Изложба на сценски костими е отворена во културниот центар „Јадро“.
– Следејќи го кројот на работилницата „Вовед во сценска костимографија“, под менторство на истакнатата костимографка Марија Пупучевска цртавме, конструираме и реконструиравме костими. По многу успешни шевови и безброј загубени шнолки, со голема радост ве покануваме на изложбата што произлезе од работилницата. Оваа изложба ја склопивме имајќи на ум дека костимите не се само облека – тие се дел од сценскиот простор што раскажува приказна, пренесува расположенија и го проширува значењето на театарските претстави – велат од „Јадро“.
Преку оваа работилница, учесниците се запознаа со историјата, теоријата и креативниот процес на дизајнирање сценски костуми. Изложбата ги претставува нивните дела – резултат на инспирација, посветеност и новостекнати вештини.
На изложбата, со свои дела се претставени: Марија Пупучевска, костимографка и менторка на работилницата, и учесничките на работилницата Марија Аргировскa, Елена Билбилоска, Марија Бошковска, Еми Дамјановик, Марија Ѓоргиевска и Софија Кирјаз.