Се зголемува интересот за проучување и исчитување на македонската книжевност за деца на Одделот за славистика на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана, каде што деновиве сѐ е во знакот на македонскиот јазик, книжевност и култура. Нецел месец по одбраната на докторската дисертација за заемното меѓукултурно посредување меѓу словенечката и македонската книжевност за деца од Бисерка Бобнар, под менторство на големата посветеничка на македонистиката Намита Субиото, за првпат се одржаа и гостински предавања во целост посветени на развојот на македонската книжевност за деца од нејзините почетоци во XIX век до денес. Предавањата ги одржаа истакнатите посветеници и автори на книги за деца од Македонија – Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и Ана Голејшка-Џикова.
Предавањето на Антоновски беше посветено на развојот на македонската книжевност за деца до почетокот на новиот милениум. Преку него, дел од словенечката академска јавност за првпат се запозна со почетоците на македонската книжевност за деца – фолклорот, Џинот, Прличев, Цепенков, како и за остварувањата во периодот меѓу двете светски војни, со посебен акцент на творештвото на Брадина, Киров-Мајски и Вапцаров, како и објавата на „Абецедарот“ во Атина пред сто години, а во целост и компаративно и културолошки беше претставен книжевниот контекст во овој период, со посебен акцент на развојот на свеста за потребата од одделна книга за деца во Македонија или на македонски јазик. Средишниот дел на предавањето беше посветен на македонската книжевност за деца по ослободувањето на Македонија и по кодификацијата на македонскиот јазик, при што беа презентирани најзначајните објави во периодиката, првите книги за деца и клучно – појавата и развојот на списанијата за деца во Македонија. Антоновски пред словенечките слависти и македонисти се осврна и на развојот на македонската книжевност за деца преку одделните жанрови, а одделно се анализираа спецификите на сите периоди на книжевниот развој до 2000 година, преку „клуч“ за одделните генерации македонски автори за деца. Притоа, акцент беше ставен и на одделни канонски дела и автори на македонската книжевност за деца – од Јаневски, Николески, Куновски, преку Андреевски, Смаќоски, Подгорец, Николова, Донев, Тарапуза, Петревски, вклучувајќи го и влијанието на другите медиуми во 1980-тите години… Предавањето ги опфати и состојбите во македонската книжевност за деца во првата деценија од македонската самостојност, кога се случи недостиг од нови автори што го прифаќаат предизвикот да пишуваат за најмладите.
Ана Голејшка-Џикова одржа предавање за книжевноста за деца во Македонија во периодот од 2010 до 2025 година, со оглед на интензивниот развој на продукцијата во последните 15 години. Притоа, таа не само што ја анализираше промената на интересот на издавачите и авторите што доведе до новиот бран поетики и дела во македонската книжевност за деца, туку и компаративно се осврна на спецификите на новите автори и дела наспрема остварувањата во периодот на осумдесеттите и деведесеттите години на минатиот век, како и на почетокот на 2000-тите. Посебен акцент беше ставен и на развојот и влогот во книжевноста за деца, особено од поновите македонски автори во периодот на пандемијата на ковид, а со тоа и на промената на дискурсот и наративот во комуникацијата на книжевниот текст со детето, како и на враќањето на некои изворни, примарни форми за детскиот развој. Голејшка-Џикова одделно се осврна на новите теми во македонската книжевност за деца, кои претходно не биле обработувани од македонските автори, а сега се присутни преку книги од новиот бран автори, при што и одделно се задржа на дел од позначајните објави. Едновремено, таа ги презентираше и тенденциите и натаму во македонската книжевност за деца да бидат присутни т.н. „класични теми“, но со нов пристап и израз, при што посочи и конкретни примери од македонската книжевна продукција. На предавањето се говореше и за другите жанровски форми: епска поезија, басни, куси приказни за деца и фикционални романи. Голејшка-Џикова пред словенечките слависти и македонисти говореше и за значајноста на влогот на илустраторите во поновата македонска книжевна продукција за деца, а во целост го делови и амбиентот во кој се случува актуелната голема присутност на книгата за деца во македонскиот книжевен простор.
Предавањата не само што поттикнаа дискусија туку може да се очекува да бидат поттик и за натамошни словенечки истражувања на македонската книжевност за деца, но и нови книжевни преводи и објави на македонската книжевност за деца во Словенија.