Благој Ламњов, кларинетист
Благој Ламњов e наш реномиран музичар, кларинетист што живее и твори во Шведска, но периодично ја радува и разнежува и публиката во Македонија.
Неговиот музички пат почнува на девет години, кога се запишува во основното музичко училиште во Велес, каде што учи класична музика. Истовремено, од својот постар брат учи македонски фолклор. Паралелно посетува и културно-уметничко друштво во Велес. На 15 години почнува со образование во средното музичко училиште во Штип на одделот за класична музика. На 19 години се запишува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, но по исчистена втора година се отпишува.
– Таа година се селам во Малме, Шведска, и почнувам на факултет од почеток, на универзитетот „Лунд“, исто така на одделот за класична музика. Дипломирам на универзитетот „Лунд“ во 2008 година, а потоа се преселувам во Америка. Таму претпазливо ги одбирам трите универзитети и учители од кои сакав да учам. Студирам постдипломски студии една година во универзитетот „Мичиген Стејт“, потоа две години на универзитетот „Рузвелт“ во Чикаго и потоа повторно една година на универзитетот „Де Пол“, исто така во Чикаго. Мои четворица главни учители по кларинет сите тие студентски години се: Андерс Оберг (Шведска), Елса Лудвиг Вердер (САД), Џон Брус Је (САД), Лери Комбс (САД). Денес живеам во Малме како слободен уметник и досега имам свирено во речиси 15 продукции на Операта на Малме, во просек четири месеци секоја од нив. Приватно, јас сум човек со слободен уметнички дух, кој настојува да живее како што сака, а не како што мора – како што општеството мисли дека треба да се живее. Обожавам да скијам и последниве години скијам по два-три месеци годишно. Останувам на Јадранско Море два-три месеци годишно. Обожавам да патувам со воз низ Европа. Јапонско карате ми е голема страст уште од детството – ни сподели Благој.
Како би ја опишале својата мисија како уметник?
– Тоа што со сигурност го знаеме е дека музиката, и уметноста воопшто, предизвикува промена на емотивната состојба кај човекот и буди чувства што ништо друго не би можело да ги разбуди. Различни музичари и уметници предизвикуваат различни чувства со своите дела. Јас ја користам музиката за да предизвикам носталгични, емотивни и меланхолични чувства кај слушателот, но и чувства на надеж. Истовремено настојувам да ширам важни пораки во општеството и да всадам емпатија кај луѓето кај кои таа недостасува.
Чест коментар што го добивам од слушателите е: „Твоите албуми ме смируваат“. Тоа е мојата визија за овој свет – смиреност, благосостојба и питомо однесување на човек кон човек. На моите концерти не дозволувам да ја отсвирам „Сербез Донка“ без претходно да ја освестам публиката со приказната и храброста на таа жена, која инспирирала и други македонски жени да го разбудат својот активистички дух и да им кажат „не“ на традицијата и присилното мажење од страна на родителите. Тоа е улогата што еден уметник треба да ја има во општеството – да поместува граници и да му ги „отвора очите“ на својот народ.
Во вашата музика се чувствува длабока емоција – дали можете да опишете што значи за вас „вистинско“ музичко изразување?
– Мое лично мислење е дека вистинското музичко и уметничко изразување доаѓа како резултат на искреноста кон самиот себе и кон личноста или луѓето на кои им се обраќаш со своето дело. Кога уметникот твори за себе, кога е емотивно поврзан со она што го создава, тогаш настанува нешто вистинско. Кога причината за креирање еден уникатен музички правец или уметничка слика се лични потреби, стил на живот и духовна храна. Земете ја за пример љубовната поезија на Рацин, која ја пишувал за својата љубов Раца. Тој не пишувал за публиката или за читателите, туку за една личност. Преку пошта лично ѝ ги испраќал картичките, за таа да може да ги прочита неговите чувства преку зборови. А од друга страна, кога уметникот прави нешто слично како свој колега само затоа што тоа на колегата му донело успех и популарност, тогаш мотивите се бизнис, а не уметнички. Како пример, доволно е да се погледне колку спотови со коњи и комити се појавија по успехот на „Некст тајм“ со „Ја излези, Ѓурѓо“, или колку други проекти со слично име се појавија по прекрасниот проект „Македонисимо“. Некој мудар човек еднаш рекол: „искреноста трае најдолго“. Токму затоа вистинските уметници и композитори од минатото траат до ден-денес, затоа што твореле искрено, за себе, како што им диктирала нивната душа.
Колку вашата уметничка филозофија е за лично самоизразување, а колку за поврзување со публиката?
– Многу убаво прашање! Искрено, сè што правам доаѓа од моја лична потреба. Публиката ми значи и ја третирам со огромен респект, но тешка ми е таа нивна емотивна поврзаност со мене – слично како што на еден доктор му е тешка емотивната врска што ја создава пациентот. Доволно ми е тие да се поврзат со мојата музика и преку неа да ги откријат својата емпатија и чувства кон друг човек. Особено на концертите, секој во публиката ми е еднакво важен. Ги гледам како една заедница што таа вечер се обидува да се соедини и да сфати дека сме си потребни еден на друг. Но никогаш не ја користам моќта на музиката за да создадам „муштерии“. Не сакам таков вид на поврзување. Мојата цел е подлабока од тоа. Јас сакам секој што ќе ја напушти салата да се почувствува еднакво важен во ова општество, без разлика на материјалната или професионалната различност, и да ја почувствува неговата одговорност кон светот ако сака тој свет да биде поубав и попријателски.
