Аница Китаноска, уметница
- Мозаикот има огромен потенцијал токму поради својата маргиналност. Денес повторно се враќа интересот за материјалност, тактилност и процес. Мозаикот ги содржи сите тие вредности и нуди простор за експерименти што не го негираат неговото историско наследство, туку го активираат во нови контексти, вели уметницата Аница
Самостојната изложба на уметницата Аница Китаноска, насловена „Скаменети потези: еволуција на формата“, месецов беше поставена во изложбениот простор „Магаза“ – Битола. Најпрво публиката можеше да ја погледне изложбата во „Куќата на Уранија“ – МАНУ во Охрид, а потоа во Музејот на град Скопје, каде што кураторка беше Гордана Велков, историчарка на уметноста. Изложбата ја истражува врската помеѓу мозаикот и сликарството, нудејќи свеж поглед на традиционалниот медиум низ лична, телесна и чувствителна перспектива.
Аница Китаноска (2000, Вевчани) припаѓа на новата генерација уметници што го обновуваат мозаикот надвор од неговите традиционални рамки. По студиите во Равена, Италија, каде што се специјализира за современ мозаик, нејзините дела биле изложени во „Ријксмузеум“ во Амстердам, во Франција, Скопје и во Равена. Добитничка е на националната награда за уметност ПНА (Италија, 2023) и членува во ДЛУМ и во меѓународното здружение МАРТЕ.
Што значи за Вас насловот „Скаменети потези“ и како тој ја одразува суштината на изложбата?
Насловот „Скаменети потези“ ја отсликува суштината на изложбата: трансформацијата на сликарскиот гест во трајна материјална форма. Конкавните камчиња ја следат насоката на потегот, а природните мотиви мовта, лисјата, светлината се пресликуваат во структури што пулсираат. Изложбата ја истражува врската помеѓу гестот, материјалот и природата, прикажувајќи ја синергијата помеѓу формата и текстурата.
Како го поврзувате мозаикот со сликарството во Вашите дела? Дали ги гледате како спротивставени или како дополнувачки медиуми?
Ги гледам како медиуми што се дополнуваат. Сликарскиот потег ја носи експресивноста, а мозаикот ја задржува и ја материјализира таа енергија. Разликата меѓу нив не создава дистанца, туку простор за ново читање на мотивот и посилно визуелно доживување.
Во описот на изложбата се наведува дека делата се создадени низ „лична, телесна и чувствителна перспектива“. Како овие елементи се манифестираат во Вашите дела?
Телесноста се манифестира низ самиот чин на градење на делото, каде што секој потег, секое камче го носи отпечатокот на движењето на прстите. Личната перспектива е вградена во изборот и интерпретацијата на мотивите, додека чувствителноста се открива во ритамот на површината и во текстурата. Така, делото станува материјален запис на еден интензивен, интимен и непосреден однос со медиумот.

Мозаикот бара прецизност и трпение. Како изгледа Вашиот процес на создавање – од првата идеја до финалната композиција?
Секој проект започнува со јасно дефиниран мотив и колористичка визија. Кога композицијата е комплексна, работам прелиминарни скици во боја, но најчесто бојата ја диктира самата динамика на делото. Процесот е структурирано постепен, но остава простор за суптилни интервенции, кои го дефинираат финалниот изглед на делото.
Кои материјали најчесто ги користите… Дали имате посебна техника или пристап што сте го развиле во текот на студиите во Равена?
Работам со стаклена паста и мермер, но клучен елемент во мојата практика е пигментираниот цемент, кој не го користам повеќе само како подлога за камчињата туку како активен носител на боја и текстура. Со тоа го проширувам ограничениот спектар на бои од камчињата и создавам слоевит сликарски ефект. Таа техника ја развив како резултат на моето образование во Равена и личното истражување.
Студиравте современ мозаик во Равена – едно од ретките места во светот каде што оваа техника се изучува академски. Како Ве обликуваше тоа искуство?
Студиите во Равена беа пресвртница. Таму сфатив дека мозаикот не мора да остане во традиционалниот контекст, туку може да стане релевантен современ медиум. Таа средба со силна традиција и современи експериментални практики ми даде јасна насока да градам сопствен јазик заснован врз материјалност и гест.
Го споменувате вевчанското градителско наследство како дел од Вашиот идентитет. Како се рефлектира тоа во Вашата уметност?
Мојот пристап кон материјалот е директно поврзан со вевчанската неимарска традиција од која потекнувам. Начинот на кој градам композиции наликува на архитектонска мисла, камен до камен, слој врз слој. Тој градителски принцип длабоко е вграден во мојата уметничка логика.
Колку е важно за Вас одржувањето на традицијата и како ја комбинирате со експериментирањето и со современата уметничка мисла?
Традицијата за мене е основа што треба да се разбере, а не буквално да се повторува. Од неа тргнувам за да создадам нешто ново, преку анализа, преиспитување и адаптација на старите принципи во современ визуелен контекст, каде што секое камче станува „скаменет потег“ во композицијата.
Каде ја гледате иднината на мозаикот како уметничка форма? Има ли потенцијал повторно да стане релевантен на современата сцена?
Мозаикот има огромен потенцијал токму поради својата маргиналност. Денес повторно се враќа интересот за материјалност, тактилност и процес. Мозаикот ги содржи сите тие вредности и нуди простор за експерименти што не го негираат неговото историско наследство, туку го активираат во нови контексти.
































