Роберт Велјановски, директор на Драмскиот театар
Како ја оценувате исполнетоста на целите што си ги поставивте за Драмскиот театар во 2025 година?
– За 2025 година поставивме цели – во програмскиот дел, во меѓународна соработка, маркетинг и публика, човечки ресурси, одржување на објектот. Во програмскиот дел целите се 100 отсто остварени на завидно, високо професионално ниво и, што е најважно, на ниво прифатливо за нашата публика. Реализиравме пет премиери: „Ифигенија за ништо“, адаптација и современо читање на античката трагедија „Ифигенија од Авлида“ на Еврипид, а во адаптација и режија на Филип Петковски, „Гидионовиот јазол“ на Џона Адамс, а во режија на Драгана Милошевска, „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме, своето не го даваме“ на Душан Јовановиќ, а во режија на гостинот од Хрватска Иван Пеновиќ, „Куршуми над Бродвеј“, адаптација на Ненад Витанов, работена според сценариото за истоимениот филм на Вуди Ален и Даглас Мекграт, и „Болва в уво“ на Жорж Фејдо, во режија на Синиша Евтимов. Во делот на меѓународната соработка имавме исклучително плодна, квалитетна и значајна година. Имено, покрај учеството на петте ревијални фестивали организирани од Унијата РУТА во пет држави на Балканот (Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора), успешно го реализиравме изданието на „РУТА Драмски“ на сцената на Драмскиот театар. Особено се значајни работата и реализацијата на првата копродукциска претстава работена на сцената на Драмскиот театар со нашите партнери од РУТА. „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме, своето не го даваме“ е претстава реализирана на сцената на Драмски со учество на четири копродуценти – НУ Драмски театар Скопје (Македонија) како носител на проектот, нашите партнери од Унијата РУТА – Белградско драмско позориште (Србија) и Местно гледалишче љубљанско (Словенија) и четвртиот копродуцент „Будва град театар“ (Црна Гора).
Дали сметате дека и во делот на маркетинг и публика имавте успешна реализација на поставените цели?
– Со ангажиран и по малку настојчив пристап успеавме да се наметнеме како исклучително успешен и сериозен театар, што се потврдува со бројот на посетители, но и со остварените приходи од продаден билети. Одржувањето на објектот е веројатно најтешкиот дел. Но, и покрај предизвиците и тешкотиите, успеавме целосно да ги реновираме осумте актерски гримиорни (промена на светлосни тела, нова конструкција за гипс-картон, гипс-картон со глетување и бојадисување на ѕидовите, замена на подовите во гримиорните) и целосно реновирање на два ходника. Една беше целосно надвор од употреба, а две во делумна употреба. На крајот на годината почнавме и со сериозна реконструкција на ликовната, столарската и браварската работилница, со цел да се обезбедат поголем простор и подобри услови за работа на вработените. Овие простории се лоцирани во објектот што е во очајна состојба именуван како Стара филхармонија, објект во владение на Драмскиот театар.
Единствената цел што е реализирана делумно и на која сѐ уште треба посветено да работиме е во делот на човечките ресурси. Имено, во 2025 година имавме потреба од 14 нови вработувања, еден во делот на администрација, 4 во делот на помошно-уметнички персонал и 9 во техничкиот оддел. Успеавме да реализираме само 4, и тоа 1 со преземање и 3 вработувања на јавен оглас. Оваа цел останува еден од најсериозните приоритети за 2026 година.
Која претстава или проект се покажа како најуспешен во изминатата година и зошто?
– Многу е тешко да се посочи „најуспешната“ претстава затоа што, како прво, сите пет претстави се занимаваат со различни тематики, имаат различни театарски естетики и секоја од нив има своја специфична тежина во живеењето на Драмски. Второ, за да споредувате, треба да востановите еден или повеќе критериуми (број на публика, број на одиграни претстави, број на освоени награди, износ на средства што се вложени во претставата итн.) врз кои ќе ја правите споредбата, а тоа е безмалку невозможно затоа што ниту една нема исти или слични карактеристики по кои би ги направиле тие критериуми. Затоа повеќе би сакал да ги истакнам добрите страни на секоја поединечно.
