Мултимедијалната изложба (просторна инсталација) „Реминисценции“ на Страхил Петровски, визуелен и мултимедијален уметник, ќе се отвори во Македонскиот културен центар во Њујорк, Галерија МЦ, на 30 декември, од 18 до 21 часот.
– „Реминисценции“ ја означува најновата ера во креативните дела на Страхил Петровски, ера на големи индустриски хартии (530×83см) и цртежи со помали димензии работени во комбинирана техника на хартија, кои одново наоѓаат дополнително и подлабоко значење во секој нов простор. Три бои, кои не се бои, најчесто користени во античките мозаици, ги красат индустриската хартија и сликите на платно. Преку чистотата на белата боја, црвената тула на исушената крв, ’рѓа и земја, и најтемната црна боја, тие започнуваат ново патување заедно, во бојата на светлината, бојата на земјата, во боите на празнината. Кога гледаме – кога навистина ги гледаме/перципираме или слушаме делата на Страхил, тие пеат индустриски и/или прогресивен рок – пишува Сандра Деспотовиќ, кустос и историчарка на уметноста.
Делата – индустриските хартии и цртежите, како и видеоинсталациите (во некои негови претходни визуелни остварувања) на Страхил Петровски прикажуваат свест за оваа изгубеност, затоа во фрагментацијата, тој (уметникот) бара ново единство, ако е воопшто можно – по разорната фрактура на дваесеттиот век. Преку мултидисциплинарното творештво, Петровски ја изразува таквата фрагментација на реалноста. Во овие наши нови светови, ни недостига заедничкото значење. Во видеоинсталациите во некои негови претходни изложби, кадри од војна, црви, изгорени дрвја, напуштени амбиенти со ќебиња што сега ги користат бездомниците, парадираат… изгубени и заборавени луѓе. Совршени придружници на листовите од хартија и делата во комбинирана техника на Петровски, се овие фрагменти од урбана дистопија, кои ја откриваат неподготвеноста на современиот човек да се справи со современите и вечните проблеми, објаснува Сандра Деспотовиќ
– Димензиите на самите дела од хартија и цртежите работени во комбинирана техника, изразуваат потсвесно или не толку потсвесно барање на возвишеното. Непознатоста на значењето и дезориентираноста во фрагментацијата, во ограничувањата на човечкото знаење – перцепцијата е тема што го мачи човекот уште од почетоците на рафинирање на неговите и нејзините перцепции. Недостигот од одговори и суровоста на злото и ужасот, егзистенцијалните и воените, претерано материјалните, ги мачат не само оние што стануваат субјекти во таа планетарна драма од космички размери, за тенденцијата на човекот да го уништи другиот кога тој некој е религиозен или територијален непријател – додава Деспотовиќ.
Како што пишува таа, опусот на Страхил Петровски ги проткајува свеста и загриженоста за овој недостиг од свест за сопствените ограничувања. Сите сме изложени во неговото творештво под тој рефлектор, кој ги открива сите наши недоследности и ни покажува преку својата брилијантна едноставност и естетска возвишеност на монументалното дека потребата за бунт, како бунтовниот Атлас, не е особина дадена само на божествата. Во трагичниот дух на секој добар мит, таа е и во нас – смртниците. Творештвото на Страхил Петровски ги гледа нашите општества потопени во корупција и директно, без коцка шеќер, го демистифицира секој нефункционален аспект.