(Кон изложбата на Лија Пержовски, „Сет за преживување (избор од Музејот на знаењето)“, и Дан Пержовски, „Обновени вести“, под кураторство на Мира Гаќина во Музејот на современата уметност, Скопје)
Критичките рефлексии и визуелните поетики на современите романски уметници Дан и Лија Пержовски се простираат на ѕидовите во Музејот на современата уметност во Скопје под насловеноста „Сет за преживување (избор од Музејот на знаењето)“ и „Обновени вести“. Земајќи ги како подлога музејските ѕидови, уметниците го вградуваат своето авторско присуство како контекстуално специфична ликовна практика во овој и во другите светски музеи, како „МоМА“ во Њујорк, „Тејт модерн“ во Лондон, „Помпиду-Бобур“ во Париз.
Дан Пержовски работи со методите на апропријација на најден предмет, како што е весничката новина, интервенирајќи во облик на коментар (доцртување зборови, знаци, графички и иконични, сликовни симболи). Концептуализирајќи го ликовниот гест, Пержовски конципира исказ низ доменот на означителните практики, менувајќи го курсот на денотацијата, на она што е означено како факт или податок, како одново конотирање – посочување на новата можна читливост (заснована на неповерливост).
Рефлектирајќи на локалните вести, Пержовски развива зборовна игра, пермутирајќи ги буквите до беззначност (пр: тата, тото, тете, туту, извлечени од постојните веснички анализи) или како конструкција на нови значења по пат на „тропи“, кои добиваат нова функција во јазична смисла. Актуализацијата на зборовите се спроведува преку процесот на контекстуализација во сооднос и дијалогот со преземениот модел (текст, слика).
Со критичка будност, уметникот ги зема за свој предмет актуелните општествени состојби пренесени преку печатените медиуми за комуникација со јавноста преку „контекстуално специфична“ ликовна практика, дефинирајќи ја како колажен цртеж. Всушност, доколку промислуваме надвор од востановените ликовни дисциплини како што се цртежот и колажот, уметникот „придодава“ и „прикачува“ многу повеќе отколку што доцртува, бидејќи цртежот или колажот како поетички постапки, естетскиот процес како таков, се чини дека не се во неговиот фокус, туку само една можна описна и толковна категорија на медиумот како носител на „ангажираната порака“. Подлабоката дијалектика специфична за овој вид создавање ќе ја најдеме во поимот „монтажа“, како процес на селекција и комбинација преку отелотворување на коментарот врз „површината“ на податокот предаден низ традиционалните медиуми за општествена комуникација, додека значењето изведено од авторската гледна точка се движи по вертикалната оска на смислата (од долу, па нагоре), коментирајќи ги и изворот – „објективноста“ и целта – субјектот „плурален“.
Стратегијата на моделите за масовна комуникација како инструментални ја преобразува во стратегија на критичкиот, мисловен субјект – уметникот како таков. Преку доцртување врз веснички сегменти од секцијата „ставови“, на темата Европското „вртење на грбот на лево“, „големите поделби“, „средната класа со средните соништа“, „трагедија“ и „еколошки катастрофи“ (довршени со акронимот d.i.y. do–it–yourself), „страв“ и „вознемиреност“, „доверба во демократијата“, „слобода на изразот“, уметникот јасно ги изразува своите идеолошки и хуманистички ставови. Со особена перцептивна острина тој ги забележува „сеќавањата на заедничкото“, одвојувајќи го глаголот на предлогот „ре“ и именката „припадност“, која во минатото не инклинирала кон „десно“.