„Ифигенија за ништо“ е современо и провокативно препрочитување на античката трагедија „Ифигенија од Авлида“ на Еврипид и е естетски многу поразлична од сѐ што е на репертоарот на Драмски во изминатава деценија, таа привлече сосема нова публика. „Гидионовиот јазол“ е камерна претстава со ненаметлива но моќна режија и две извонредни актерски остварувања, валоризирана со освојување на наградата „Ристо Шишков“. „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме, своето не го даваме“ е копродукциска претстава што преку суптилен хумор говори за машко-женските односи, за на крајот да ги проблематизира односите меѓу луѓето и на сосема други нивоа. „Куршуми над Бродвеј“ е брилијантна комедија, која на нашата публика ѝ нуди можност да ѕирне зад кулисите и да почувствува еден процес на создавање театарска претстава со сите проблеми, доблести и мани што се дел од создавањето на која било претстава. Претстава што го сруши рекордот на остварен приход од една изведба. „Болва в уво“ е урнебесна комедија, која својата безвременост ја потврдува дури и кога дејството и времето во кое се случува драмското дејство ќе ги пренесете во Скопје, во 1980-тите години. Ова е претстава што со секое пуштање во продажба ги руши рекордите во брза продажба на билетите.
Дали забележавте раст во бројот на публика и интересот за театарот, на претставите во Драмскиот?
– Бројките се следни и лесно споредливи. Ќе ги презентирам за три години (2023, 2024, 2025) за да се увиди што е сработено во изминатава година и половина. Во 2023 година се одиграни 112 претстави со 16.205 гледачи. Во 2024 година се одиграни 128 претстави со 18.614 гледачи. Во 2025 година се одиграни 166 претстави со 25.943 гледачи. Ова се показатели што укажуваат на сериозен раст на бројот на посетители, особено во 2025 година. Тоа се должи на зголемениот број на одиграни претстави, на квалитетот на претставите што ги поставуваме, но и на многу посериозниот и постудиозен пристап во делот на стратегијата за рекламирање и продажба на нашите претстави.

Дали имате конкретни најави за премиери или нови проекти што ги подготвувате за 2026 година?
– И покрај тоа што сѐ уште не се објавени резултатите од Министерството за култура и туризам, а по најавите дека и оваа година ќе бидеме дел од оние установи што ќе бидат на делегиран буџет, па самите ќе одлучуваме што, како и кога ќе се работи, ние веќе интензивно и посветено работиме на програмата за 2026 година. На 14 февруари веќе е закажана премиерата на монодрамата „Драми на принцезите – Џеки Кенеди“ од Елфриде Јелинек, во режија на Жива Бизовичар, а во изведба на брилијантната актерка на Драмски, Трајанка Илиева Вељиќ. Ова е всушност дел од претставата „Драми на принцезите“ што може да се оформи како монодрамска форма, така што ќе добиеме производ што ќе изискува многу мали финансиски средства. На 20 јануари е закажана првата проба за новата претстава на ДТС „Ова е само крај на светот“ на Жан-Лук Лагарс, во режија на Теа Беговска, а премиерата е закажа за 7 март. На 20 февруари почнуваме со работа на претставата со која ќе го одбележиме големиот јубилеј – 80 години Драмски театар Скопје, „Мачкина глава“ на Венко Андоновски, а во режија на Дејан Пројковски. Премиерата е закажана на 21 април, ден што го чествуваме како датум на кој започнува успешната приказна наречена Драмски театар Скопје. На почетокот на мај, гостинот од Босна и Херцеговина, режисерот Дино Мустафиќ ќе почне со работа на претставата/претставите „Федра“ на Расин и „Федра“ на Сара Кејн, а премиерите ги очекуваме во средината на јули на фестивалот „Охридско лето“.
