од сите балкански јазици. Таа опфаќа 57 автори и 12 преведувачи што приопштиле литературни дела од Грција, Србија, Романија, Босна и Херцеговина, Македонија, Бугарија, Турција, Кипар, Словенија, Црна Гора, Албанија и од Хрватска. На официјалната најава по азбучен ред и според националните писма на земјите, наброени се главните градови на дванаесетте балкански држави.
Новата книжевна антологија „Балкан – современа книжевна антологија“ вклучи преводи од македонски јазик на творби од двајца наши истакнати автори: Томислав Османли, прозаист, и Никола Маџиров, поет. Преводот на грчки јазик е на Мариа Думба.
Претходно, во соседна Грција беше објавена исто така јазично комплетната „Антологија на балканското расказно творештво“, во која покрај Томислав Османли, составувачот д-р Ставрос Дајос своевремено опфати творби од уште седум прозни автори од нашата литература. Таа антологија е објавена од солунското книгоиздателство „Литератус“ на 428 страници и опфати 71 расказ на плејада балкански прозни дејци од последните два века.
Инаку, тридневната научно-теоретска средба „Меѓубалкански литературни среќавања – Разбирајќи го Балканот низ литературата“ е организирана од асоцијацијата „Меморија и авангарда – отворање нови патишта“, а ќе се одржи во конгресниот центар „Елкиона“, во Алиартос тесалиска Биотија.
Средбата, како и објавата на антологијата се поддржани од Грчкото министерство за култура.