Одгласи во најугледните лондонски медиуми
Двата концерта на македонскиот пијанист од светски глас Симон Трпчески заедно со Лондонскиот симфониски оркестар и повторната соработка со прославениот диригент Џанандреа Нозеда од Италија (инаку актуелен музички директор на Националниот симфониски оркестар од Вашингтон и главен гостин диригент на Лондонскиот симфониски оркестар), наидоа на лавина одушевувачки рецензии во најугледните лондонски медиуми, информира „КултурОп“. Имено, во две вечери (на 7 и 10 декември), одбраната екипа во салата „Барбикан“ во Лондон хронолошки ги изведе Првиот и Вториот концерт за пијано и оркестар на Брамс.
– Симон Трпчески беше остроумен и елегантен солист во Вториот концерт за пијано на Брамс. Длабоко проживеана изведба на Вториот концерт за пијано на Брамс со Симон Трпчески како солист. Тој внесе многу тежина, увид и драма во органски развивачкиот почетен став и турбулентното скерцо, а сепак деликатноста на неговото свирење најмногу ќе остане во сеќавањето на друго место – чувството за тивка тишина во центарот на бавниот став, на пример, или грациозноста на финалето, со неговата ненагласена елеганција и духовитост – пишува критичарот на „Гардијан“, Тим Ешли.
Своето одушевување не го криеше и особено инспирираниот рецензент на „Стандард“, Бери Милингтон, кој во својот критички осврт вели дека македонскиот пијанист Симон Трпчески има лојални следбеници и можете да видите зошто кога го изведува Вториот концерт за пијано на Брамс во Бе-дур е технички брилијантен, но полн со суптилни детали.
– Елоквентноста со која Тимоти Џонс го свиреше воведниот соло-дел на хорна беше усогласена со извонредниот одговор на Трпчески, формулиран и одмерен до совршенство. Тој така продолжи во сите четири става, проникливо дополнет со обликувањето на оркестарот од Нозеда, вешто интегрирајќи ги виртуозното прикажување и внатрешното размислување. Трпчески има близок однос и со оркестарските музичари. Тој низ пијаното охрабрувачки ѝ се насмевна на главната виолончелистка Ребека Гиливер, додека таа се подготвуваше да го свири солото што го започнува бавниот став и што таа го направи со чувство што допира. Гиливер беше наградена и со продолжен бакнеж од Трпчески кога уметниците ѝ се поклонуваа на публиката. Не сум го слушнал овој концерт изведен со таква воодушевувачки експресивна широчина, откако Даниел Баренбоим го свиреше во истата сала под диригентската палка на Антонио Папано, кој сега ја презеде улогата на главен диригент на ЛСО (Лондонскиот симфониски оркестар, н. заб.). Тоа беше пред 18 години – поентира критичарот на лондонски „Стандард“, Бери Милингтон.
Кон првата концертна вечер на која екипата од соништата го изведе Првиот концерт за пијано и оркестар од Брамс, критичарот на ценетиот портал за класична музика „Бахтрек“, Рој Вестбрук, напиша: „Солистот Симон Трпчески покажа целосно владеење на пијанистичката делница, вешто снаоѓајќи се низ нејзината очигледно незгодна испишаност за тастатурата. Односот на пијаното со оркестарот се менува од утеха до конфронтација. Успеа и во двете, а особено беше импресивен во првото… Трпчески му го посвети својот бис, Брамсовиот валцер, оп. 39 бр. 15, на диригентот, велејќи дека телефонскиот повик ’пред осум или девет години’ од Нозеда бил причина да го научи Првиот концерт за пијано на Брамс.“.
Инаку, снимката од изведбата на Вториот концерт за пијано и оркестар со Трпчески, Нозеда и ЛСО ќе биде емитувана на Третата програма на Би-би-си на 19 февруари.
Симон Трпчески концертната 2023 година ќе ја заокружи на 23 декември во познатата сала „Коларац“ во Белград, каде што со Симфонискиот оркестар на Српската радио-телевизија, под палката на шеф-диригентот Бојан Суѓиќ, ќе го изведе Вториот концерт за пијано и оркестар од Сергеј Рахманинов.