Младата македонска режисерка Моника Спасовска ќе има можност да ја работи својата дипломска претстава на сцената на Драмски, со што ќе вратиме една убава пракса од минатото, младите режисери да добиваат шанса да ги покажат своите знаења во професионален театар и да се претстават пред македонската публика во сериозна професионална продукција. Во втората половина од годината, се разбира тоа ќе биде условено од материјалните средства што ќе ги добиеме, планираме да поставиме уште три претстави: „Малиот Ејолф“ на Хенрик Ибзен, во режија на македонскиот режисер Дејан Ангеловски, „Трите сестри во Москва“ на Владимир Талевски, во режија на Јани Бојаџи, и „Рекет“, во режија на Коле Ангеловски.
Со какви предизвици се соочувате и што би ја поместило работата на Драмски кон повисоко ниво?
– Главните предизвици со кои како театар се соочуваме се во два сегмента. Првиот е во делот на недостиг од човечки ресурси во делот на административниот, помошно-уметничкиот и техничкиот персонал. Со решавање на овој проблем и добра и рационална стратегија за работа ќе овозможиме поголем број на премиерни изведби, репризи, а со тоа и поголем број на гледачи. Вториот, многу покомплексен, бара многу повеќе време и пари. Станува збор за изградба на нов објект за потребите на ансамблот. Веќе е сосема јасно дека постојниот објект не ги задоволува потребите, но и потребите на современата публика во сите сегменти на објектот: од сцена, работилници, административни простории, фундуси, па до тоалети. Она што нѐ охрабрува се сериозните најави на министерот Зоран Љутков и на премиерот Христијан Мицкоски за скорашно почнување на изградбата на нов објект.
Драмскиот театар воведе Недела на независни продукции и конкурси за млади автори. Какви резултати имате од овие иницијативи и какви се вашите планови во иднина?
– Неделата на независните продукции дава одлични резултати. Препознав дека првичната идеја за отстапување на сцената на Драмски за изведба на претставите што се финансирани од буџетот, а се продуцирани од независни продуценти и продукции, е добра идеја. Оваа манифестација се одржуваше еднаш во годината, но донесовме одлука да ја прошириме и сега се одржува двапати во годината. Исто така, треба да се напомене дека како дел од оваа иницијатива на крајот на декември одигравме и 10 претстави за деца, со цена од 250 денари, со цел да ја збогатиме понудата за детски претстави пред новогодишните празници. Со наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од млад автор (до 30 години), за жал немавме успех во првата година. Имено, Комисијата процени дека од понудените четири драмски текста од млади автори нема доволно квалитетен текст. Искрено се надевам дека ситуацијата ќе се промени на годинашниот конкурс. Доколку не се случи тоа, сериозно размислуваме за промена во пропозициите и зголемување на старосната граница на авторите на конкурсот. Идејата е да се стимулира квалитетно македонското драмско творештво, но таа ќе остане само јалова заложба доколку на конкурсот не се конкурира со квалитетни драмски текстови.
Каква стратегија и бенефит имате со меѓународни соработки и копродукции, како на пример преку РУТА и меморандумот со Народниот театар од Ниш?
– Иницијативата за Унија на регионални театри РУТА е стратешки добро организиран и остварен проект. Не е случајно што од сите театри во Македонија токму Драмскиот театар е поканет да биде дел од оваа Унија. Меморијата на балканскиот театар, особено на оној од бившојугословенските простори го детектира и препознава Драмски како еден од најуспешните театри на овие простори. Она што во 60-тите, 70-тите и 80-тите години на минатиот век Драмски го имал како можност за презентација пред тогашната југословенска театарска јавност, но и можноста за „естетски мегдан“ со другите театарски куќи, во кој многу често ги собирал ловориките на тогашните југословенски театарски фестивали, по распадот на федерацијата исчезна. По исчезнувањето на овие можности останавме самодоволни да ги прераскажуваме успесите што сме ги остварувале. Во и преку РУТА, конечно, по долги години добивме „огледало“ во кое можеме, не само теоретски, туку и искуствено, да се огледаме до каде сме ние во светот на театарот, какви се нашите театарски светогледи, кои се современите трендови во театарот, до каде се нашите режисерски погледи на современиот театар, каква е моќта на современиот македонски актер… Истото тоа важи и за Меморандумот за соработка потпишан со Народниот театар од Ниш и во скора иднина очекуваме, во најмала рака, да се случат гостувања во Скопје и во Ниш со кои ќе ги презентираме нашата култура и нашата работа, а на размислувања сме и за еден копродукциски проект, со што уште повеќе и многу поконкретно ќе ја продлабочиме нашата соработка. Копродукциските претстави се едно сосема поразлично искуство, особено кога се работи за копродукции од меѓународен карактер. „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме, своето не го даваме“ е копродукциска претстава што по својата комплексност и по својот обем надминува многу копродукции што се работени не само во Македонија туку и на Балканот.
