Рецензија
Со премиерното прикажување на „Грофот од Монте Кристо“ (2024) во пријатна атмосфера во „Синеплекс“ започна месецот на франкофонијата во организација на Францускиот културен центар. Со ист интензитет ќе продолжи и во Кинотеката на Македонија кон средината на март. „Грофот од Монте Кристо“ спаѓа меѓу најзначајните романи на францускиот новелист Александар Дима од 19 век, а се смета за класик на авантуристичкиот роман во светската белетристика. Има неколку екранизациски дела на оваа тема, а едно од најзначајните е истоимениот филм од 2002 година со Џејмс Кавазиел и Гај Пирс во насловните улоги.
Во најновата верзија „Грофот од Монте Кристо“ главниот лик, морепловецот Едмонд Дантес, му е доверен на Пјер Нине, кого го паметиме од („Ив Сен Лорен“), („Франц“) и („Ветување во зората“). На почетокот Дантес е унапреден во капетан, бидејќи спасува девојка што без негова помош ќе се удавеше. Сцената на огромните бранови ја навестува тежината што допрва следува за нашиот јунак. Но, не секој се радува на секое добро и предизвикува пријатни вибрации. За ова убав пример имаме со љубоморниот капетан Данглас, а не помала доза на егоистични еквилибрации покажува фарисејскиот „пријател“ Фернандо До Моркерф. Тој не умее да се радува на туѓата среќа, а уште помалку да се помири со фактот дека срцето на Мерцедес (Анаис Демостие) е веќе освоено токму од Дантес. Во подмитливиот заговор им се приклучува обвинителот Вилефорт (Лорен Лофите), а се присетуваме на улогата во „Таа“ на Пол Верховен. Дантес директно го обвинуваат за сојузник на Наполеон. За да биде попакосна ситуацијата, прецизно ја уточнуваат саатницата на неговото апсење, односно на свадбениот церемонијал. Од тука е преместен во изолираниот островски затвор, каде што границите на хуманоста се надминати, а пред семејството го прогласуваат за мртов. Но надежта ги надминува сите опскурни сценарија што се надвиснуваат над него како сенки и, за среќа, тука го сретнува својот спасител, затвореникот Фариа.
Се обидував да го разоткријам идентитетот бидејќи Фариа беше целиот брадосан и со долга коса, но благодарение на драгата пријателка, која беше покрај мене и цело време ме охрабруваше, резултатот даде плод. Повеќе немаше дилеми, тоа беше Пјерфранческо Фавино, кој ги олицетвори ликовите во гангстерската сага „Субура“ (2015), лидерскиот капетан во „Командант“ (2023) и биографската драма за оперската дива Марија Калас, „Марија“ (2024), покрај холивудската фамфатал Анџелина Џоли. За да не изгубиме од континуитет на фабулата, да кажеме Фариа беше последниот витез што ја разоткрива тајната за закопаното богатство што се наоѓа на островот Монте Кристо. Сега, збогатен Едмонд со грофовски идентитет на Монте Кристо, се враќа во Париз со желба да им се одмазди на луѓето што му ги скршиле младешките идеали. За таа цел тој го повикува Андреа (Жулиен де Сен Жен), кој ги собра симпатиите на Берлиналето со филмот „Вкусно“ (2025).
Анамарија Вартоломеј (Хајде) е едно од најнадежните француски имиња од помладата генерација со романски корени. Таа е негова десна рака, која успева со бисерната насмевка да ги заведе своите потенцијални партнери и да ги открие нивните профили. Би го парафразирал Едмонд, кој вели: „Ова не е одмазда туку правда“.
Слоевитиот план минуциозно е претставен со архетипската одмаздничка приказна. Иако филмот трае речиси три часа, истото тоа можеме да го потврдиме и за романот – дека е обемен но сепак интересен. Едмондовата болка е непрежалената љубов кон Мерцедес, а дијаболичното предавство е еднакво како и самите творци на овој подмолен чин. Мерцедес се премажува без никаква грижа на совест и плус рамнодушно ја прима веста за „наводната“ смрт. Тежината на секој кадар се надвиснува на комплексноста и емотивноста на филмот, кој ја преиспитува правдата, односно смислата на одмаздољубивоста.
Храбриот израз на Матје Делапре нѐ враќа во ретроборбите на двобојските мечувања. Епската авантура на платното не ѝ успеала дури ни на холивудската машинерија со своите Марвелови ликови, кои се предизвик за секое дете да се приближи кон порадикален чекор. Високопродуцентските вредности се доста изразени со волшебната фотографија (вајдскрин) на Николас Балдук и раскошната сценографија на Стефан Тилиалсон („Тројцата мускетари“). Комплетна слика за солиден филм добиваме со музичката оркестрација на Робетје, кој за милиметри од рака го испушти „цезарот“. Во филмот секако профрчува и понекоја аномалија (како во сцената кога длабоко забиениот меч во градите на Едмонд е извлечен без тешкотија, небаре е чепкалка). Но, добро, побарувачката е рамномерна за високобуџетниот профит од вртоглави 40 милиони долари или?
Сепак, тоа не е причина да не одвоите време и да побрзате до „Синеплекс“ да ја видите најновата авантура наречена „Грофот од Монте Кристо“, стокмена во духот на европските класици.