Кон книгата есеи „Трибун, Хроностерик, Номад“ од Александар Прокопиев
Рецензија
Од неколкуте мои книжевни промотивни беседи, значи, од тие мои скромни искуства научив дека секоја литература може да се толкува или илустрира со друга уметничка дисциплина или со речиси која и да е научна дисциплина. И, одеднаш, добивам на читање книга во која на префинет геометриско/графички јазик се најавува нејзината содржина. Односно, директно нѐ упатува на чисти геометриски форми: Трибун – круг, оној што има устоличено дејство врз современата култура и суштински увиди во јазикот и книжевноста; Хроностерик – триаголник, оној што има јак полемички нагон, остар и отсечен, саркастичен; Номад – елипса, љубопитниот писател патувач низ жанровите како трагач, а не како турист“.
Ова преименување навидум не го олеснува влезот во структурата на книгата, но затоа, пак, е почетно скокоткање на нашата љубопитност. Книгата зборува за лица, ликови авторитети, таленти, креативци, кои можеме дури и графички да ги идентификуваме и каде што авторот понудува своја перцепција. Но читањето ќе ви овозможи сопствена „графичка распределба“ на авторите за кои Прокопиев елаборира. Авторот Прокопиев додава уште малку масло на огнот. Со нови три поглавја најавени во манирот на класичната италијанска музичка номенклатура, упатува на уште една можна синергија помеѓу две уметнички дисциплини – литературата и музиката: Прелудиум – воведен дел во музичко дело; Скеро – музичко дело во живо, брзо темпо; Ленто – музички бавно.
„Трибун, Хроностерик, Номад“ е сериозен (а каков поинаков) научен труд (каков што впрочем му прилега на проф. Прокопиев), труд со есеистичка структура, но и со луцидни наративни интервенции, кои на книгата ѝ даваат речиси ликовно-декоративна визура врз фактографската арматура на научниот корпус на текстовите. Со таквиот однос на почит кон светските и домашните книжевни великани, Прокопиев и формално и стратегиски, нуди жанровски необично четиво, амалгам од текстови, 1 – за кои е корисно да знаете и 2 – текстови за кои сакате да знаете. Лично тргнувам од премисата дека посветениот читач има насушна потреба од реакција врз делото што му е в раце. А во оваа пригода имам и шанса јавно да реагирам врз една алхемична литерарна меласа, чија рецептура Прокопиев несебично ни ја подарува како стимулација и инспирација. Ако ми дозволите да изведам лаконски заклучок, оваа книга е наративна наука и наративна уметност, истовремено. Ова е своевидна збирка од суптилно скенирани/портретирани профили на избраните, со фина и прецизна доза референцијални слики од нивниот спиритуален и ментален капацитет. Но бидејќи приказните на Прокопиев не сакаат да бидат со призвук на форсиран елитизам или монохромна шкртост, во нив (приказните) е вистинска врволешница од вицетрибуни, помошници трибуни, кандидати номади, калфи хронистерици…
Така, Толстој како врвен трибун далеку е од осамен пустиник во неговата Јасна Полјана. Околу него и со него живее и твори вистинска елита од ликови од ексклузивната книжевна генерација на 19/20 век. Толстој со нив комуницира, другарува, се конфронтира, дебатира. Тургенев, Мериме, Зола, Санд, Мопасан, Флобер, Иго, Достоевски, Гете, Чехов, Гогољ, Казанѕакис…
Верувајте ми, неодоливо, акционо/авантуристичко раскажување налик и на возбудливо филмско сценарио. А Јасна Полјана опишана како центар на книжевен аџилак каде што на поклонение дошле и дел од оние што пред малку се спомнати. Или, триесетте страници посветени на Ацо Шопов, кои претставуваат темелен и експресивен омаж (конструиран и деконструиран истовремено) за еден од најзначајните номади на македонската почва.
На домашниот номадски самит неизбежно се присутни и Блаже Конески, Славко Јаневски и Коле Чашуле. А зарем се сомневате дека монтипајтоновци не се филмските хронистерици (оние што имаат јак полемички нагон, остар и отсечен, саркастичен…). Зарем се сомневате дека Џим Морисон е музичко-поетскиот номад (трагач по суштината и слободата) или дека Бергман и Тарковски се филмски трибуни (оние што имаат устоличено дејство врз современата култура и суштински увид во филмскиот јазик…)?
И… одеднаш… homo analitikusot Прокопиев го менува жанровскиот курс. Станува homo naratikus. Од 70-74 страница, како јатка орев врз блага пченица, Прокопиев нѐ облажува со приказната за perroquet enchaine – Прикованиот папагал – која се однесува на Оскар Вајлд, кој поради својата зборливост е препознаен како ара папагал. Се разбира, можно ли е да не се спомне неодминливиот хронистерик/шегобиец Даниел Хармс – вели: „На Достоевски му е затнат носот, Гогољ како и обично, се преслекол во Пушкин, Толстој, како и обично, ги љуби децата, а зад грбот држи патерица“… А вам, читателите ширум ви се отворени портите на фантазијата, на имагинативни лудувања во создавањето сопствени митолошки проекции… Како во Јасна Полјана на Толстој да се разлетале амазонски папагали, како Микеланџело Буенароти имал чудна средба со егзотичното африканско животно ОКАПИ (ниту жирафа ниту зебра), и тоа во предворјето на Сикстинската капела или онојпат кога Џими Хендрикс насред еден екстатичен гитарски риф, подигнувајќи го погледот угоре, ги здогледува Икар и Дадал во ноќен лет (без опасност сонцето да им ги опрли крилјата)… А во првите редови од публиката седи лично Сократ и отсутно, но во ритам ниша со побелената глава… Сѐ во име на слободната мисла и нескротливата авантура за откривања по бескрајниот простор на духовни патувања… како оние на нашите Јадранка Владова и нејзината поетска проза за мистериозните лавиринти на скопскиот Бит-пазар (Скарбо); Драги Михајловски со неговите прекршени раскажувачки конвенции со кои ги спојува гротескното, ироничното и натприродното (Лилјак) и Димитрие Дурацовски за кого сонот и јавето се неодминлив процес на фантазмагоричниот од на постоењето (Мебиусовата лента).
Да заклучам, книгата што е пред вас (а малку подоцна и во вашите раце) е полнокрвен есеистички примат или, сликовито, расна горила во недопрена џунгла.
Просто е неверојатно колку еден дел од „Инсомнија“ (2001) на Димитрие Дурацовски зрачи со антиципација на нешто што требало да се напише 23 години подоцна – односно оваа книга на Прокопиев. „…Но најдобар термин е фикција. Укажува, од една страна, на тоа дека една нова структура – веројатна или неверојатна – ја додадовме кон оние што постојат. Од друга страна, укажува дека не настојуваме да го следиме она стварното. Најпосле, укажува на тоа дека ја преведуваме субјективната стварност. Книжевноста, практичната лага, е психолошка вистина. Сега ја дефиниравме книжевноста: сомнителна вистина“. Чинам и дека мотото на книгата на Прокопиев сосема се совпаѓа со зборовите на Дурацовски.
Влатко Галевски