Антиупатства за лична употреба
И бегствата од Солун, со воз, иако со речиси тридецениска временска разлика, едното кон Велес (баба Марија), другото кон Скопје (г-ѓа Ј.), беа кажувани како да се случиле во истиот вагон преполн со испотени, ненаспани жени, натрупан багаж и расплачени деца. И мислите на тие деца, обземени со страв, на кои живо се сеќаваа двете старици, наспроти толку минати години како да ги беше изговорило едно исто дете: Каде одиме? А каде е тато? Кој ќе нѐ чека?
Историската слика и лик на Солун од времето на девојчето Марија до времето на Русинчето Ј. беа значително изменети, за што убедливо сведочи богатата историска хроника „Солун, град на духовите“ на Марк Моровер, но во сведоштвата што ги отслушав од двете старици, тој град како да беше запрен во ист временски кадар.
Иако подоцна, читајќи го „Солун, град на духови“ открив уште една запрепастувачка сличност меѓу Солун на баба Марија и оној на г-ѓа Ј. – огромни пожари, првиот од 1890, вториот од 1917, кои го опустошија градот.
* * *
Од едно и полгодишниот престој на Сењак немам ниедна фотографија. Што е мошне невообичаено зашто, освен куферите со алишта и книги, во Белград го однесов и фотоапаратот „смена 8“ во тврда кожена футрола на закопчување. И сликав, не многу, но сепак фотографии од девојката, другарите од студиите, од журките и дружењата имам. Но не и од жителите од Змај Огњена Вука бр. 7.
Гледањето фотографии ја активира меморијата. Сега, додека запишувам, сликите ги влечам од внатрешната камера на сеќавањето, но за чудо, тие се јасни и точни како да се фотографирани. Сепак, меѓу сите тие запомнети детали, недостига еден, и тоа важен. Како што не направив ниедна фотографија на куќата и станарите од Сењак, така не можам да се сетам на руското моминско презиме на г-ѓата Ј.
Имаше луѓе со руски презимиња во моето детство, главно колеги на татко ми, Богачев, Пиоваров, Лозински. Но на моминското презиме на г-ѓата Ј. не можам да се сетам! Таа за мене беше г-ѓата Ј., по презимето на нејзиниот сопруг Словенец, министер и гинеколог. Се чудам како, за време на целата година и пол мината на Сењак, не сум ја прашал елегантната руска дама за нејзиното моминско презиме.
* * *
Г-ѓата Ј., тета Лепа, Доне и јас не бевме единствените станари во куќата на Сењак. Со нас живееше и Маза. Спротивно од поговорката што ја користеше тета Лепа, „нит пас коску глоѓе, нит је другом даје“, оваа остродлака светлосива териерка, со долгнавеста, четвртеста муцка со црно копче на врвот, беше темпераментна, брза, но во исто време дружељубна и галежлива, сосема во согласност со нејзиното име.
Едно зимско утро, пред заминувањето на факултет, додека во капут, на излезот, ги навлекував ракавиците, ме пресретна гласот на г-ѓа Ј. од салонот: – Александрр, дојдете ваму!, и, онака наоблечен, се соочив со нејзиното сериозно лице, иако гласот сега ѝ беше за нијанса порастреперен од вообичаениот: – Александрр, се случи нешто…
– Што?
– Нашата Мазенка… – изразот уште посериозен, гласот поистоштен: – Фатила тумор.
– Не е можно. Каков тумор?
– На образот, голем… – воздивна: – И реков јас на Лепа дека треба да внимава, да ја чува. Јас го изгубив видот, не гледам ништо, но таа, треба да внимава, да ја чува.
Склупчена, во ќошот на кујната, со главата врз шепите, териерката изгледаше навистина ранливо. Левиот образ ѝ беше видливо натечен, иако, забележав, некако премногу тркалезно.
Сите во куќата беа возбудени, растрчани, дури и Доне, во пижами, влечки и со весникот под мишка, се симна од мансардата и се обидуваше да ја смири општата загриженост: – Ќе биде сѐ во ред… не изгледа лошо… само тој образот…
Набргу пристигна и ветеринарот Мирко. Ја симна беретката, го откопча мантилот, погледна во Маза, и се насмевна.
Ја натера да ја отвори устата (г-ѓата Ј.: – Ве молам, господине Мирко, таа е многу, многу нежна).
И Маза исплука… пинг-понг топче! Го пронашла негде меѓу тревата во дворот, ама не го проголтала, што инаку би можело да биде навистина опасно, туку го задржала во устата и затоа образот ѝ се надул. Додека го пиеше кафето, ветеринарот Мирко сѐ уште се смешкаше: – Надуен образ, а, итрица, сите ве збунила.
(продолжува)