Љубовното ехо на поетскиот реализам

Кон новиот филм „Партенопе“ (2024 г.) на режисерот Паоло Сорентино, со Челесте Дала Порта, Стефанија Сандрели и Гери Олдман во главните улоги

Рецензија

Веројатно стилската естетика на филмот „Големата убавина“ е надмината затоа што Паоло Сорентино станува лирски посовршен во својот нов филм „Партенопе“ (2024 г.), во кој играат: Челесте Дала Порта, Стефанија Сандрели, Гери Олдман. Филмот го следи долгиот животен пат на Партенопе, од раѓањето во 1950 година до денес. Кинематограферка е Дарија Дантони, наградувана италијанска кинематограферка позната по филмовите „Партенопе“ (2024), „Божјата рака“ (2021), „Здебелување“ (2019) и „Рикорди?“ (2018).
Сорентино непогрешливо заводнички го уточнува раѓањето на Партенопе (Челесте Дала Порта) како Венера од морската пена. Со временскиот скок фаталната убавица од Неапол станува заводница што краде воздишки од момците околу неа. Во неговите претходни филмови се чувствува носталгичен восклик по детските идеали како од неговиот учител Фелини од филмот „Амаркорд“.
Маниризмот на доминација по дионизиски концепт го присвојува како свој параф. Елементите на филмска поетика се препознатливи со визуелна раскошност на загадочните ликови и препознатлива канцона. Сега не знам дали некои од колегите ќе се согласат со мојата визуелна перцепција, но тоа е сепак лична претпоставка. Еротизираната сцена во која Партенопе позира во костим за капење на балконот на фамилијарната вила е во стилот на „Паулина Боргезе“ од Канова. И како што се одвива дејството пред очите на гледачот, трубадурските ноти нѐ повикуваат на танц низ моќната филмска фотографија. За тоа секако е заслужно прецизното око на Дарија Дантонио, која со секој нов филм создава ремек-дело.

Сорентино не избегнува да го прикаже декадентното милје на Неапол во зенитот низ призмата на баханалните игри. Но не е сѐ така идилично како што ни изгледа: самоубиството на брат ѝ е целосен пресврт не само кај Партенопе туку на целата фабула. Некои од реалните слики со калеидоскопски релјеф минуваат во хипнотичен свет во кој учесници се главните актер(к)и. Сведоци сме на видниот патријархализам, на модерната уметност, но и на непрепознатливите ритуали. Таква е да речеме сцената на колективно гледање кога младиот брачен пар води љубов. Со овој чин се верува(ло) дека ќе се намали чемерот на сиромаштијата и ќе се придобие богата егзистенцијална сигурност.
Нејзината средба со писателот Џон Чевер (бледо издание на Гери Олдман), филмската агентка (Изабела Ферари) и развратниот бискуп заслужно е карикирана во стилот на ексцентричниот Буњуел. Тука се мешаат две сили, позитивните наспроти енергетските вампири. Челесте Дала Порта е нурната во улогата на сензуална убавица, која не може да ја заборави својата младешка љубов Сандри. Таа е интелектуалка со нарцисоиден став што секогаш цели со Аморовата стрела во целта, а потоа страсно продолжува со новите освојувачки походи. Минуциозноста на Сорентино уметнички го оживува митот за јужноиталијанската сирена Партенопе, која знаеме како го заведе Одисеј. Затоа приказната е многу интересна за поранешниот град Неаполис, во прозниот дискурс познат Партенопе.

Неаполскиот гениј го вметнува и Силвио Орландо во улогата на скромниот професор по антропологија, кој успева нашата хероина да стекне доволна доверба кај него сметајќи го за втор татко. Во знак на почит кон неа, тој ја става за наследничка на катедрата по антрополошки студии. Осаменото професорско срце до срж ја соголува својата болна вистина. Со педагошки манири на смиреност, Партенопе го запознава монструозниот син на професорот.
Во префинетиот стилски феномен, односно амплифицирана и карактерна разноличност, Сорентино успева да собере значајни имиња од филмската фела. Може да напоменеме некои од нив како: Дарио Аита, Пепе Ланзота („Наполи Наполи“, „Дајте пет“), Луиза Ранери ја толкува остроумната Грета Кул. Секако, не смееме да ја заборавиме блескавата интерпретација на италијанската легенда Стефанија Сандрели во улогата на професорката Партенопе. При пензионирањето добива бурен аплауз од помладите универзитетски колеги од кои еден ќе биде нејзин наследник.
Хроматскиот валер на азурниот Неапол режисерскиот маг го отсликува со универзална слика на современиот свет, а митот за Партенопе се преточува во сирената наречена Челесте Дала Порта, која долго време ќе ги грее нашите срца со неаполската сензуалност.

Александар Василевски