Моќта на харизматичниот гениј

Уште од раното детство Албрехт Дирер покажува особен интерес за цртање каде што со своите брилијантни цртежи ги коси маргинализираните стереотипни конвенции. Меѓу најзначајните дела што ги изработил е портретот на татко му (занаетчија), доловувајќи го психолошкиот хабитус со рафинман и минуциозна линија, но не помала умешност покажува и во портретната реализација на мајка му

Отсекогаш сум имал интерес за уметноста, особено за сликарството. Се сеќавам во средното уметничко училиште првпат се сретнав со творештвото на ренесансниот гениј од Германија, Албрехт Дирер, кој потекнува од Унгарија (зборот тир значи врата, а самото презиме значи роднина). Уште од раното детство покажува особен интерес за цртање каде што со своите брилијантни цртежи ги коси маргинализираните стереотипни конвенции. Меѓу најзначајните дела што ги изработил е портретот на татко му (занаетчија), доловувајќи го психолошкиот хабитус со рафинман и минуциозна линија, но не помала умешност покажува и во портретната реализација на мајка му.
На часовите по резбарство неговиот талент значително доминирал и се истакнувал над малициозно суетните ега од своите соученици, кои си подигрувале со него и не дозволувале интелектуалниот гениј од Дирер да дојде до збор. Не можејќи да се соочи со ерозивната зачмаеност околу себе, полн со самодоверба заминува за Базел, кратко се задржал во Стразбур, а некое време се удомува во Венеција, каде што се восхитува и учи од италијанскиот мајсторски маг Андреас Мантења, но и од Џовани Белини, кој титуларно го сметале за перфекционистички цртач.
Набрзо доаѓаат (по)светли денови за Дирер, кој излегува од анонимните кругови, а најдобар доказ за тоа е гравурното ремек-дело „Четири јавачи на апокалипсата“, предводени од јавачот на белиот коњ, вториот е алегорија на војната, третиот го олицетворува гладот и четвртиот е рамо под рамо со смртта. Сепак, се чини и покрај нихилистичката природа над нив демне храбро ангел, кој е предвесник на добрата сила и емпатичноста. Слична елегиска тема има и „Меланхолија“, која во себе носи многу загатки, но има доста инсинуации, но за една од највалидните се смета дека замислениот ангел е можно е да е сопругата на Дирер, која го чека потиштено потпрена на раката да се врати од големите авантуристички баханалии низ Европа, без никаква најава за отсуство од дома.
Но да се вратиме на мистичноста на амбиентот, поточно да разоткриеме некои енигми, како на пример тоа што над нејзиното крило во квадратот е впишана годината на создавањето на „Меланхолија“, што идентично како и во претходното дело виножитото ја симболизира светлината и ја отфрла негативната аура околу себе. Најпрепознатливи негови дела се портретите „Автопортрет во кожа“ (Пинакотека, Минхен) каде што сме сведоци на аристократската природа со пробивни очи, но и кадрицата од долгата коса, кои се доведени до перфекција, а минуциозна ненадминливост пронаоѓаме во изработката на коските на рацете. Тука е и „Автопортретот со цветот“ од младоста што ги краси мадридските излози во „Прадо“.
Имав среќа своевремено во Виена да го посетам Музејот за современа уметност и да се сретнам со грандиозното дело „Свето тројство“, во кое се очигледни адорацијата и наклонетоста кон бога. Во долниот дел на сликата се претставува себе.

Венецијанка

И така некако стигнавме до маѓесните акварели каде што изнурнува светот на фауната, во прв момент помислувам на хиперреализмот на зајакот, кој буквално маѓепсува со својата автентичност, изгледајќи како да ќе скокне кон вас („Албертина“, Виена). И покрај получасовната опсервација на акварелното ремек-дело не можев да се уверам дека е дело на човечка рака. Други значајни дела му се: „Венецијанка“, „Дирер во Венеција“, „Пејзаж во Стразбур“… Има голем број митови како настанале, но еден од најинтересните е секако оној за мотивот на сликата „Молитва“. Албрехт Дирер имал уште тројца браќа, но само еден со слично име како неговото, Алберт. Тој исто така покажувал афинитет кон цртањето. Познато е дека и тие некое време работеле со татко им во рудник, па дошло време еден од нив да оди на ликовната академија. Татко им им рекол: „Имам две стапчиња, кој ќе го извлече поголемото оди на академија, а оној со помалото, останува да ми помага“. Како што знаеме Албрехт Дирер оди и по завршувањето на академијата, татко му ги собрал повторно на заеднички ручек. Албрехт ја подигнал чашата за здравица и рекол: „Брате, бидејќи јас завршив со своето, сега е на тебе редот“. На тоа брат му одговорил: „Брате знаеш колку треба да имаш мирна рака за исцртување на линијата, а мене веќе ми се толку искривени коските на рацете што не можам ни да ти наздравам“. Тогаш Албeрт отишол во другата соба и ги склопил рацете во знак на молитва, а Албрехт ги насликал неговите раце. Така настанува сликата „Молитва“, која влезе во историјата на светското сликарство како едно од најзначајните дела од опусот на харизматичниот мајстор од Нирнберг.