Која е вашата долгорочна визија за улогата на Драмскиот театар во културната сцена на Македонија и на Балканот?
– Во делот на инфраструктурата сосема е јасно дека мој главен приоритет е изградба на нов објект на НУ Драмски театар Скопје. Всушност, ова е и главниот мотив по седум години да се вратам на позицијата директор. Јас искрено жалам што и покрај готовиот проект, и покрај завршениот тендер за изградба на Драмски во 2017 година, тогашната власт го отфрли проектот за нов објект на Драмски. Досега тој ќе беше во функција, а гледано од оваа перспектива, со оглед дека живеевме две пандемиски години, сето тоа ќе беше многу побезболно. Во делот на театарската политика, приоритетот ќе биде ставен на младите македонски театарски творци, режисери и драматичари, во обид и со надеж дека ќе изнедриме сериозни автори, кои повеќе од достојно ќе го презентираат македонскиот театар. Ова е „најопасниот“ дел од предвидената стратегија и затоа оваа стратегија мора да биде поткрепена со веќе проверени режисерски имиња, кои ќе донесат некоја стабилност во однос на квалитетот на претставите. Искрено, во моментов сме во преговори за 2027 и 2028 година за можни соработки со режисери што не се од Македонија, а во последниве неколку години со своите дела се наметнуваат како водечки режисери на Балканот. Актерите отсекогаш биле главната и ударна сила на Драмски, а во Драмски сега има една нова генерација на актери. Ним мора да им биде дадена сериозна шанса и поддршка од веќе проверените и докажани актерски големини на Драмски „трпеливо и полека да го допечуваат занаетот“ и на свои плеќи да го преземат репертоарот на театарот. Тој процес е веќе започнат и треба да се одржува и стимулира. Колку што ми дозволува времето, се обидувам да ги следам испитите на факултетите за драмски уметности, особено испитите на класите по актерска игра и режија, и се обидувам да ги детектирам најсоодветните кадри како можни идни соработници и членови на ансамблот на Драмскиот театар.
Лично, што ве мотивира најмногу во работата како директор и како тоа влијае на вашите одлуки за репертоарот и програмата?
– Нема поголема мотивација во работата од љубовта што и по 35 години професионално занимавање со театар ја чувствувам кон театарот. Чинам дека интензитетот на таа љубов е еднакво силен како на денот кога решив да се запишам на Факултетот за драмски уметности. Што се однесува до одлуките за репертоарот и програмата, тука љубовта понекогаш создава многу големи проблеми. Моето сакам (љубовта) честопати е во директен судир со објективните можности (можам: финансии, време, ресурси), кои во определен момент се ограничувачки фактор. Но, љубовта е таа што постојано ме тера во потрага по најсоодветни можни решенија во тој одреден момент. Или, што би рекол мојот последен лик од претставата „Куршуми над Бродвеј“, директорот на бродвејскиот театар Мороско, Џулијан Маркс: „Би си ја продал и сопствената кожа само да можам да финансирам уште една луда претстава“. Од друга страна, во Драмски на редовна основа функционираат две сериозни тела: Управниот одбор и Уметничкиот совет. Управниот одбор е телото што се грижи за и го контролира законитото работење на театарот, додека Уметничкиот совет, во кој имам бескрајна доверба, го доживувам како котел на идеи, кои постојано вријат и кои ме насочуваат и ми помагаат да ги донесам најсоодветните, најрационалните и најцелисходните програмски и репертоарски решенија за театарот. И на двете тела им благодарам за несебичната поддршка што ја добивам во работењето.
































