Гоце Наневски, уметник
„На работ“ е трансмедијален и трансдисциплинарен проект што содржи повеќе просторни сегменти од целината. Дали е создаван токму за просторот каде што е претставен и колку амбиентот на „Чифте-амам“ беше предизвикувачки за вас како автори?
– Проектот „На работ“ е автономен проект што може да биде претставен на различни локации или простори. Во буквална смисла, длабоко во својата суштина тоа не е просторно зависен проект. Но бевме многу внимателни и темелни во обмислувањето на претставувањето на проектот за да биде во релација со конфигурацијата на амбиентот и волуменот на „Чифте-амам“. Односно, моментот на монументалноста, аспектот на звукот, на движењето низ нашата „приказна“, логичноста, симетричноста на ситуацијата беа предизвиците со кои се соочивме и сметам дека поставката органски добро функционира.
Како дојдовте до идеја да соработувате со Дориан Јовановиќ, музичар по вокација, кој се занимава со електронска музика, но и импровизација и видеоперформанс? Како се дополнуваат вашите уметнички сензибилитети?
– Со Дориан Јовановиќ имаме мноштво соработки во рамките на различни ангажмани. Тоа се соработки што биле врзани со мои или негови проекти или проекти во кои Дориан имал удел. Сеедно дали се работи за аудиоинженерство, фотографија или соработка за музичко видео, таквата практика бележи традиција од повеќе од десет години и веројатно кохеренцијата на нашите уметнички наративи нѐ донесе до предворието на проектот „На работ“. Би сакал да го нагласам задоволството од соработката во овој проект и можам да кажам дека одлично се разбиравме во изведувањето на резултатите и дека сме комплементарен тим што може да оди понатаму.
Проектот е изведен во разновидни техники и медиуми што се преплетуваат, надминувајќи ги границите на чистиот медиумски пристап. Дали сметате дека идејата, пораката што ја има уметникот, може да се пренесе во кој било медиум, дека во крајна линија тоа е она што е важно и суштинско?
– За нас, беше битно нашиот став и гледање на нештата да бидат јасно претставени низ медиумите што ни се нам интересни и ги владееме. Тоа сега беа видео и аудио, перформанс, кинетички објекти, инсталација итн., но понатаму тие „носачи“ може и да се променат или да се редуцираат. Слободата е таа што ги одредува медиумите на изразување кај уметниците. Но во исто време медиумот може да ја обезбеди и слободата на изразување. Тоа е еден бескраен магичен танц помеѓу слободата и медиумот од кој не може да се отстапи.
Во ера на експанзија на нови медиуми, постои ли опасност за визуелните уметници да бидат „заведени“ од технологијата со сите нејзини бескрајни можности, на сметка на уметничкиот авторски пристап?
– Не, воопшто не гледам таква опасност. Уметничкиот авторски пристап еднакво добро може да биде претставен со парче хартија и молив или низ сложена технолошка инсталација. Квалитетот на делото не зависи од медиумот. Еднакви се можностите да направите добра уметност и со глина и со најсовремена сензорна технологија во која гледачот би имал партиципативна улога, на пример. Не мислам дека технологијата ја комплицира улогата на уметникот, такви опасности постојат, но се од сосема друга природа. Уметникот ја има предноста во чекори во дефинирањето на сопствената улога и материјализирањето на рефлективот од процесите што ги релативизираат цивилизациските вредности во колективниот систем генерално. Факт е дека многу уметнички дела на кои сведочиме се зависни од технолошки аспект, но исто така огромен дел од уметноста и не е директно зависна.
Велите дека станува збор за ангажирана контекстуална реакција на општествено-политичкиот галиматијас што секојдневно го живееме откако сме земја во транзиција. На што конкретно се фокусирате, дали ве провоцираат баналноста и тривијалноста на дневнополитичките случувања?
– Нашиот фокус овој пат е да ја пресликаме квазиреалноста што се востоличува како систем. Реалноста што се наметнува како аномалија или, на пример, местото на турбокултурата што полека се наметнува како врвна придобивка, но не само во музиката туку и во етиката, моралот, образованието итн. Таа доаѓа од многу ниско, а е толку високо на пиедесталот (градоначалници плаќаат десетици илјади во странска валута, а во исто време локалните уметници се на маргините). Наративот за „европски“ вредности спакуван во тендер-култура, агресијата и хегемонизмот, искривената перцепција, сликата на два контејнера што се светилиште на среќа и за тие што фрлаат, но и за тие што бараат низ нив, упорното орбитирање околу нулата… се нештата со кои буквално се занимава проектот „На работ“. Тоа се напластени аномалии што се акумулираат со децении и полека го достигнуваат пиедесталот да станат критериум за „квалитет“. Имено, во делото „На работ на релативноста“ свесно користиме видеа на турбофолк-ѕвезди и лесно може да се случи да треба да им платиме авторски права. Мислам дека тоа би било многу интересна ситуација.
Дали во таа смисла сме доведени „на работ“?
– Апсолутно, ние одамна сме длабоко во амбисот. Сѐ додека не ги сфатиме моќта и тежината на културата и уметноста. Мора да постојат и други вредности освен профитот, доколку не е така тогаш сме во пеколот.
Сѐ повеќе ангажирана уметност околу нас, се чини тешко е за еден уметник, па и воопшто за човекот да се ослободи од политичките, општествените, моралните консеквенции на секојдневието, се согласувате ли?
– Сосема се согласувам. „Ангажманот“ некако стана „мејнстрим“ годиниве, не знам дали така треба, но тоа е така. Гореспоменатиот притисок ја погодува најранливата заедница, а тука особено мислам дека визуелниот уметник и припаѓа, барем кај нас. Веројатно би било поинаку доколку уметникот е дел од тие што не очекуваат промени и напредок, самозадоволен во сопствениот романтичен свет. Но тоа не треба да биде така и не е така.
Се занимавате со тоа како уметноста може и да ги рефлектира и да им одолее на овие структури на моќ. Моето прашање е дали уметноста може да им се спротивстави на системите за контрола и авторитет и да поттикне на општествени промени?
– Уметноста допира само до тие што имаат чувство дека таа не е само сценографија и декор во една канцеларија или дневна соба. Таа има моќ да вирее и надвор од институциите, кои по службена должност треба да се грижат за неа, но доколку системот цврсто верува и има стратегиски став за неа, тогаш можеме да говориме за прогресивност во поддршката од еден општествен микро или макросистем. Цврстиот став и борба на уметникот за одредени општествени прашања бара цврста волја и многу саможртва. Доколку уметничката сцена е посилно профилирана и има сериозно место во една заедница, моќта за влијание за потенцијални промени е поголема.