Македонскиот народен театар (МНТ) и Градското позориште од Подгорица потпишаа меморандум за соработка. Претставувани од директорите Никола Кимовски и Сандра Вујовиќ, двете институции ја изразија својата подготвеност за заедничка работа во областа на театарот, културата и уметноста. Меморандумот предвидува размена на театарски претстави, реализирање заеднички копродукции, спроведување едукативни програми, како и соработка во областа на техничката и логистичката поддршка, маркетингот и промоцијата на заеднички проекти. Целта е воспоставување долгорочна и одржлива соработка, со редовна комуникација и координација при реализацијата на предвидените активности. Овој документ претставува значаен чекор кон унапредување на регионалната културна поврзаност и зацврстување на меѓународната соработка во уметничката сфера.
– Македонскиот народен театар и натаму продолжува да создава во духот на мојата визија и стратегија – создавање театар отворен за сите, современ театар што со постојано вмрежување остварува институционални и меѓународни соработки за развој на современиот театар во Македонија и регионот – изјави директорот Никола Кимовски.
Првата меѓународна соработка започнува со реализација на претставата „Лов на дива свиња“, чиј автор е црногорската современа писателка Марија Сарап, а режијата е на македонската режисерка Наташа Поплавска. Претставата ќе се реализира во копродукција помеѓу Македонскиот народен театар, Градското позориште од Подгорица и здружението за развивање уметност и културна соработка „Арт медија“ од Скопје. Во претставата учествува актерска екипа од двете земји: Ана Стојановска, Искра Ветерова и Мина Јелушиќ Јериниќ од Македонија, како и Ѓорѓе Татиќ и Вукан Пејовиќ од Црна Гора. Претставата „Лов на дива свиња“ премиерно ќе биде изведена на 19 јули, во рамките на фестивалот „Скопско лето“, а премиера во Подгорица, Црна Гора, е планирана за септември.