Отворена драмската програма на „Охридско лето“

Со театарската претстава „Безгрешна – Имакулата“ на Словенечкиот народен театар од Марибор започна драмската програма на годинешното, 64. издание на фестивалот „Охридско лето“. Монодрамата на актерката Наташа Матјашец Рошкер се одигра во предворјето на црквата „Света Софија“. Драматизацијата и адаптацијата се на Ливија Пандур и Томаж Пандур, сценографијата на Марко Јапељ, а костимографијата е дело на Лео Кулаш.

Претставата е адаптација на романот на Колм Тоибин за Словенечкиот национален театар од Марибор, сплетувајќи четиринаесет мисловни пејзажи, олтар на љубовта, на загубата, на осаменоста, на потрагата по смисла во раните што никогаш не зацелуваат. Фестивалската публика уживаше во извонредната актерска игра на Наташа Матјашец Рошкер, која ја толкуваше улогата на Марија, мајката на Исус.
– Оваа претстава е многу значајна за мене и за сите што работеа на неа бидејќи идејата да се реализира беше на нашиот славен режисер Томаж Пандур, кој ненадејно почина токму во Македонија. Ние веќе бевме почнати со работа, така што сега со оваа претстава, која на некој начин е негова последна, доаѓаме на местото на неговото заминување и тоа е уште толку посилно за сите нас. Клучната порака на монодрамата е дека Марија пред сѐ била жена и мајка што проживеала реално искуство, губењето на синот, а тоа во однос на институционалната интерпретација на нејзиниот живот и животот на нејзиниот син за неа како жена е позначајно од она што следувало подоцна – вели актерката Матјашец Рошкер.

Претставата ја довршила Ливија Пандур, драматург, во 2016 година, по ненадејната и прерана смрт на словенечкиот режисер Томаж Пандур.
– Со неговото заминување, мојата рана е толку длабока што може да ја носи само сцената. Нему му ја посветувам „Безгрешна“, кој веруваше дека сè што влегува на сцената се трансформира со него – вели Ливија Пандур, која е и сестра на легендарниот режисер со светско реноме Томаж Пандур.

Откако студирала драматургија на Академијата за театар, радио, филм и телевизија во Љубљана, Ливија Пандур работела како драматург во различни театри во Љубљана. Од 1991 до 1996 година е драматург на Драмата на Словенечкиот народен театар во Марибор. Меѓу другите, таа била драматург за сите продукции на Томаж Пандур (1963-2016): „Шехерезада“ во Младинскиот театар во Љубљана; „Фауст“, „Хамлет“, „Кармен“, „Божествена комедија“, „Руска мисија“, „Вавилон“ во Словенечкиот народен театар во Марибор; „Хазардски речник“, „Сто минути“, „Тесла електрик“, „Калигула“, „Војна и мир“, „Микеланџело“ во ХНК во Загреб, „Фауст“, „Кралот Лир“ во Атина. Авторка е на повеќе театарски публикации и ја објавува и ја уредува театарската монографија „Театарот на соништата“ во 2002 година.

Имакулата е жена што е повеќекратно злоупотребувана и погрешно скована во слика, догма, инструмент на верата. Тоа е исповед на жена, избришана од историјата и претворена во слика што служи за воспоставување насилна религија. Таа бара смисла во раните што никогаш не можат да зараснат. Марија, мајката на Исус, се обидува да се сети на некои од зборовите, лицата и деловите од приказната во врска со смртта на нејзиниот син. Сеќавајќи се на овие длабоко вознемирувачки настани, Марија смело ги предизвикува сите големи и свети идеи. В.Д.