KOМШИЈАТА ШТО ДОЦНЕШЕ

Симпатичниот комшија од третиот кат десно ми се пожали дека секогаш кога во понеделник има важен состанок на работа, доцни: „Не знам што ми се случува комшо. Се трудам да стигнам на време, ама не ми оди“. Според неговите зборови, работи во успешна фирма, платата за наши услови му е сосема пристојна, има своја канцеларија, со колешките и колегите понекогаш си делат појадоци замоткани во масна хартија, купени во блиската бурекчилница, со еден од нив, Оливер, Оли, станаа добри другари, со кого на паузите, мезејќи ги баничките со јогурт, разговараа забрзано како да се враќаат во студентските денови…
Инаку, беше редовен на работното место, од 9 до 17 часот. Но во понеделник, сепак доцнеше. Особено му беше незгодно што тоа се случува на стаф митингот што почнуваше во 9 ч., во вообичаеното време за почеток на работниот ден. Кога ќе влезеше во конференциската сала, задишан и затрчан, сите вработени веќе половина час беа наредени на своите места, пред лаптопите, а шефот зад челното биро намуртено ќе го потсетеше дека ова што се повторува секој понеделник е засрамувачки. Сосема е во право, призна комшијата, не знам што ми е што правам така и до кога ќе ме трпат.
Можеби во понеделник треба да се појавите таму половина час порано, му предложив, наместете го будилникот да ве пробуди и бидете прв што ќе се појави во фирмата.
Баш ви е добра идејата, извика, како не се сетив досега, благодарам, многу ви благодарам.
Што се случи понатаму, чув најпрвин од комшивките во зградата, за потоа веста да се рашири низ социјалните мрежи и медиумите. Комшијата навистина го послушал мојот совет и се појавил на работа во 8.30 ч., кога таму била само хигиеничарката што зачистувала и со насмевка се упатил кон својата канцеларија. Подоцна, кога и другите почнале да доаѓаат во фирмата, таа му кажала на Оли дека комшијата веќе пристигнал, па овој весело зачукал на вратата кај неговиот другар.
Но… Во канцеларијата немало никого. Ни во салата, ни во тоалетот.
Следните денови потрагата продолжи, низ градот, низ државата…
Без резултат. Комшијата едноставно исчезнал.
Каде?
ДЕСНО ИЛИ ЛЕВО?
Едно саботно зимско утро отидов до маалската пекарница да си купам осмина бурек со сирење. Надвор, понекој автомобил ќе поминеше по уличките, сѐ уште посеани со бари со мразна скрама од синоќешниот дожд. Луѓето завиткани во капути, капи и шалови брзаа, сигурно поради студот, а можеби за да стигнат што попрво во редицата што чекаше пред пекарницата. Побрзав и јас да застанам зад грбот на една девојка во топла, сива виндјакна, стегната околу половината. Таа, како и повеќето чекачи, молчеше, само една двојка нешто тивко шушкаше. Единствено се слушаше гласот на продавачката: – Кој е следниот?! и на оние што нарачуваа: – Две банички со месо и две јогуртчиња… – Три млечни кифли и три штрудли со јаболко… Дојде на ред и девојката и нејзината ѕвонлива нарачка: – Стапче со сусам, ве молам.
Кога излегов од пекарницата веднаш почнав да го јадам бурекот со брзи залаци, запирајќи се пред уличката низ која се појави еден автомобил прскајќи траги вода по тротоарот.
Девојката стоеше покрај мене со стапчето завиткано во хартиено ќесе.
– Воопшто не внимаваат – реков. Таа кимна. Потоа продолжи преку улицата и сврте десно.
Сѐ уште стоев на другата страна, силно загризувајќи го бурекот. Беше топол, дури премногу топол, можеби затоа што воздухот беше студен и влажен.
Потоа свртев лево.