Неколку дена пред да го гледам филмот „Приказна за Трамп“ гледав еден документарец во кој е потенцирана целата негова дрскост. Дејството се одигрува во средината на 1970-тите и 1980-тите години, каде што го следиме животниот пат на младиот Трамп како агент на недвижности што работи во фирмата на татко си. Иронично, филмот го носи името од реалното шоу во кое е подвлечен односот меѓу младиот Трамп (Себастијан Стан) и правникот Рој Кон (Џереми Стронг), кој беше олицетворение на страв и трепет. Кариерата ја гради за време на макартизмот во фамозниот лов на вештерки, кој е „заслужен“ за смртта на шпионскиот двоец Џулиус и Етел Росенборг, кои одаваа тајни на руските тајни служби. Бескрупулозниот Кон е голема ѕверка што шурува со најголемите криминални босови во њујоршкото подземје. Својот талент не го гради на основа на неговиот правнички талент, туку на манипулативната способност и коруптивната хазардска моќ.
Талентираниот Али Абаси („Светиот пајак“)ја хармонизира нивната комуникација во улога на фаустовски договор. Во солидна интерпретација, Џереми Стронг е физички слаб, со продорен тенор глас со мимички гестови ја манифестира својата дијаболична природа на американскиот индивидуализам и капитализам. Кон гледа во Трамп добар инвестициски фонд, кој не му наплаќа ништо на својот пулен внесувајќи го во светот на царството на хазардските и криминалните коруптивни игри. Како што стрмоглаво расте неговиот „глад“ за успех така галопирачки станува не само понадмен туку и неподнослив. Чешката манекенка Ивана Зеленчикова ја толкува талентираната бугарска актерка Марија Бакалова, која ја паметиме како партнерка на хумористичниот волшебник Саша Коен („Борат“).
Во почетокот на брачната идила со Трамп таа е опсипана не само со внимание и љубов туку и со скапоцени подароци. Но, за жал, овој рецепт на амброзија нема да трае долго бидејќи тој влегува во сексуални баханалии со своите блиски соработнички, а неа ја отфрла како отпадок. Низ клучот на работната корупција Абаси пронаоѓа морална, но нималку суптилна, која жнее семе на зло. Тука би се надоврзал на сцената во која лукративниот Трамп сака да го изигра татко си во одбегнувањето кредитна стапка. Неговата замисла не успева да се реализира покрај луцидното око на мајка му, која го спречува во намерата да ги продаде имотите од своите сестри. Со не помала бесрамност го изигрува и отфрла Кон во моментите кога е на смртна постела, не сметајќи дека токму тој го направи славен. Ликот што го толкува со својата патолошка амбиција и енергија доминира во секој кадар, што е дополнително интонирано. За тоа осведочивме со актерската креација на Себастијан Стан, кој беше номиниран за „оскар“ („Пам и Томи“ и „Мартијанецот“)
Режисерот сака да ни ја прикаже неговата амбициозна страна, но и слабите интелектуални, образовни и културни познавања. Тоа се случува на забавата кога го прашува Енди Ворхол со што се занимава. Зрнестата фотографија на њујоршкото милје и придушеното светло на улиците и рестораните (сличност на „Таксист“) во светот на декаденција создаваат свет на криминал каде што царува почетниот хабитус на Трамп. Динамичната камера ги следи фацијалните експресии сакајќи да долови документаристичка автентичност, компактна со костимографијата и сценографијата во тој временски период. Притоа биографската приказна е конвенционална со линеарна хронологија. За неговиот живот постојат доста весници и документарци, а Абаси на пародичен начин го прикажува магнатот Трамп (пресадување коса, липосукција). Сума сумарум, Абаси успеа да направи смела хронолошка вивисекција на контроверзниот американски претседател Трамп, кој не гледа(л) начин за остварување на своите болни амбиции, макар тоа биле и своите најблиски. Во Кан филмот беше пречекан со бурни овации, а Себастијан Стан беше промовиран во едно од најуспешните актерски имиња на филмската смотра.