Рецензија
Се двоумев за која кинематографија да ставам печат во наредниот напис и се присетив дека немам проглаголено за далечната, односно не толку блиска азиска кинематографија, која има егзотичен флуид на мистичност.
Овој пат изборот падна на кинескиот „Проклетството на златниот цвет“ (2006) во режија на Занг Јиму.
За верните читатели и поверни читателки вреди да укажеме дека името на Јиму е едно од најафирмираните имиња во азиската кинематографија.
Први оптимистички воздишки кон успехот навестува во криминалистичката сага „Шангајска тријада“ (1995) со пресметките меѓу гангстерските кланови од кинеските милјеа, со сличен шарм како експертот за крими-филмови, францускиот маестро Жан Пјер Мелвил.
Чекор повеќе истапува со акционата мелодрама „Херој“ (2002), промовирајќи ја и ѕвездата Џет Ли, а зенитот го достигнува со хипнотично авантуристичката драма „Куќата на летечките ками“ (2004).
Статусот на перфекционизам го крунисува со „Проклетството на златниот цвет“.
Главните интриги на семејството од кинеската династија Танг се сместени во десеттиот век, следејќи ги комплексноста и страдањето на трагичната моќ во забранетиот град.
Царот (Чоу Јан Фат) се враќа точно навреме за традиционалниот празник, „Фестивалот на хризантемите“. Тој освен што диригира со палатата, ист став зазема и за семејството, предводен од својата непредвидлива мисла и челична тупаница.
Царицата ја толкува Гонг Ли, кинеската убавица од филмското платно, која по нецели десет години од соработката на „Шангајска тријада“ повторно соработува со Занг Јиму.
Таа не може да го гледа поинаку, освен со презир, со кој е натопен авторитарниот режим на нејзиниот сопруг, а нивниот брак одамна е згаснат и е чиста формалност само на лист хартија; дотолку повеќе што од ден на ден нејзиното кревко здравје е нарушено и покрај „будната“ (не)грижа на царскиот лекар.
Во блиските кулоари кружи веста дека најстариот син Ван претендира да биде иден наследник на тронот, но некако се чини дека нема волја, а уште помалку моќ за толку одговорен предизвик.
Средниот син Јаи (Јаи Чоу) е миленик на мајка му и има огромни предиспозиции за следен владетел, со оглед на тоа дека зад себе има богата воена кариера.
Најмладиот син Јун е на прагот на созревање и сите го сметаат за наивчина, но зад оклопот на молчаливост се крие будното соколово око што ги следи внимателно приказните од царската палата.
Како што се наближува главната прослава, голем број од послугата е лакејски фокусирана на подготовките со целосно вжарен елан.
Но змискиот отров на царот сѐ повеќе саснува, претворајќи се во јагнешка кожа кога се влошува здравјето на царицата.
Но одеднаш од страната на царицата се појавуваат ангелските крилја на спасот, кои и ја оддаваат суровата вистина, а тоа е дека таа е долгорочно труена со отровни печурки што предизвикуваат лудило по извесно време.
Би го издвоил маестралниот перформанс на Гонг Ли во сцената кога ревносно реагира, не можејќи да ја закачи шнолата на косата, со препотено лице како рефлексија од нејзиниот вибрантно раскошен талент и сензуална убавина.
За да биде понеизвесно, веста ја дознава од никој друг, туку од мајката на неговото вонбрачно дете од царската палата, која не ја знае вистината и живее во целосна заблуда.
Така полека се разврзуваат марамите на царските интриги, кои се преполни со суетни ега и целат за превласт кон тронот по секоја цена.
Видно и разбирливо царицата прави радикална трансформација, формирајќи своја војска на чело со својот миленик Јаи против војската на сопругот.
Осмислува рационална порака, која преку гулаб ги предупредува царскиот лекар и неговото семејство за опасноста што им претстои.
Но малициозниот дух на царот успева поскоро да изврши масакр на семејството на докторот.
Гневниот и револтиран Ју посегнува против својот татко и ги разоткрива најинтимните пикантерии од царските порти. На тоа не останува имун татко му, па затоа сурово го казнува и безмилосно го убива.
Со овој безмилосен чин, деспотскиот тиранин навестува дека никој не смее да застане на осмислениот пат за остварување на неговите цели.
Следува епска пресметка меѓу двете спротивставени сили, од едната страна царот, од другата царицата, чиј војсководец е храбриот Јаи.
Искусниот гениј на Занг Јиму не остава ништо на случајот; во забавена сцена го претставува Јаи како храбро се бори, но и покрај сите обиди за триумф паѓа во челуста на спротивставените и е помилуван.
Флуидот на Јиму е одличен кога ја совладал лекцијата од јапонските мајстори Куросава („Седум самураи“) и Масаки Кобајаши („Бунт“).
Утредента на собирот, ако може да така да се каже во моментите кога семејното зрно е преполовено, ладнокрвниот цар му наредува на синот Јаи да ја земе обврската и тој да продолжи да ѝ го дава „лекот“ на мајка му.
И… настанува вистински земјотрес, не можејќи да се соочи со горчливата реалност да ја труе мајка си, се самоубива.
„Проклетството на златниот цвет“ се чини некогаш, ако не и почесто, е предодреден за емпатичниот дух на царицата да биде инструктиран од болниот фанатизам на царот.
Сума сумарум, кога зборуваме за карактерот на негативниот лик во улогата на царот од филмот секако заслужува да се пофали неоспорниот хабитус на Чоу Јан Фат, но да не ја заборавиме и прекрасната Гонг Ли, која е трансверзала меѓу ранета срна и бунтовна тигрица.
Александар Василевски