Димитрија Доксевски, директор на интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“

Во време кога сме опкружени со хиперпродукција на сомнителни „визуелни“ видеосодржини, „Браќа Манаки“ е столбот, регионален чувар на квалитетот и простор за негување на најголемите филмски автори и филмови. Фестивал што опстојува 46 години, го живее и го ужива статусот на исклучително квалитетен и уникатен фестивал на филмската камера, филмски фестивал каде што може да се погледнат најквалитетните филмски остварувања од последната година во светот

Под сенките на Пелистер, каде што времето го чува споменот на првите филмски рамки, повторно ќе завладее магијата на сликата во движење. Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, најстариот светски фестивал посветен на уметноста на кинематограферите, од 20 до 26 септември го претвора градот на конзулите во сцена за над 40 филмски остварувања, мастеркласови со водечки имиња од филмската уметност, инспиративни средби што го слават јазикот на светлината и сенката, присуство на околу 150 домашни и меѓународни гости… Фестивалот е основан во чест и како инспирација од пребогатиот фотографско-филмски опус на браќата Манаки, со што Битола стана мека на најдобрите светски директори на фотографија.
По повод 46-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“ разговараме со првиот човек на фестивалот, Димитрија Доксевски.

Што е главната нишка или фокус на годинашното издание?
– Фестивалот „Браќа Манаки“ го обликуваат програмата, лауреатите, другите уважени домашни и странски гости, кои се дел од филмскиот свет, учесниците на работилниците, учесниците на панелите на кои се дискутираат возбудливи и квалитетни теми што се поврзани со филмот и кинематографијата, предавачите, кои се дел од содржината што се случува преку ден, пред попладневните и вечерните проекции, учесниците на другите содржини од програмата за време на фестивалот, селекторите и, секако, сите соработници што го организираат сето ова. Квалитетот во секој сегмент го крева фестивалот на повисоко ниво, а сите сегменти заедно кога ќе се вкомпонираат и во хармонија се дополнуваат создаваат престижен, единствен и квалитетен фестивал. Фокусот е овој условно кажано жив организам, кој дише, се развива, комуницира и реагира на контекстот што му се задава, да допре до публиката, да го добие вистинското место под снопот светло, кој од 20 до 26 септември ќе го осветли, и да заблеска во својот сјај што го носи. Ова 46-то издание го гледам како еден вид одговор на нашето време, на состојбата во која се наоѓа филмската уметност, но и општеството пошироко. Преку моќта на сликата, филмот во целост, да допреме до секој гледач и филмовите да поттикнат размислувања, уживање, восхит и во исто време да поттикнат преиспитувања, секој индивидуално како и што прави за себе, за околината, за сѐ што нѐ опкружува, оти филмот отсекогаш бил и ќе биде одраз на сѐ околу нас.
Во време кога сме опкружени со хиперпродукција на сомнителни „визуелни“ видеосодржини, „Браќа Манаки“ е столбот, регионален чувар на квалитетот и простор за негување на најголемите филмски автори и филмови.
Фестивал што опстојува 46 години, го живее и го ужива статусот на исклучително квалитетен и уникатен фестивал на филмската камера, филмски фестивал каде што може да се погледнат најквалитетните филмски остварувања од последната година во светот. Оние филмови што светот ги препознава како врвни и се дела за размислување и за контемплација и во исто време се инспирација за сите гледачи.

Оваа година повторно се враќа програмата „Макпоинт“. Што Ве мотивираше за нејзиното реинтегрирање и каква е нејзината улога во фестивалската структура?
– Програмата „Макпоинт“ е суштинска, тaа е потреба. Потреба македонскиот филм да добие свое место во рамката на исклучителен интернационален фестивал, кој медиумски се покрива насекаде во светот. Таа програма ја доживувам како отворена сцена каде што со уживање ги гледаме домашното творештво и домашните автори и копродуцентските филмови каде што учествуваат македонски копродукции и автори. Простор каде што ќе можат сите интернационални гости заедно со домашните гости да имаат дополнителна можност да се запознаат со нашите автори, продукции и филмови. Улогата на програмата „Макпоинт“ е да создаде контекст каде што домашниот филм ќе се претставува на достоинствен начин и наедно ќе создава чувство на гордост и уживање во проекциите меѓу публиката и авторите, сцена на која нашите автори ќе можат да покажат дека сме зрела и исклучителна кинематографија, која создава филмови што со радост се чекаат на сите светски фестивали. Дополнително, ја гледам како простор каде што покрај искусните и докажани автори, и дебитантите и помладите автори ќе имаат можност и ќе можат да се прикажуваат на поголема сцена, да се претставуваат и да се промовираат. Годинава оваа сцена ќе блесне на посебен начин. Има одличен избор на македонски краткометражни и долгометражни играни и документарни филмови, многу возбудлива програма и најавувам дека ќе биде место каде што сите ќе одиме со голема радост.

