Амбасадата на Кина најавува голем културен спектакл

Гала-вечер со Сичуанската оперска трупа од покраината Сичуан, Струковниот универзитет за уметности „Ченгду“ и театарското друштво „Џингџу“ од Пекинг, по повод Кинеската нова година, насловена „Културна Кина · Прекрасниот Сичуан“, ќе се одржи во Битола, Охрид и Скопје во почетокот на февруари. Претставата ќе се одигра на 4 и 5 февруари во МНТ. Од Амбасадата најавуваат спектакуларно културно искуство полно со бои, ритам и традиција. Претходно кинеската претстава ќе се игра во Народниот театар во Битола на 3 февруари, а на истиот ден во Охрид ќе се организира „Поп ап“.
Настанот се организира со поддршка на Амбасадата на Народна Република Кина во Македонија и Министерство за култура и туризам на Македонија, а коорганизатори се Кинескиот меѓународен центар за културна размена, Македонскиот народен театар и Народниот театар од Битола.
– Пријателството меѓу Кина и Северна Македонија датира од далечното минато, а културата и уметноста отсекогаш играат незаменлива улога. Сичуанската оперска трупа и Струковниот универзитет за уметности „Ченгду“ се почестени да го збогатат ова пријателство. Од своето романско деби во 2006 година, Сичуанската оперска трупа има настапувано низ Европа: Франција, Швајцарија, Обединетото Кралство, Германија, Италија, Бугарија и Србија. Во 2026 година, во соработка со Струковниот универзитет за уметности „Ченгду“, ќе ја претстави турнејата „Културна Кина · Прекрасен Сичуан“ во Србија и во Македонија. Нека светлината на културата го осветли патот на заемното разбирање меѓу цивилизациите, за заеднички да создадеме посветла иднина каде што различните нации и цивилизации на оваа планета хармонично коегзистираат, секоја цветајќи во својот уникатен сјај – велат од Амбасадата на Народна Република Кина во Македонија.
Гала -вечерта се состои од неколку сценски перформанси: „Допир од небесен мирис“ (Сичуанска опера); „Златниот мајмун ја пречекува пролетта“ (Сичуанска опера) во изведба на Шуи Сиаохуа; „Сианг“ (танц); „Запирајќи го коњот“ (Сичуанска опера) во изведба на Јин Лианлиан и Хуанг Хаивеи; „Пролетен расцут на реката осветлена од месечев сјај“, „Љубители на пеперуги“ и „Коњски трки“ (народна музика) во изведба на Су Веи и Фу Сиаошу; сликање во живо на Џанг Бин; „Заминување од пештерата за да се доживее пејзажот“ (Сичуанска опера) во изведба на Џу Тингтинг; „Кои Карп“ (танц); „Легенда“ (боречки вештини) во изведба на Ли Даоџенг; „Традиционално Грамарје“ во изведба на тројца изведувачи предводени од Денг Хаојуе; „Хуо’ер Гуге“ (танц); „Божицата расфрла цвеќиња“ (Пекиншка опера) во изведба на Шао Џенкун, „Патување до хоризонтот на древниот Шу“ и традиционална претстава со менување лица.