Рецензија
Исклучително отсекогаш многу сум ја ценел јапонската кинематографија. Но не случајно решив денешниот осврт да го посветам на бисерот на јапонската кинематографија, „Доцна пролет“ (1949) на Јасуџиро Озу. Неодамна во јавноста профрчи сомномбулна вест за наметнување брак, која не помина толку добро, а овој филм разработува слична тематика. Драмата на косценаристот и режисер Озу е адаптација на новелата „Татко и ќерки“ на јапонскиот прозаист, книжевен критичар и преведувач Кезуо Хиротсу.
Од ова дело произлезе трилогијата „Доцна пролет“ (1949), „Рано лето“ (1951) и „Приказна од Токио“ (1953), која се наоѓа на солидното трето место на најдобри светски филмови според еминентниот „Сајт енд саунд“. Поделени се мислењата и има доста чести полемики околу тоа дали е подобар неговиот прв филм или третиот. Сепак, за мене, многу е подобар „Приказна од Токио“ бидејќи Јасуџуро Озу фанфарно воскликнува, а не смееме да ги игнорираме родителски молби.
Во трите филма главната улога ѝ е доверена на искусната Сетсуко Хара, која го носи епитетот за најдобра јапонска актерка на сите времиња. Интересен податок за неа е тоа што пред да ја започне соработката со него, зад себе има импресивна бројка на одиграни улоги во 67 филма. За неа се поврзани навистина интересни случки, а една од нив вели дека кога ја прекинала соработката со Озу, става крај и на својата филмска кариера изолирајќи се во близината на својот роднина, игнорирајќи секаков вид публицитет (фотографирање, автограми). Зад овој гест постојат различни шпекулации, една од нив е дека била вљубена во Озу, но оваа вест не е потврдена во целост, па остануваат само претпоставките. Апсурдите се редат како на филмска лента, но за да биде поголема иронијата на судбината Озу не се оженил, а Сетсуко никогаш не стапила во брак. По исцрпниот пролог да се осврнеме на фабулата, по која следува и критичкиот осврт. Некогашниот професор Шукучу (Чишу Рју) води скромен живот со својата млада ќерка Норико (Сетсуко Хара). Таа беспрекорно се грижи за својот татко, кој упорно настојува да ја омажи, мислејќи дека ќе ѝ помине времето ако не побрза. За да ја наметне брачната форца тетка ѝ ги зема конците во свои раце за да ја разубеди во нејзината намера. Норико, пак, мечтае да се омажи со сличен бонвиван како Гари Купер, а слична адорација пројавува и нејзината најдобра пријателка Аја. Озу никогаш не ги криел своите симпатии за американскиот филм; при посетата на Сингапур кога е пратен со задача да сними пропаганден филм, под раце му паѓа ремек-делото „Граѓанинот Кејн“ на Орсон Велс, за кој подоцна ќе изјави дека тоа е најдобриот филм на сите времиња.
Сакајќи да го скрие својот меланхоличен бродолом, Норико оди во посета кај Аја со идеја дека ќе пронајде кај неа знаци на разбирливост или емпатија.
За жал, таа ја покажува својата алчна страна, дотогаш непозната за Норико и ја убедува да се омажи по секоја цена. Потоа за да ѝ ја зоврие повеќе нервозата инаетливо како маска ја убедува да го проба домашниот колач. Од кај неа излегува со кнедла во грлото, а дома се внурнува во океански плач и за првпат ја одбива помошта од татка си. Гестикулативниот перформанс на трансформација на талентираната Сетсуко е една од најдобрите изведби, не само во јапонската туку во целокупната кинематографија воопшто. Чишу Рју е еднакво добар во сите изданија кај Озу, а потврдна квалификација за умешноста и талентот е и учеството во неколку филма кај Акира Куросава.
Сепак, по повеќе одложувања, саможивата тетка успева да ја наметне својата егоистична срж на саможивост кај сензуалната Норико и принудно да стапи во брак, а потоа инфантилно се смее за постигнатиот „успех“. Но се прашуваме или јас се прашувам во каков брак стапи Норико? Во традиционална свадбена церемонија, Норико, во придружба на тетка ѝ и татко ѝ, кој неизмерно го сака милно, прашува кој ќе се грижи понатаму за него со насмевка на лицето. Таа наметната насмевка под оклопот на изнудениот брак, кој следува, притоа да се задоволат сопствените ега и суети е девијантно ерозивна мрша не само за најблиските туку и за целото општество. Кревкото срце на Норико и покрај нејзината согласност не оддава знаци на лична сатисфакција, туку маска од театарската претстава на идентичен начин кога последен пат ја проследи со татко ѝ.
Филмот се одликува со препознатлив стил на одмерени наративни проседеа и содржајни дијалози. Крупните планови се користат претпазливо, камерата е поставена на соодветна височина, при што може да се види и најмалата промена на лицето и секое движење на телото. Остварен е изразено интимистички спокој со елегичност избегнувајќи патетика.
Станува збор за реалистичка ода на средната класа со обични луѓе, односно нивната емотивност. Драматуршки и стилски е структуиран од четири сегменти при што Озу внимателно ги заобиколува патетиката и романтиката. Филмот „Доцна пролет“ не остава рамнодушност во нашите мисли, туку напротив, дошепнува да бидеме внимателни не само при брачниот избор туку во секој значаен сегмент од нашите животи.
Александар Василевски