Кои би ги издвоиле како најочекувани проекции или настани од годинашната програма?
– Како што претходно веќе кажав, оваа година имаме исклучително богата програма. Исполнети се сите термин од отворањето на фестивалот на 20 септември, до денот на затворањето на 26 септември. Од утринските часови до последните проекции, гостите ќе може да уживаат во светска програма. Да се чувствуваат слободни и да посетуваат што е можно повеќе проекции и содржини, затоа што многу е тешко што било да се фаворизира или истакнува од сето тоа што ќе се понуди на 46-то издание на фестивалот „Браќа Манаки“. Буквално, секој филм е внимателно селектиран од исклучителни селектори, искусни професионалци, кои оваа година направија селекција со која може да се гордееме и да се фалиме насекаде. Интересот за целиот фестивал е огромен и мене најмногу ме радува тоа. Секако, отворањето со „Мајка“ на Теона Митевска и затворањето со „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски имаат дополнителна тежина и симболичко значење и тие се најатрактивни помеѓу домашната публика. Филмови што со нетрпение се очекуваат. Но вистинската убавина на фестивалот е во неговата непредвидливост, во исчекувањето на она што ќе го погледнете или ќе го доживеете по проекциите. На сите проекции во сите сали, каде што луѓето ќе видат нешто што нема да го заборават, верувам дека тој тип искуство односно таков тип филмови се најочекуваните проекции на публиката.

Годинава „специјалната камера 300“ оди кај Семих Капланоглу и Воли Фистер, а „златната камера 300“ за животно дело кај Дариус Конџи. Што значат овие великани и нивното присуство за фестивалот?
– Конџи, Капланоглу, Фистер, три сосема различни ракописи, три визии, три великана. Двајца врвни, уникатни и единствени кинематографери и еден врвен филмски режисер со единствен и исклучителен јазик.
Капланоглу е добитник на „златна мечка“ на Берлинскиот филмски фестивал. Тој е еден од најуспешните и највлијателни режисери во турската кинематографија, кој има добиено 28 меѓународни награди и 10 номинации низ целиот свет.
Оскаровецот Фистер со Кристофер Нолан има долгогодишна соработка, која им ги промени животите и на двајцата артисти. Првиот од нивните заеднички успеси е филмот „Мементо“ (2000), продолжија со уште еден психолошки трилер, односно филмот „Несоница“ (2002), римејкот на истоимениот норвешки филм, а заедно се заслужни за ревитализирањето на акционите суперхеројски филмови „Почетоците на Бетмен“ (2005), „Темниот витез“ (2008).
Дариус Конџи е дел од онаа мала група кинематографери во светот што имаат оставено зад себе филмски остварувања за кои може да се каже дека се постулат на модерната филмска уметност, кои со децении ќе се изучуваат на факултетите и ќе се реферираат како поим за квалитет на модерниот филм. Уште помал е бројот на кинематографери за кои може да кажеме дека соработувале со филмски мајстори, режисерите: Жан-Пјер Жене, Дејвид Финчер, Бернардо Бертолучи, Михаел Ханеке, Роман Полански, Дени Бојл, Нил Џордан, Сидни Полак, Вуди Ален, Џејмс Греј, Бонг Џун-хо, Вонг Кар-Ваи, Алехандро Гонсалес Ињариту, Ари Астер и браќата Сафди и во плодната соработка создале неповторливи филмски остварувања.
Номиниран е за два „оскара“ за најдобра кинематограферска дејност за „Евита“ и „Бардо“, има една номинација за наградата БАФТА, по три номинации од Американското здружение на кинематографери (АСЦ) и Британското здружение на кинематографери (БСЦ), три номинации за наградите „цезар“ и две номинации за наградите „индипендент спирит“.
Нивното присуство на фестивалот, во Битола, во Македонија, го гледам како привилегија. За фестивалот, ова е потврда дека не само што сме актуелни туку и суштински релевантни. Исклучителни гости, добитници на престижните награди, лауреати што ги заслужува фестивалот „Браќа Манаки“. Среќен сум и горд што вакви великани ќе имаме оваа година на 46-то издание. Светскиот кинематограферски крем и светскиот режисер ни доаѓаат за неколку дена. Да уживаме една недела заеднички во сето ова за кое зборуваме изминатиов период.