Испишувајќи го симболот за изразот на граѓанската непослушност и „Евромајдан“ од пред една декада, Пержовски директно рефлектира на тековната руско-украинска војна, исцртувајќи ја „чизмата на Путин“, милитантната машина – „човек-паун“, илустриран како нагризувачки за цела Европа. Тој ги опфаќа и прашањата за јудаизмот преку симболот на менората, раздвоена помеѓу религиозните императиви и неопходноста да се поседува парче победа, како и прашањата за актуелниот геноцид. Авторот контекстуално коментира теми поврзани со национално-идентитетските прашања, реферирајќи на разбирањето на „северот“ и „југот“, односно (не)исправноста на верувањата во ултимативните именувања. Ги коментира влијанијата на технолошкиот прогрес, паметните технологии и вештачката визави бинаризацијата на човековата интелигенција, како и историјата на современата уметност од превратничка до потопувачка, историјата како хистерија. Иронизирано го коментира класифицирањето на уметникот во рамките на геополитичките транзиции, од источноцентрален (почеток на 1990-тите), југоисточен (средина на 1990-тите), балкански (по 2000) и конечно европски (по 2007). Со поголем акцент на нашата историска државност, Пержовски посочува на последното официјално место каде што опстојувала Југославија – ФИРОМ, како конечно минато преку независноста во–зависност, коментирајќи ја непотребноста од доцртувањето во разбирањето на проектот за монументализација на јавните простори. Како антички освојувач и метонимиски именувано „музеолошко“ божество, заедно со императивите за комерцијализација на „богатото историско наследство“ и „повеќеслојната историја“, Пержовски го преобразува Цезаровиот слоган за убедлива победа: „дојдов, видов, победив“ во уметнички триумф: „дојдов, нацртав, си отидов“. Земајќи ги како појдовни состојбите во американското општество, „длабоката држава“, прекумерното богатење, заговорите, лажните алтернативни вистини, Пержовски, знаковно редуцирано, јасно и директно го расцртува, го десимболизира знамето на Соединетите Американски Држави, одвојувајќи ги и „фрлајќи“ ги на земја базичните симболи што ја прават нацијата голема, заедно со слободата, правдата, љубовта кон земјата и националната цел, односно „петокраките“ (државите во Унијата) и „тринаесетте пруги“ (бунтовничките сили на колониите во Американската револуционерна војна). Тој ја истакнува солидарноста како концепт на полилингвистичкото значење – како „дар“. Она што Дан Пержовски го прави не е само интервенција на весничката вистинитост или лажност, туку интервенција во полето на рецепцијата, вградувајќи го сопственото гледиште/став некаде измеѓу.
Лија Пержовски има интердисциплинарен пристап во формирањето на ликовниот (концептуалистички) израз, втемелувајќи ја својата уметничка пракса во истражувачките методологии. По 1989 и падот на комунистичкиот режим, Лија во соработка со својот сопруг Дан го формира Архивот за современа уметност (АСУ) како простор за алтернативно споделување на знаењето, низ дијалог, работилници, публикации и документарни записи за меѓународните радикални уметнички практики, кои долго време биле прикриени. Концепциски, инсталацијата „Сет за преживување (избор од Музејот на знаењето)“ е формирана преку хронолошки дијаграм на издвоени историски податоци проследени со посебни помагала (висечки елементи во поп-арт манир) за преживување во различни културолошки и општествени контексти. Базирајќи ги истражувањата на „пронајдена фактографија“, Лија извлекува значења од опсегот на можностите како „контекст во движење“, употребувајќи обележувачи (текст, цртеж, слика, налепница) како индикатори за читливост. Приложените материјали, испечатени со ситен фонт, оставаат впечаток на нејаснотија (при читањето), под претпоставка дека идејата е да се претстават архивите во размер 1:1. Уметницата ги употребува референците како: сетилна перцепција, илузионистички конструкции, лажни вести, прашањата за неолиберализмот, атомизацијата на човековото битие, развојот на античката филозофија, историските етапи на човештвото, уметноста, воените походи, големите монархии и диктатури, просветителските фази и индустриските револуции, развојот на науката и пронајдоците, згуснувајќи ги податоците што го опфаќаат минатиот век со референци на дехуманизацијата, војните, апокалиптичните сцени и мигрантски кризи, раселувањето. Податоците за развојот на уметноста се преплетуваат меѓу големите општествени, хуманистички и културолошки прашања. Поновото време ги опфаќа глобалистичките феномени, климатските промени и идентитетски потраги, ерата на информативните технологии, субјективните читања на историјата на уметноста, развојот на критичките теории, двигателите на културите, развојот на историјата на уметноста и теоријата, ликовното образование, формулирање еден вид речник поимник… Клучната реторика на Лија Пержовски тежнее кон разбирање на суштината на знаењето, како средство, како двигател на критичкиот субјект.
Покрај двете големи секции на уметничката двојка Пержовски, на изложбата е поставен интерактивен и партиципациски простор, определен за доцртување, допишување и активно учество од страна на публиката.
Натали Рајчиновска-Павлеска