Има нешто во човековата природа што прави да се вклучи „црвеното светло“ кога ќе слушнеме дека нешто е забрането. Самиот факт дека одредена работа е скандалозна или шокантна, а особено тоа што некој решил нешто да забрани – е доволно да нѐ заинтригира и да ни ја заскокотка фантазијата. Низ историјата огромен број книги биле забранети. Некогаш причините биле реални, а некогаш сосема банални. Да се забрани книга затоа што зборува за секс сега би било смешно, но порано не било така. Во продолжение се наведени седум од најконтроверзните и најскандалозни романи на 20 век, кои некогаш биле оспорувани, забранувани, а денес се меѓу класиците на светската литература.
„Раковиот напоредник“, Хенри Милер
Прво на листата на скандалозни книги, сепак, мора да биде ова автобиографско дело на Хенри Милер, кое претходно беше опишано како еротски роман, а денес се карактеризира како класика на американската литература. Ова е книга што навистина изобилува со секс-сцени, но е исклучително важно дело за целата историја на литературата токму поради тоа што ги помести границите, но и затоа што е неверојатно добро напишана.
„Љубовникот“, Маргерит Дирас
Ако ги споиме поимите скандалозно и автобиографија, добиваме комбинација што дефинитивно ќе привлече читатели, бидејќи во наша природа е да ѕирнеме во туѓиот живот. Маргерит Дирас е француска сценаристка, есеистка и писателка, која преку својот роман „Љубовникот“ ја опиша врската на четиринаесетгодишно девојче со многу години постар маж. А книгата поради тајноста на авторот е окарактеризирана како вистинска приказна.
„Неподносливата леснотија на постоењето“, Милан Кундера
Ова е уште една книга што неправедно го доби епитетот на скандалозна книга и класика што мора да ја прочитате. Приказната следи четворица луѓе чии приказни се испреплетени, а главниот лик е женкар што ја изневерува својата сопруга. „Неподносливата леснотија на постоењето“ е книга во која сексот и страста се важни фактори во приказната, но во суштина, ова е филозофско дело што на прекрасен начин ги разгледува љубовта и човечката природа.
„Лолита“, Владимир Набоков
Да беше напишана денес, „Лолита“ најверојатно ќе беше етикетирана како дело што треба да се бојкотира, пред сѐ поради темата со која се занимава. Станува збор за приказна за опсесивната и уништувачка страст на остарениот интелектуалец Хамберт Хам-берт спрема дванаесетгодишната Долорес Хејз. „Лолита“ е неоспорен класик и дело што навистина треба да се прочита.
„Професорот на страста“,
Филип Рот
Исто така, не смееме да го пропуштиме Филип Рот – писател што многу отворено пишуваше за машката сексуалност, машката страст и за тоа како се чувствуваат мажите во машко-женските односи. Овој писател честопати беше осудуваа за тоа, но големината на неговите дела е неоспорна. „Професорот на страста“ е книга за професорот Дејвид Кепеш и неговата внатрешна борба. Тој е лик што би сакал да се смири и да живее според стандардите на општеството, но едноставно не може – неговата страст едноставно е преголема.
„Сатански стихови“, Салман Ружди
Еве една книга што не беше забранета затоа што зборува за секс туку затоа што зборува за уште една многу незгодна работа – религијата. Салман Ружди со години е под закана на иранскиот лидер, ајатолахот Хомеини, поради наводната навреда на исламот и пророкот Мухамед во оваа книга. Овој екстремизам отиде дотаму што еден преведувач на книгата беше убиен, а главата на Ружди беше барана и уценувана, па тој се криеше и живееше во егзил многу долго.
„Американски психопат“, Брет Истон Елис
Овој роман е совршена анализа на консумеризмот и капиталистичкото општествено уредување. Во центарот на оваа приказна е младиот брокер од Волстрит – Патрик Бејтман. Патрик е многу убав, фин и успешен, но тој е и некој што кога ќе падне ноќ, ги исфрла своите фрустрации со тоа што оди и убива луѓе. Врз основа на оваа книга е снимен истоимениот филм, кој исто така е генијален.