Како би го објасниле значењето на акустичните, „живи“ инструменти во време кога технологијата и ВИ се сè позастапени?
– Сега е најдоброто време за нас музичарите што свириме на акустични инструменти! Деца, тинејџери и повозрасни гледаат во инструментот со восхит како да е предмет од друга планета. Сакаат да го допрат, да видат како свириш и се воодушевуваат кога ќе слушнат како произведуваш тон. Емотивните реакции во нивните очи кога те слушаат одблизу се нешто што нема цена. Концертите во живо со акустични инструменти ќе станат единствените места каде што човек ќе може да слушне музика што живее, која има чувства и душа. Добриот инструменталист лесно ќе се истакнува и ќе биде како редок дијамант. Само тогаш публиката ќе биде сигурна дека не е измамена, туку е сигурна дека човекот на сцената сам го произведува тонот и свири. Албумите со акустични инструменти ќе се третираат како нешто многу вредно. Публиката лесно ќе ги препознава оние што користат електрични и вештачки помагала и ќе има огромна почит кон оние што свират акустично. Слухот на човекот ќе се истенчи, а акустичната музика повторно ќе ја врати својата моќ.
Колку ве инспирираат македонскиот фолклор и поезијата на Рацин во вашата музика?
– Македонскиот фолклор, со неговите украси, мелодии и трилери, ми помага да создадам или интерпретирам музика што е различна од сè друго и од сите други класични кларинетисти во светот. Така се издвојувам од нив. Низ светот те прашуваат од каде е ова, што е ова. Од друга страна, поезијата на Кочо Рацин, особено љубовната поезија посветена на неговата љубов Раца, ја користам кога сакам да ги разбудам моите чувства, емоции и емпатија, со цел да создадам подлабока интерпретација на македонска фолклорна мелодија или на композиција што јас сум ја напишал.
Како го опишувате вашето искуство со македонската музичка сцена?
– Досега со македонски музичари сум соработувал главно на настапи и концерти во живо и најчесто јас сум ги повикал. Тогаш работата секогаш оди добро – јас сум лидер, а тие ги следат моите инструкции. Еднаш бев повикан од нашиот обоист Васил Атансов да бидам солист со неговиот камерен оркестар „Скопски солисти“ и бев воодушевен од однесувањето на членовите на оркестарот. Атмосферата беше феноменална и работата многу лесна. Морам да го спомнам и бендот „Скопје Виа“, кој минатата година ме покани како гостин на нивен концерт – почувствував огромна почит од нивна страна. Така што, навистина имам позитивни искуства во Македонија. Само еднаш се случи речиси катастрофа и малку недостигаше да си заминам два дена пред концертот. Сепак останав поради почит кон директорот и градоначалникот, кои со огромен ентузијазам го организираа тој концерт. Што се однесува до моите албуми, досега немам повикано македонски музичар да снима за мене. За во иднина, навистина не знам. Кога избирам луѓе за албум, прво гледам дали ми значат лично. Не сакам кој било да остави свој печат на мојот албум, бидејќи тоа ќе треба да го слушам цел живот, а по 200-300 години неговото име ќе стои до моето кога историчарите ќе пишуваат. Затоа, не ми е важно од каде или која националност е музичарот, туку колку ми значи како човек и како тој го третира светот.
Живеете и работите во Шведска. Како влијае тоа на вашата музичка перспектива и личен раст?
– Искрено, во споредба со Македонија, во Шведска музичката перспектива зависи од самиот музичар затоа што сите информации се еднакво достапни, секој конкурс е отворен за секого неколку месеци однапред и можностите да успееш на музичката сцена се еднакви за сите. Од тебе зависи колку ќе вложиш во себе. За разлика од Македонија, каде што често музичари се вработуваат во државни институции тајно и без аудиција, или одредени луѓе добиваат грст пари од Министерството за култура, или однапред се знае кој ќе победи на „Макфест“ и на „Скопскиот фестивал“.
Само ќе дадам еден мал пример: Се сеќавам, во мојата прва година на факултетот во Шведска се појавија конкурси за неколку стипендии. Бидејќи не разбирав шведски, шведските студенти ми кажаа за тие конкурси и дури ми помогнаа да ги пополнам апликациите, иако им бев конкуренција. Сега можете да замислите како шведското општество од самиот почеток почна да влијае врз изградбата на мојот карактер и зошто македонските колеги музичари ме познаваат по тоа што сум голем бунтовник за еднакви права на сите музичари.
Кои се вашите музички предизвици и каде творечки ќе се упатите во 2026 година?
– Во 2026 година имам намера сам да организирам неколку концерти низ Европа, во градови во кои имам своја публика и каде што има македонски заедници и клубови. Тоа го гледам како еден вид експеримент – би сакал подобро да се запознаам со македонските друштва и заедно да поразговараме за значењето на уметничките концерти што ги реализираат еден помал број македонски уметници спротивно на организираните гласни забави со синтисајзери, саксофони и женски вокал.
Македонските друштва низ Европа мораат да сфатат дека уметничките концерти носат корист за сите нас и придонесуваат за позитивна перцепција на Македонците од страна на локалното население во Европа. За жал, сè уште голем дел од Македонците низ Европа не ги препознава доволно силата и значењето на ваквите концерти, туку најголем дел од енергијата насочуваат кон организирање поинаков вид забави, често во форма на свадбени настани. Мојата намера е токму преку личен контакт, разговор и отворање простор за поинакво размислување, кое ќе придонесе за попитом и подостоинствен углед на Македонците во Европа но и во Македонија, едноставно кажано.
































