сестрата
Иако студеше, реши да го дојаде стапчето со сусам на клупата во малиот парк пред да се качи кај сестра ѝ. Нејзината зграда беше дел од блокот што го опколуваше паркчето, во кој само две елки стрчеа меѓу дрвјата со голи гранки.
Тишина и мраз, помисли додека го грицкаше стапчето и се присети на човекот од редот кај пекарницата што го искара невнимателниот возач. Иако го лапаше бурекот, имаше префинето лице. Што со годините се издолжува, а не се шири како кај повеќето овдешни мажи. Веројатно и Филип, докторот, во младоста, со меките кадри и светкавите очи, поткрепени со живи гестикулации, бил згоден. Сега полуоќелавен, со окрупнето лице и тромаво тело, но сѐ уште со енергија што се јазеше во неговите понекогаш подналутени дискусии, тој живееше во оваа четирикатница со сестра ѝ Софија.
Живееја во стан на третиот кат, што од кујната, од западната страна, гледаше кон паркчето, но од источната, од спалната – директно на булеварот што мелеше бучава од рано наутро до доцна, доцна во ноќта. Освен бучавата, во ноќите, низ прозорците, и со затворени ролетни, од булеварот во собата навлегуваше дифузно, испрекинато, иритирачко светло. Таа не би можела да го издржи тоа, но на докторот и на сестра ѝ како воопшто да не им пречеше дали е гласно или тивко, светло или мрачно, штом ќе легнеа, веднаш, за помалку од пет минути, заспиваа. За вештината за брзо заспивање кај Софија ѝ беше јасно уште од дете додека растеше со неа во иста соба во Дебар Маало. Софија беше три години постара и како повозрасната сестра преку ден владееше во станот додека родителите беа на работа – правеше што сака, не обраќајќи ѝ премногу внимание на сестричката што се влечкаше по неа, со помешан израз на лицето на опчинетост и навреденост. А кога ќе дојдеше време за спиење, Софија брзо и концентрирано заспиваше.
И подоцна си остана таква. Како гимназијалка, додека другарките послушно ја чекаа, долго се шминкаше пред огледалото, менуваше кармини, дотерувајќи ја косата, за потоа да истрча од станот, следена од смеата и вриската на другарките. Како успешна студентка, со редовно подготвени испити за 10 и 9, веќе почна да размислува за сопруг, убедена дека мора да најде човек по нејзина мера, шармантна, професионално докажана личност, па потоа брзо се омажи и уште побрзо се разведе.
Но ајде, тоа е нејзин живот и таа е нејзината сакана постара сестра, научна советничка во Институтот за социологија, која срдечно ја гушна кога ѝ ја отвори влезната врата и веднаш отрча во работниот „кабинет“ за да продолжи со изработката на својот најнов научен труд што ќе го презентира на меѓународниот собир во Виена.
Внатре, во дневната, докторот, по ноќната смена, се одмораше навален на каучот, гледајќи во мобилниот. – Еј, здраво – ја поздрави, не подигајќи ја главата – Уште не го нашле човекот што исчезна.
– Кој? Каде?
– Тотално си неинформирана. Тука, во Скопје. Одеднаш. Дошол на работа, порано, се затворил во канцеларијата. Кога влегле да го повикаат за состанок, го немало.
– Можеби отишол да купи цигари.
– Нема шанси. Го барале насекаде, дома, кај пријателите, го снемало човекот. Еве помината е цела недела, тоа се случило во понеделник, нема ни трага од него.
ситуации
Од понеделник до среда исчезнувањето на комшијата беше главна тема на пулсирачките разговори во ходниците на зградата и во маалското кафуле „Шаман“. Вестите се ослушнуваа низ пукнатинките на истрагата: полицијата влезе во станот на комшијата, таму пребаруваа со часови и, според пензионираниот сметководител Михајло, кој со жена си, синот, снаата и двете внучиња живееше во станот бр. 6, на вториот кат, под станот на исчезнатиот, оттаму зеле две фотографии, една на која комшијата е сликан разбушавен, во тренерки, а на втората во костим и со вратоврска. – Веројатно заради потребите на службата – прокоментира таксистот Тони, кој со остарената мајка живуркаше во една од ретки куќарки што останаа од пред земјотресот. – А слушнавте ли дека чистачката што ги средувала канцелариите и салата за седници, па не стигнала да гледа наоколу, но додека ги бришела прозорците на салата, видела низ стаклото како долу, од влезот на фирмата излетало некое униформирано лице.
– Од каде ти пак знаеш за тоа? – Ми кажа еден редовен патник, инаку вработен е во полиција. Се разбира, доверливо, да не се шири веста… И уште нешто, демек чистачката изјавила дека тоа лице ја носело некогашната униформа на ЈНА.
Прашањата како забодени чиоди во мистериозната приказна ја ширеа и украсуваа низ маалото, но тогаш се случија Венецуела и киднапирањето на Мадуро и случајот со комшијата постепено паѓаше во втор план.

































