„Локомотива“ – центарот за нови иницијативи во уметноста и културата (Македонија) учествуваше на „Канал 2026“, дводневна професионална платформа иницирана од Националниот центар за танц. Настанот обедини десет француски танцови институции и шест институции од Балканот (Грција, Словенија, Бугарија, Македонија) и го претстави работењето на 32 уметнички тима преку извадоци/перформанси, разговори, работилници, дебати, проекции и презентации на проекти.
„Канал 2026“ се одвива во Витри-сир-Сен на три локации, како и на cnd.fr, со онлајн издание што започнува од март 2026.
„Локомотива“ беше претставена од Биљана Тануровска-Ќулавковски, која ја презентираше работата на центарот и ги претстави кореографките-танчарки од Македонија поврзани со организацијата: Тереза Лазарев и Викторија Илиоска. Дополнително, Тануровска-Ќулавковски учествуваше и на дискусија на темата „Кои се специфичностите на кореографскиот екосистем на Балканот…?“
Викторија Илиоска ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа, како и „Хоуп фор д бест – припеар фор д ворст“, перформативен тренинг што го третира телото како ресурс, а театарскиот диспозитив како заедничка инфраструктура. Развиена во услови на кратења во културата и екстрактивни економии, работата ја поставува публиката како активен материјал на ситуацијата, а не како набљудувач – каде што вниманието, физичкото присуство и издржливоста циркулираат како заеднички ресурси. Делото прашува за што треба да се тренираме како колективно тело за иднината што доаѓа.
Тереза Лазарев ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа, како и „Пешанет анимал“, кореографски истражувачки проект што ја истражува врската помеѓу колективната меморија и личната танцова меморија и прашува како нестабилноста и колапсот го трансформираат телото. Како дел од истражувањето, таа изведе краток танцов сегмент на музика од Александар Гроздановски.
Оваа активност е поддржана од проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој ги имплементира „Хартефакт фонд“, Националниот центар за танц и „Театроскоп“, програма иницирана од Францускиот институт, Министерството за култура и Министерството за Европа и надворешни работи.


