Фестивалот ќе се отвори и ќе се затвори со македонски филмови. Колку е важно домашниот филм да добие ваков третман?
– Оваа година имаме исклучителни македонски филмови. Филмови што го обиколија целиот свет на сите најпрестижни фестивали. Филмови што добија многу награди, признанија и одлични критики. Одлуката со кои филмови ќе се отвора и ќе се затвора фестивалот во вакви околности не е тешка. Тоа е уживање и олеснета работа. Македонската кинематографија оваа година го ужива својот сјај надвор од Македонија. Филмови што предизвикаа многу внимание и привлекоа голема публика надвор од Македонија, а со тоа секако придонесоа и кај нас да се зголеми интересот и со нетрпение да се очекуваат нивните проекции. Селектираните филмови се со интернационални признанија и интернационална критика, исклучително квалитетни, наша среќа е што се македонски.

Колку простор им се отстапува на младите и студентските филмови и дали гледате растечка квалитативна сцена во македонската продукција?
– Покрај официјалната главна програма, програмата на кратки филмови, документарци, па „Макпоинт“, секако една од најзначајните на фестивалот, официјалната студентската програма е исклучително важна и очекувана филмска селекција во склоп на фестивалот. Филмови што авторите со нетрпение сакаат да им се прикажат. Филмови што треба да го носат новиот израз, да поместуваат и да прекршуваат форми и да бидат храбри во нивниот израз, со што ќе бидат попримамливи за публиката. Сметам дека младите автори од Македонија треба да добиваат повеќе простор и услови за да можат да ги реализираат нивните идеи. За да се градат во квалитетни автори, носители на македонската кинематографија. Се надевам и убеден сум дека во наредниот период ќе се променат многу работи во позитивна насока и младите автори ќе добиваат можност додека се навистина млади да бидат дебитанти и да ги снимаат своите први филмски наслови. Замислете што сѐ можеме да постигнеме како македонска кинематографија, како сцена, кога повеќе би се поддржувале македонските филмови и македонските автори. Македонскиот филм е непресушен и еден од најголемите промотори на Македонија надвор од нашата земја. Последново треба како мантра да го повторуваме. Има исклучителни автори, актери, филмски работници, кои со години чекаат да го покажат својот квалитет. Дебитираат кога треба да се во нивните најплодни години. Се надевам искрено дека она што гледаме дека е продуктивно и дека е поле на кое сме навистина силни и квалитетни ќе го изградиме посилно и ќе го подобриме. Како што кажав претходно, верувам во промените, се надевам на подобрување на состојбите во иднина.

Што за Вас лично и за фестивалот „Браќа Манаки“ значи тоа што Кирил Џајковски е годинашен добитник на „Големата ѕвезда на македонскиот филм“?
– Кирил Џајковски е автор, композитор што создава звук, уметност што ги дополнува сликата, приказната, наративот, магијата, режијата, емоцијата итн.
Тој е светски признаен автор што има свој препознатлив израз. Оригинален во неговата работа, неговите дела се светски признаени. Автор што има соработувано со многу режисери, на последниот негов настап во МОБ пред неколку месеци, кој патем беше прекрасен концерт, се потсетив на колку многу филмови има работено и колку македонски филмови и режисери добиле прекрасна филмска музика токму од Кирил. Уметник што треба да го цениме и да го наградиме, како и многу други исклучителни автори, кои ние треба да ги цениме дома и да ги почитуваме.
Со ова ја потврдуваме тезата дека филмот е колективен акт, спој на уметности. А Кирил е еден од тие автори што успеваат со тонови да сликаат.