МАЈМУНОТ ЏОЛЕ, 5

Конечно да се вратам на повод за настанувањето на овој расказ или што и да е, од каде изникнаа низа портрети што ги пополнија спомените за мојата бруцошка година во Белград. Пред четири полни децении.
Поводот е една подзаборавена книшка што ја пронајдов меѓу несредените рафтови на мојата библиотека, „Некрологот за една чаршија“ од одољубецот Зуко Џумхур. Единствена книга на современик за која големиот Андриќ напишал предговор. Со препорака: „Земете ја и вие во раце и читајте ја! Таа го заслужува тоа. Читајќи ја, ќе патувате по своеволен возен ред, но по интересни патишта, а за водич и ненаметлив толкувач ќе имате уметник со жив дух и богато срце“.
Се случи едно доцно априлско утро во 1971. Тогаш го пишував семинарскиот труд за „Песната за кралот Нал“ од предметот „Антички книжевности“ кај професорот Воја Ѓуриќ. Рокот до кога требаше да го завршам беше крајот на април, затоа добро ми дојде кога Доне најави дека ќе оди во Скопје на две недели поради првомајските празници. Останав сам на мансардата, пред портокалово-белата машина за чукање „олимпија“, без иритирачките обложувања со Доне, а со отворен прозорец пред кој вишната наголемо цутеше („Пролетта ѝ удри во глава“, велеше тета Лепа).
Но тоа утро, при будењето во тој, тогаш за мене речиси идиличен амбиент, не стигнав да се порадувам на новонастанатата слобода. Всушност, ме пробудија. И тоа на малку поневообичаен начин.
Еден скокотлив, едновремено нежен допир, ме погали по сонливото лице. Ова не може да биде Доне, неговата дланка беше бавна и широка како лопата, а оваа, речиси детска, топла и жива.
Чучејќи на моите гради, без страв и љубопитно, ми го возврати погледот.
Така се запознав со мајмунчето Џоле.
Чиј газда беше Зуко Џумхур.
* * *
Пред некое време се збогував со Хорацио Цвикало, веќе со децении лик во моите раскази. Ми беше жал, но Хорацио беше книжевно истрошен, па дојде време достојно да се простам со него: – Извини Хорацио, ми беше големо, најголемо задоволство да се дружам и пишувам за тебе, ама…
Громовито се насмеа, како што само тој умееше: – Не тревожи се миличок, те разбирам. Животот се троши побавно од литературата кога таа е минлива. Но животот се троши побргу од литературата кога таа е навистина добра. А јас сум сосем задоволен како си ме прикажал.
Хорацио со своите поуки!
Сега, кога го привршувам сеќавањето за Сењак, се сетив на забелешката на Хорацио. Џоле од животот, од гранката на вишната, скокна во литературата. Некој од читателите ќе забележи, со право, дека приказната сум ја раскажал премногу бавно, како што Доне читаше весници, подолго отколку што треба, но авторот, како што впрочем и Хорацио вели, е должен да помни, а потоа само од неговата умешност ќе зависи како помнењето ќе го преточи во литература.
Знам дека во секоја приказна делот треба да биде свесен за целината, но пишувајќи за мојата бруцошка година, можеби се преразборев, но низ таа дрдорливост повторно ги видов јасно ликовите и случките од Сењак.
Најпосле, би можел да го заклопам својот споменар. Во него, како завршна би ја вметнал фотографијата на двајца другари од светот на очовечените животни (многу поблагодарен од оној на подивените луѓе). На териерката Маза и мајмунот Џоле. На таа толку впечатлива, иако нечкрапната фотографија го гледам Џоле, кој, во стил на најспретен џокеј, ја јава Маза, што весело трча низ дворот во Змај Огњена Вука 7, по нивната замислена патека покриена со бели вишнови ливчиња.