Реч на интернационалниот фестивал „Актерот на Европа“

Не ја заслужувам денешната чест. Мојот труд во пишувањето е во мојот ум ист, ако не и помал, од трудот на секој човек што се обидува да преживее и да се грижи за своето семејство. Единствената логика што може да ја разберам вечерва е гравирањето на љубовта на драгите пријатели што го предизвикаа моето присуство овде: големиот писател и хуманитарец Јордан Плевнеш, мојот стар пријател и неповторлив борец за човекови права во Грција Павлос Воскопулос, Јанис Димакас и театарската група „Теато“, моите актери Марија Анагностопулу и Никос Теодору, Кристина Вумвураки и Никос Матенидис, сакани соработници и братски пријатели.
Целиот мој обид за пишување (постојано неуспешен, но постојано упорен) е да зборувам за дете кое умира, кое страда, кое гладува, кое е понижувано, кое е масакрирано, кое се дави, кое е манипулирано во армии убијци, кое е поробено, кое јаде орев извалкан со мочка. За сите овие деца ги напишав сите мои книги и мои дела – ги ставив овие деца во центарот: Вишоците деца на Африка, близнаците на Менгеле, бебињата од гасните комори на Аушвиц, бебињата чии глави се стопија во ѕидот во Дроплица, на Хиос, во Ерзурум, во Конго, во Мексико, во Индија и во сите масакри на историјата, децата што се уништени во Хирошима и Дрезден и Ханој, децата што се бомбардирани во Газа, децата на имигрантите што се убиени во Егејот, девојчињата што се силувани и момчињата што се задушени од нивните соученици, за девојчето со кибритчињата и момчето зад стаклото, за децата од претстојниот холокауст. Во овој напор (во оваа стара – или дури и здодевна – баналност) ги фрлив моите текстови во јавната сфера, барајќи слепо (како поинаку) сопатници, коавтори, луѓе што ќе издвојат дел од своите таленти и животно време и ќе се борат да ги шират понатаму или дури и да ги однесат некаде. Ова е, генерално, мојот обид за пишување.
И сега можам да ви кажам дека не чувствувам дека ѝ припаѓам на ниедна држава или нација. Не сум Грк, ниту Македонец, ниту Европеец. Јас сум само човечко суштество, брат и сестра со сите луѓе од Земјата. Мојата единствена националност и мојата единствена татковина се солзите на луѓето.

Танасис Триаридис


Танасис Триаридис ја запозна грчката јавност со македонскиот јазик

Павлос Воскопулос

Благодарам на организаторите и на драгиот господин Јордан Плевнеш што ми дадоа можност да соработувам со фестивалот и да помогнам со моите можности за гостувањето на грчки граѓани-актери на овој прекрасен меѓународен настан. Чест ми е што пријателот Танасис Триаридис од Грција од мои раце ќе ја добие наградата. Моја должност е да ги претставам пред македонската јавност делата на Танасис Триаридис, особено затоа што меѓу другото тој ја запозна грчката јавност со македонскиот јазик. Имено, пред неколку години Танасис дозна за нашите активности околу малцинските права и дејствуваше како новинар и како главен колумнист во голем весник во северна Грција. Се запознавме лично. Тогаш тој реши да напише еден вид есеј – химна за македонскиот јазик и за „Абецедарот“ во влијателен весник во Грција, а ние во „Виножито“ ја препечативме оваа книга за да ја запознаеме грчката јавност. Директорот на весникот каде што Танасис пишува редовно реши да направи цензура на есејот и одлучи текстот да не се печати на неделниот број. Како реагираше господинот Триаридис? Даде отказ во весникот, реши да не соработува и да не пишува во овој весник токму поради оваа брутална цензура. Од тогаш до денес ние имаме една мисла, како и секогаш во „Виножито“. Делото на Танасис нѐ тера пак да помислиме ние Македонците во северна Грција дека демократите, нашите Грци сограѓани, се во суштина нашите вистински браќа.