• (Кон претставата „Ифигенија за ништо“ базирана врз „Ифигенија во Авлида“ на Еврипид во адаптација, кореографија и режија на Филип Петковски, а во продукција на Драмскиот театар од Скопје. Улоги: Димитрија Доксевски, Јелена Жугиќ, Стефан Вујисиќ, Филип Трајковиќ, Нина Елзесер)

Една од есенцијалните Еврипидови реплики во неговата „Ифигенија во Авлида“ е: Ниеден смртник никогаш не ги знае среќата и својата добра судбина до самиот крај. Секој се раѓа со својата горчина што го чека. „Ифигенија за ништо“ на Филип Петковски се чини дека е изградена токму од таа горчина. По Елена Тројанска и Јованка Орлеанка, жената во цивилизациската меморија останува како незапамтена жртва затоа што не само трагедијата туку и драмата своите основни постулати ги има токму во недоразбирањето и како дамнешна, но и како модерна инспирација за новите толкувања на старите митови. Додека драматичарите (Гете, Елијаде, Расин, Скарлати) ги превртуваа во своите нови дела толкувањата на оваа историска жртва во пазувите на елинската бесмислена и братоубиствена војна, нашиот, домашен и немотивиран Ахил демне од зад калливите олуци на новата полумрачна реалност полна со смет и стаорци. Лошо сфатениот феминизам на овие простоти си го стори своето: никој веќе не се потпира врз меморијата на женската пожртвуваност туку, напротив, искривените контексти на женската „храброст“ станаа поле за продлабочување на борбата на половите, така што сè друго е само дистопија, која е токму тука, не многу далеку од нас. Токму таа дистописка Ифигенија е полигонот каде што се растегнува концептот на Филип Петковски во претстава во која реториката не е веќе семејна работа, туку е на воените стратези. Неговиот концепт ќе го окарактеризираме како визионерски или можеби меко „пророчки“, затоа што компактноста на целата претстава лежи токму врз погледот напред, во празнината што нè очекува, во недотупавеноста на Агамемнон, промискуитетноста на Клитемнестра, индолентноста на Ифигенија, благата инцестуозност и безобразие на Менелај, отуѓеноста на малиот Орест, а најмногу во лажниот хероизам на Ахил. Овој дистописки ораториум нè потсетува на тоа дека можеби мрачниот „Алфавил“ на Годар е филмски есеј каде што калливите улици се во совршена архитектонска, а и егзистенцијална спрега со геометриски студените хациенди на автократите што пијат вино чие потекло не го знаат и лежат во кревети крај непознати жени. Оваа визура на Петковски поставува и многу важни прашања околу војната, најмногу затоа што денес две војни горат на двете страни од нас и сите наши авторитети, а и ние со нив не продуцираме страв, туку незаинтересираност. Само што жртвата изостанува или никој не би се нафатил да биде херој во време во кое хероите веќе одамна се скриени во прашливите книги на највисоките полици. И тоа е релевантно, логично и театарски точно.

„Ифигенија за ништо“ е претстава што во своите дамари има една есеистичка клица, но и една многу чудна актерска димензија, која сосема соодветствува со храбриот и цврст режисерски концепт на Петковски. Ахил на Стефан Вујисиќ е една од најубавите актерски трансформации во претставата, лик што овој актер со својот талент го создава од храброста на овој древен херој, па до меката субмисивност обложена со бучниот ововременски „мачоизам“. Реторичен, лицемерно „сигурен во себе“, неговиот Ахил е лика и прилика на денешните млади и недоречени антихерои, кои својата неспособност ја сокриваат зад вревливата форма, научена од постовите на Фејсбук. Оваа одлична актерска визуализација станува и координата на целата актерска енергија во претставата, на која се приклучува и сјајната Клитемнестра на Јелена Жугиќ, актерка со значајна вертикала во македонското глумиште, која оваа формално загрижена Клитемнестра мошне умешно и артистички вешто ја става во просторот на женскиот „фанатизам“ и со својата извонредна интерпретација како да ни претскажува едно неподносливо време што надоаѓа, време за кое женскиот хибрис станува сатиричка полемика на која веќе никој не се сеќава. Оваа прекрасна актерска интерпретација е проследена и од симптоматично женствената Ифигенија на Нина Елзесер, која пак, од друга страна, својот добро скроен актерски персоналитет го потопува во смелоста на млада жена што многу брзо се соочува со смртта, претпоставувајќи дека сето ова е „само игра“, донесувајќи ни еден многу амбивалентен лик, како да сака да ни намекне дека во времето во кое „сè е можно“, всушност ништо и не е потребно, па ни војната, и дека залудноста е општ прерогатив. Како нејзин антипод пред, зад, можеби и под креветот, или пак врз масата, ќе го сретнеме малиот Орест, кој постојано е во жешките моменти на видеоигрите, кому всушност не му ги гледаме ни очите, но можеме да ја видиме целата речитост во физичките дејства на Марјан Наумов, талентиран актер што од ова кроки прави сочна и многу забележителна улога. Во целата оваа театарска дистопија во истата гама, мошне соодветно и уверливо дејствуваат и Димитрија Доксевски како Агамемнон, Филип Трајковиќ како Менелај и Томислав Давидовски како Младиот дечко/Светиот елен. „Ифигенија за ништо“ во видувањето на Филип Петковски со себе носи и една лесно гротескна ритуалност, која со ситен трагичен шмек ја развиваат младите актерки: Ања Митиќ, Јована Миладинова, Александра Павлова Бубања, Ивана Павлаковиќ и Јована Спасиќ.

Сценографијата на Мартин Манев со својата геометриска закривеност ни го наметнува чувството на детски исцртана скица, која од друга страна дејствува совршено коктоовски, како неговиот „Орфеј“ да ни ги оставил кубистички провнатите ѕидови во една конструкција на замок што во блиската иднина веќе не е тоа, туку само добро нашминкано засолниште каде што виреат и костимите на Антонија Гугинска Јорданоска и Гордана Божиновска со една лажна блескавост што ни најавува едно време што не сакаме да го дочекаме. Секако, визуелниот момент во претставата има и свој дијалог низ костимите и сцената, кој се води доста консеквентно и соодветствува со актерската игра.
Еврипид, како и другите негови двајца современици трагичари, своите најтрауматични реплики ги натопува со лелеци главно на главните ликови, но во овие парадигматични дијалози тие не се плод на хистерија или неизреклива тага. Тој во еден момент вели: „О, неподвижен закон на небото“, реплика што е апсолутно апликативна на денешното време во кое нашето небо не само што е неподвижно туку никој од нас веќе не го гледа, додека Клитемнестра, кажувајќи ја длабоката вистина дека „нема покајание за никого од нас“, всушност изговорува сентенца што звучи како проклетство на дваесет и првиот век во кој сите сме само безимени актери во игрите на малиот Орест. Веројатно сето „преостанато е молчење“ и е „…за ништо“. Со „ништото“ дваесет века подоцна се занимава Семјуел Бекет, но тоа е веќе опиплива дистопија. „Ифигенија…“ на Филип Петковски, навистина индикативна претстава, говори за онаа неопипливата дистопија, која се шири како визија или, поточно, како неизлечива болест.

Рецензија на Сашо Огненовски